(Колумна) По “ДЕВЕТКАТА” во Тетово: Aлооо Победа, ти си срам за фудбалски Прилеп

ПО „ДЕВЕТКАТА“ ВО ТЕТОВО: АЛООО ПОБЕДА, ТИ СИ СРАМ ЗА ФУДБАЛСКИ ПРИЛЕП!!!

За sportmedia.mk пишува: Зоран Ѓоршоски

Победа и официјално е второлигаш. И редно беше. Доста е веќе. МАРШ во Втора лига и немој да се враќаш се додека не научиш што е фудбал, додека не научиш што е фер-плеј, кога тоа што го имаш во твојот „ген“ а потекнува од 2004 година, се потрудиш да исчезне. АЛООО ПОБЕДА, ДА, ТИ СИ СРАМ ЗА ФУДБАЛСКИ ПРИЛЕП. На што личеше она вчера под Шара. Таа „деветка“ долго, долго ќе биде твојот срам, можеби никогаш нема да исчезне, избледи. Засекогаш ќе биде запишано: На тој датум, а вчера беше 04.05.2019, Ренова со 9:1 ја совлада Победа. Тој пораз е еден од највисоките во историјата на ПМФЛ, веројатно и во историјата на клубот. За ова се виновни сите играчи, сите тренери и сите челници кои вчера беа вака или онака врзани или поврзани со клубот. Виновни се и претходните раководни лица од сезонава. Покажаа таков аматеризам што навистина е фрапантно. Од еден бренд, од една гордост на Прилеп, да направиш сра.е. Сите да ти се смеаат, твоите натпревари во обложувалниците да ти ги блокираат.

За ова некој мора да одговара, тука мислиме за онаа вчерашна „деветка“, да одговара и за оние мечеви со А. Пандев, но и за некои други. Видете, Победа не е толку слаба, тоа го докажа со победата над Работнички во Скопје кога нејзините играчи играа како да им зависи животот. А вчера, вчера недостигаше уште малку сами да си ја тресат мрежата, а целта како да беше една, како да се сакаше на Ренова да и се помогне да победи што поубедливо. Има многу што да се пишува, но авторот на овој текст едноставно нема зборови со кои може да го опише очајот на Победа, вистина е кога некогаш ќе се каже – ОСТАНАВ БЕЗ ТЕКСТ…

На крај порака до играчите, тренерите, раководните лица, спонзорите на клубот, но и до сите оние кои на некој начин се во Победа и се со Победа во овој момент, но и во изминативе 2-3 години. Сега откако го донесовте срамот гледајте само да не ви се повтори периодот по оние неславни мигови по таа 2004 година кога се продаваше „муда за бубрези“, кога уште виновни знаевте да „продавате“ фудбал, кога дури така „обележани“ го водевте и мак – фудбалот, а сега сакате да се вратите на голема врата, како ние да сме заборавиле што правевте, со какви глупости се занимававте. Порака до вас да престанете да ја „сакате“ Победа, доста е веќе. На ваше место да дојдат силни спонзори, а Прилеп има такви, да дојдат чисти луѓе кои ќе знаат што треба да се направи за да таа Победа игра со срце, кои ќе знаат што треба да сторат за да со таа Победа сите се гордееме, пред се прилепчани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.