Кафе Бар Читална победник на 15-то издание на KGJ 3×3 турнирот – Над 3.000 публика, организација каква нема ни на првенствени натпревари (Фото галерија)

Петнаесеттото издание на турнирот во баскет „КГЈ3Х3“ во Прилеп се претвори во вистински спортски празник. На отвореното игралиште при ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ три дена се играше кошарка на високо ниво, а околу 3.000 љубители на баскетот го проследија турнирот од трибините во трите натпреварувачки дена – бројка што може да се спореди со посета на првенствени натпревари во најпопуларните спортови.

Натпреварите се одвиваа во три категории. Во сениорската конкуренција од вкупно 16 екипи најуспешна беше екипата на “Кафе бар Читална”. Иако во групната фаза загуби убедливо од „Девет кила“ со 21:8, на останатите натпревари забележа само победи. Прво славеше со 18:7 против „Екипа за големи дострели“, потоа со 21:15 против „Антомос“. Во нокаут фазата продолжи во ист ритам – во четвртфиналето беше подобра од „Рамен појас“ со 12:7, во полуфиналето ја совлада екипата на „Велес“ со 21:12, а во возбудливото финале извојува победа од 17:13 против „Дизниленд“.

Во категоријата до 17 години титулата ја освои екипата “Дама”, која во драматично финале славеше над “Еуротерм” со резултат 21:19. Во новата категорија наменета за корпорации, првото место го освои “Матадор”, кој во финалето беше подобар од “Балчак” со 14:8.

Организаторите на турнирот – Стефан Стевананџија, Стефан Костоски и Марио Маџоски – добија исклучиво позитивни коментари за организацијата. Високата оценка ја потврдија и самите учесници, меѓу кои имаше екипи не само од Прилеп, туку и од Битола, Кавадарци, Велес, па дури и од Турција.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.