Наводите за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни, а од тоа пораката е дека нашите надлежни институции, истражните и правосудни органи треба да ги испитаат податоците во соопштението на Стејт департментот. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски кој на денешната прес-конференција ја прокоментира одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на црна листа струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко поради наводи за значителна корупција и мешање во судски процеси во земјава.
-Го прочитав соопштението и можам да извлечам порака дека САД се наш најголем стратешки партнер и ќе помагаат во борбата против корупцијата и да се воспостави владеење на правото. Исто така треба да се запрашаат како САД дошле до такви информации, а се наоѓаат до неколку илјадници километри од овде, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според премиерот, ваквата одлука на САД уште еднаш потврдила дека „му треба ремонт на нашиот правосуден систем и ова уште еднаш истакнува колку е потребно интегрирање во ЕУ, што ќе доведе до зголемување на владеењето на правото“.
На прашањето дали ќе им сугерира на советниците од СДСМ во Советот на општина Струга, да му ја откажат поддршката на градоначалникот, Ковачевски рече дека Мерко мора да одговори за неговиот мандат бидејќи е избран функционер на директни избори.
„Советничките групи треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму. Бил градоначалник во повеќе мандати и соработувал со сите советнички групи во општината. Треба да седнат и да размислат како ќе продолжат понатаму“, додаде Ковачевски.