Концерт на дуо афирмирани изведувачи од Прилеп во Центарот за култура “Марко Цепенков”

На 5.11.2025/ среда/ со почеток во 19.00 ч. во фоајето на НУЦК ‘Марко Цепенков’ – Прилеп, ќе се претстави дуото на две афирмирани изведувачи – Кети Петреска – хармоника и Христина Никоска Тасеска – пијано.

Вечерта ќе биде посветена на музичка филмска литература, со внимателно избрани камерни автори и композитори од поновите епохи – Маријанели, Хачатуријан, Галијано, Тирсен и други.

Иако двете изведувачки делуваат и како педагози и солисти, ова не е прво концертно претставување на дуото. Kако спој на класичните со вариете стиловите настапуваат неколку години.

Податоци за уметниците:

Христина Никоска Тасеска е родена во Прилеп, а матурира и дипломира во Скопје во класите на проф. Људмила Романова и проф. Марија Ѓошевска. Во текот на своето образование, се стекнува со повеќе награди на државно и меѓународно ниво, учестува на семинари и академии со врвни педагози како Антонио Сориа-Барселона, Мирослав Красовски-Тел Авив, Лејла Пула-Косово и други. Редовно настапува како соло и како камерен изведувач, учествува на повеќе фестивали, како: ‘Есенски музички свечености’, ‘Златна Лира’, ‘Охридско лето’, ‘ДММ’ и други. Бележи настапи и како солист со Македонската филхармонија и солист на чембало со оркестарот ‘МММ’. Исто така концертира на меѓународните сцени, како Вејфанг-Кина, Њу Јорк, Софија, Белград и повеќе места низ Србија. Од 2012 работи како професор по пијано во ООМУ ‘Ордан Михајлоски-Оцка’ – Прилеп и во својот досегашен стаж има освоено над 250 награди на државни и меѓународни натпревари.

Кети Петреска е родена во Прилеп, средно музичко образование завршува во Р. Србија, Краљево, во класата на проф. Владимир Мандиќ. Високото образование го продолжува на музичката академија во Источно Сараево, БиХ, во класата на проф. Данијела Газдиќ. Како ученик и студент, добитник е на многубројни награди на државно и меѓународно ниво каде остварува високи резултати, додека во меѓувреме редовно учествувала и на бројни концерти и фестивали во Србија и БиХ. Своето знаење го надоградува кај реномирани акордеонисти: Јури Шишкин, Радомир Томиќ, Војин Васовиќ и други.

Од 2010 год. работи како професор по хармоника во ООМУ ” Ордан Михајлоски – Оцка” – Прилеп каде што постигнува забележани резултати со своите ученици. Ангажирана е во работата на стручно жири на домашни и меѓународни натпревари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.