Капитенот Бозароски – “Прилеп може да оди едно скалило погоре”

– После повеќе од 12 години доаѓа добра шанса за градот да гледа европски ракомет

Visok_skok_protiv_Vardar_-_Aleksandar_Bozaroski

Ракометниот тим на Прилеп постигна пласман во европскиот Челенџ куп, а еден од најзаслужните е капитенот Александар Бозароски. Со своето искуство беше носител на играта. Квалитетот го покажа и против најсилните ривали. Речиси на секој меч беше меѓу најдобрите стрелци.

Оценка за сезоната?

– Со оглед на тоа што се зборуваше за опстанок, оваа сезона е повеќе од успешна. Скромниот буџет не ветуваше многу, но со многу труд и трпение докажавме дека тој нема да биде пречка за остварување на пласманот во плеј – офот.

Што пресуди?

– Желбата кај играчите да докажат дека можат да се носат во тешка конкуренција. Организираноста и поставеноста на Стручниот штаб придонесоа за високиот пласман. Екипата напорно тренираше и успешно ги спроведуваше задачите. Резултатот е посакуван.

Победувавте на гости?

– Голема улога имаа советите на тренерот Петрески. Цело време потсетуваше да веруваме во квалитетите и да се бориме до последниот свиреж. Дел од натпреварите ги добивме во последните секунди, карактеристика што не беше одлика во минатите сезони. Од меч во меч растевме психолошки, што сметам дека беше пресуден фактор.

Најдобра партија?

– Имаше повеќе, но еден да издвојам, а тоа е мечот со Охрид дома. Натпреварот лошо го почнавме и губевме со 2-9. Кога се мислеше дека загубивме, собравме сили, одигравме и постигнавме победа. Публиката се заблагодари со силен аплауз.

Вашата игра?

– Како капитен и еден од најискусните, се очекуваше да повлечам кога е најпотребно. Успешно одговорив на барањата. Но, лесно е кога зад себе ја имате екипата, која точно знаеше што сака. Дел од натпреварите ги пропуштив поради повреда, но мило ми е што екипата успешно играше и без мене.

Каква е иднината?

– Екипата е во нагорна линија и така треба да продолжи. Нужно е да се задржи поголемиот дел од играчите. Претстои потежок период, бидејќи со нашите игри се задолживме кај публиката, која ќе очекува најмалку повторување на успехот. Овој состав со неколку нови, може да се оди скалило погоре.

 Челенџ купот?

– После повеќе од 12 години доаѓа добра шанса да се гледа европски ракомет во Челенџ купот. Настапував во овој куп со Тутунски. Сум ја почувствувал европската сцена. Искуството добро ќе го искористам да помогнам на тимот.

Сеќавањата за тоа време?

– Спомените тешко излегуваат од главата. Добро го паметам мечот со Пивоварна Целје. Беше екипа од светски ранг, со Периќ, Рутенка, Вугринец, Кокшаров, Жвижеј, Милосављевиќ, Томшич, кои наредната година ја освоија лигата на шампионите. Доаѓаа и други ѕвезди, како Лиевски, кој играше за полскиот Сласк, Абало за францускиот Иври.

Што мислите за преселбата во Универзална?

– Салата е најболното прашање. На ракометот му е потребна  поголема сала. Училишната во “Ричко” е претесна да ги собере фановите. Би бил презадоволен да се вратиме во Универзална. Се надевам дека ќе се активира, заедно, со целиот град, да го вратиме духот на овој ракометен храм.

 

Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.