Коритото на Градска река е рак рана на изгледот на Прилеп – Може ли ова да стане реалност и гордост на прилепчани? (ФОТО)

Разубавување на кејот на реката со поставување на атлетска патека, пешачка зона и станици за вежбање со справи – стои во еден од проектите на кандидатот за градоначалник за општина Прилеп Жарко Бошкоски, кој на престојните локални избори е поддржан од коалицијата „Искуство за успех“, формирана од политичките партии ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

-Спортот и рекреацијата се основа за здрав живот и заеднички дух. Во Прилеп сè повеќе млади и возрасни граѓани се интересираат за трчање, брзо одење и активен живот, но во градот нема вистинско место за оваа активност. Кејот на реката е природна локација која со години е запоставена и бара вистинско уредување и разубавување – стои во описот на проектот.

Бошкоски вели дека оваа патека ќе биде модерна, со специјална подлога за трчање, уредена пешачка зона, безбедно осветлување, а планираното е да се постават и фитнес станици со справи за вежбање на отворено, како и места за одмор и дружење.

-Со ваквиот проект не само што ќе им овозможиме на спортистите и рекреативците безбедно и пријатно место за тренинг, туку ќе го разубавиме и целиот градски амбиент. Кејот ќе стане простор за спорт, рекреација и дружење – чист, безбеден и модерен дел од Прилеп кој ќе биде гордост за сите граѓани. Нашата цел е здрав, активен и заеднички Прилеп, вели Бошкоски.

Ако се земе дека речното корито на Градска река е рак рана на изгледот на Прилеп, овој проект треба да се најде во агендата на било кој градоначалник и власт. Прилепчани се желни за спортување, прилепчани сакаат да трчаат, па изградбата на вакви патеки со сигурност ќе биде од огромно значење, како за младите, така и за повозрасните жители.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.