Нема одговори од градоначалникот Илија Јованоски и општина Прилеп на поставените прашања од прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, од опозициската партија деновиве го прашаа градоначалникот колку ќе чинат изведувачите на овогодишниот “Пивофест”, а побараа одговори и околу организацијата на фестивалот.
Меѓу прашањата упатени до Јованоски, на прес конференцијата која ја одржа советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Андриана Ристеска, се и следните:
“Дали градоначалникот лично го познава менаџерот од Србија, Добривоје Марински и која е нивната поврзаност?
Дали уште пред неколку месеци ја прифатил оваа прелиминарна програма за фестивалот?
Колкава била цената на овие изведувачи, а колку изнесува ангажманот на сега избраните?
Дали поради несериозноста на Јованоски и неговиот тим во општината, се изгубила можност за организатор на фестивалот да биде избрана светска продукција?
Дали поради гледањето на сопствените интереси, “Пивофест” изгуби можност да ја врати старата слава и тоа за иста цена?
Како е возможно без одлука на Совет да биде избран организатор?”
Дали во комисијата за избор на организатор која Јованоски по свој терк си ја формира, има вклучено надворешно лице на договор и која е потребата од тоа?
Oд општината засега нема никаков одговор како се одвивал изборот на изведувачи и колку секој од нив ќе биде платен.