Пишува: Никола Трајкоски
Додека низ улиците веќе се лепат постери, а партиските штабови се претвораат во изборни командни центри, повторно ни се сервира истиот театар наречен локални избори. За власта – ова е шанса да го одбрани „напредокот“. За т.н. умерена опозиција – можност да добие дел од пазарот на политички капитал. А за нас, кои одбиваме да учествуваме во овој корумпиран систем – уште еден ден кога заробената демократија ќе се легитимира преку гласачките кутии.
ИЛУЗИЈА НА ИЗБОР
Секоја четврта година ни се нуди „избор“, но во суштина тоа е само привид. На хартија има повеќе кандидати, но реално сите се дел од истата политичка класа која со децении ја паразитира државата. Левица, десница, центар – реториката им се разликува, но интересите се идентични: моќ, пари и контрола. Што и да избереш – ти избираш менаџер на туѓа агенда, а не автентичен претставник на народот.
ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ КАКО ПРОДОЛЖЕНА РАКА НА ЦЕНТРАЛНАТА МАФИЈА!
Многумина мислат дека локалните избори се „помалку политички“ и дека локалната власт е поблиску до граѓаните. Во реалноста, токму општините се базите на клиентелизам, корупција и партиска злоупотреба. Градоначалници кои градат тротоари по цени на автопати. Совети што ги одобруваат урбанистичките злосторства на олигарсите. Комунални претпријатија претворени во партиски штабови. Ова ли е демократија?
АПСТИНЕНЦИЈАТА Е ПОЛИТИЧКИ СТАВ
Ќе ве убедуваат дека апстиненцијата е рамнодушност. Дека мора да се гласа за „помалото зло“. Но зошто да гласаме за било какво зло? Зошто да му даваме легитимитет на систем кој нè гази, краде и понижува? Радикалната опозиција не се мери по бројот на гласови, туку по јасниот став: оваа политичка реалност е неприфатлива.
ВИСТИНСКАТА ПРОМЕНА ДОАЃА ОД НАС!
Локалната власт може да се смени само ако граѓаните станат свесни за својата колективна моќ. Ако блокираат, окупираат, се самоорганизираат. Ако престанат да бараат спас од лидерите и почнат да создаваат алтернативи – хоризонтални, транспарентни и директно демократски.
ПОЗДРАВ ЗА СИТЕ МОИ СОГРАЃАНИ ОД КОКОЛЕ!