Кога културата се гаси тивко: Министерството се откажа од Prilep Jazz Weekend во годината кога фестивалот треба да слави 15 години

Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“, организатор на фестивалот Prilep Jazz Weekend, ја информира јавноста дека Министерството за култура, по 14 години континуирана институционална поддршка, одлучи да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.

Соопштението од “ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП” во целост го пренесуваме во продолжение:

Оваа одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Prilep Jazz Weekend не е експеримент, не е моментален проект, не е лична иницијатива без континуитет. Тоа е фестивал со историја, со публика, со јасна програмска визија и со препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната слика на Прилеп и пошироко.

Затоа, логично се наметнуваат неколку прашања што заслужуваат јавен одговор:

-Дали културната политика на државата свесно оди кон централизација, со што систематски се укинуваат или маргинализираат културните настани во помалите градови?

-Дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериумипри распределбата на јавни средства?

-Дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни, или селекцијата се прави селективно, по неформални критериуми и под нечиј вкус, притисок или диктат?

Со вакви одлуки, културата надвор од главниот град не се развива – таа се гаси тивко, без објаснување и без одговорност. Ова не е само удар врз еден фестивал. Ова е порака до сите културни работници во внатрешноста дека нивниот труд е лесно заменлив или целосно небитен, без оглед на годините работа и резултатите зад себе.

Прашањето е едноставно:

Дали Република Македонија сака жива, децентрализирана култура, или култура сведена на неколку локации, неколку имиња и неколку „подобни“ проекти? Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои затоа што зад него стои публика, идеја и упорност.

Но, јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено кога тие доаѓаат однадвор од центарот.

Бараме транспарентност. Бараме образложение. Бараме одговорност. Затоа што културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка. Културата не е привилегија. Културата е право. И таа мора да биде достапна насекаде.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.