Клубовите и првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ, ќе имаат состанок за да изнајдат решение за иднината на мак-баскетот кој во моментов е стопиран заради долгови кон судиите.
Судиите стапија во штрајк, стартот на плеј-офот се одложи, па дојде реакција од клубовите кои побараа средба со првиот човек на мак-баскетот и судиите за да најдат некакво решение, за да не трпи кошарката.
„Согласно членот 27 од Статутот на КФМ, како клуб, член на Федерацијата и претседател на Здружението на клубовите од Втората лига мажи, а знаејќи ја ситуацијата во која сме вклучени не по наша вина, односно блокирани се сите првенства во организација на КФСМ, бараме итен состанок со сите вклучени страни во овој спор или раководството на КФМ, претседателите на сите здруженија и СК ма КФСМ, в понеделник, 14.04.2025 година во 12 часот, со единствена точка на дневен ред – изнаоѓање решение за продолжување на првенствата“, пишува во барањето потпишано од првиот човек на КК Ангели, Благоја Кечовски.
Судиите претходно во соопштение потенцираа дека даваат една недела да се исплатат сите долгови, а не делумно, како што нудеше Федерацијата.