По верификувањето на мандатите за пратеници на Дејан Проданоски и Билјана Кузманоска, нови двајца советници ќе седнат во клупите на Советот на општина Прилеп.
Распоредот на силите во Советот на општина Прилеп по локалните избори во 2021 година беше следен: ВМРО-ДПМНЕ 14 советнички места, СДСМ 10 и ЛЕВИЦА 2.
Проданоски беше носител на советничката листа и до скоро беше претседател на Советот, а Кузманоска во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ влезе како четиринаесетта на листата.
Нивните места остануваат испразнети во Советот, а на листата следни кои треба да влезат во советничките клупи се Рубинчо Абрашоски и Жанета Видеска.
Но, со оглед дека двајцата извршуваат директорски функции, Абрашоски во ЈКП Комуналец, а Видеска во СОУ “Ѓорче Петров”, ќе треба или да се откажат од директорските позиции или советничкиот мандат да го препуштат на следните двајца, односно Алмир Сулејманоски и Мирјана Конеска.
Сулејманоски е припадник на ромската заедница и верско лице, а Конеска е вработена како медицинска сестра во прилепската градска болница “Борка Талески”.
Oстанува да ја почекаме наредната седница на Советот на општина Прилеп и да го видиме развојот на настаните, кога ќе треба да се избере и нов претседател.