Во претходниот систем на едноумие, гласањето, макар и за најниско, оштинско ниво, било само формалност.
Се знаело однапред кој ќе биде намесник, секретар или претседател на општината. Алфа и омега била единствената партија – комунистичката.
Повисокиот ешалон решавал и за последниот државен службеник. Тешко се стасувало до работно место без книшка од КПЈ.
За секој имало досие, податоци од поранешното дејствување, па дури и се проверувало семејното стебло.
Фотографиран е момент од симболичното гласање за општински совет во 1963 година. За писмените имало ливчиња со “ДА” или “НЕ”, а за неписмените системот бил поинаков.
Тие гласале со гумени топчиња во три кутии. Првин земале гумено топче, го стегале да не се гледа и ја ставале раката во трите кутии една по друга, без да ја отворат.
После третата кутија, ја испружувале дланката да покажат дека го испуштиле топчето во кутиите “ЗА”, “ПРОТИВ” и “НЕОДЛУЧЕНИ”.
Топчињата биле гумени да не се слушне кога ќе падне некаде. Се зборувало, најчесто да се предизвика страв, дека кутиите се без долната страна и некој долу знае кој за што гласал.
Арно ама, како и да гласале, комисијата која ги броела гласовите го имала крајниот збор и одлучувала кој ќе биде избран.
Извор: “Неделник Зенит”