Воочи престојниот зимски период во општина Битола се одржа координативен состанок, со сите вклучени чинители во Зимската служба.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски и раководителката на Одделението за комунални дејности Марјана Спасевска, ги запознаа претставниците на претпријатијата кои се дел од Зимската служба на општина Битола, СВР Битола и останатите претставници, со програмата за Зимската служба 2025-2026 година, која ќе се најде на дневен ред на следната седница на Советот на општина Битола.
Преку организационата поставеност се дефинира обемот на работите и задолженијата на директните учесници вклучени во реализација на оваа Програма како и начинот на нивното делување.
Координирањето на активностите во зимски услови го врши Координативно тело формирано од градоначалникот, составено од претставници на Комисијата за јавни комунални дејности на Советот на Општина Битола, јавната администрација на Општина Битола, Општински инспекторат, јавни претпријатија, СВР Битола и Дирекција за заштита и спасување – Битола.
Навременото организирање и планирање на интервенциите е со цел подготвеност на зимската служба за соодветно постапување во зимски услови.




























