Конфедерацијата на слободни синдикати утре на протест во Прилеп

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) за утре најавува протест во Прилеп барајќи зголемување на платите во јавниот сектор, усогласеност со минималната плата и исплата на К-15 во јавниот сектор. КСС бара и работа без притисок и мобинг, почитување на законите и колективните договори и почитување на социјалниот дијалог.

– Почнуваме во Прилеп да го искажаме нашето незадоволство, но доколку не отпочат преговори за покачување на платите во јавниот сектор и додека не се откаже Владата од трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор, ќе продолжиме и понатаму, истакна претседателот на КСС, Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.

Барањата, како што посочи, се доставени до надлежните министерства и до Владата, но досега нема никакви преговори. Од Синдикатот се пожалија на опструкции за утрешниот протест од страна на некои институции кои, како што рекоа, утре организираат обуки за вработените на кои присуството е задолжително.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.