Во пресрет на 8.август кога се празнува големиот христијански празник посветен на Светата преподобна маченичка Параскева, се потсетуваме како Прилеп после 100 години доби нов велелепен црковен храм кој денеска е гордост на сите – на верниците, свештеништвото, на сите прилепчани.
Денот кога се слави празникот за Прилеп е истовремено и радосен и тажен, радосен затоа што храмот кој го носи името на светителката во населбата “Точила” е исполнет со верници преку целиот ден, а тажен затоа што на истиот ден во 2001 год. Прилеп загуби 10 синови на Карпалак.
Токму затоа храмот Св. Петка има посеба симболика за прилепчани, тука освен за свое здравје, прилепчани се потсетуваат и се молат за загинатите бранители на Карпалак и нивните семејства.
Оваа година се навршуваат 10 години од осветувањето на храмот. Токму во 2015 година, благодарение на заедничкиот труд и молитви, Прилеп се здоби со уште еден светилник пред Господа, кој служи за собирање пред него, обединување во Господа, победување на сите маки и неволји, и растење во славата Господова.
Иницијативата за изградба на храмот почнала во мај 2005 година, во канцеларијата на штотуку избраниот градоначалник Марјан Ристески, воден од желбата градот да добие нов храм после еден век, но и светилиште каде вечно ќе се нагува споменот на паднатите бранители. Неговата желба и идеја наиде на огромна поддршка од бизнис секторот, прилепскиот еснаф, семејства кои со генерации создавале во градот…
Мотивот бил датумот на загинувањето на десетмината прилепски бранители на Карпалак на 8 август, датум кој се поклопува со верскиот празник, посветен на Св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка. На состанокот биле присутни градоначалникот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администрато Австралиско-новозеландски г. Петар, архиерејскиот намесник протоерејот Благоја Станкоски, електроинжинерот Винко Тодороски и архитектот Бранко Нешкоски.
На состанокот била утврдена потребата од изградба на храм во чест на „Св. Петка“. Во согласност со важечката урбанистичка документација, била избрана моменталната локација за изградба на храмот и било разгледано предидејното решение за црквата изработено од архитектот Бранко Нешкоски и биле дадени насоки за големината и стилот на градбата на храмот, во согласнот со претпоставените потреби имајќи ја предвид големината на населбата Точила во Прилеп.
Првиот состанок и формирањето на Иницијативниот одбор за градба на храмот се одржал на 13.07.2008 год. во хотелот „Кристал Палас“. На овој состанок биле присутни: градоначалникот Марјан Ристески, архиерејскиот намесник прот. Благоја Станкоски, Бранко Нешкоски – директор на ЈП за ПУП, Миле Ристески – сопственик на х. „Кристал Палас“, Дино Москов – АД пиварница Скопско, д-р Наде Караџоска – ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“. На овој состанок била донесена и Одлука за избор на Иницијативен одброр за изградба на храм „Св. Петка“.
Се утврдува изборот на Иницијативен одбро за градба на храм „Св. Петка“ во состав:
1. Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар,
2. Протоереј-ставрофор Никола Грамбозов – Архиерејски заменик,
3. Протоереј Благоја Станкоски – Архиерејски намесник,
4. г. Миле Јанакиески,
5. г. Симон Наумоски,
6. г. Кирил Самарџиоски,
7. г. Горан Попоски,
8. г. Трајче Спасески,
9. г. Цветан Спиркоски,
10. г. Гордан Бошкоски,
11. г. Миле Ристески,
12. г. Дино Москов.
Во наредниот периодовој состав бил проширен со нова со нова О Д Л У К А
За нови членови на Иницијативниот одбор за изградба на храмот „Св. Преп. мч-ца Параскева“, нас. Точила, во Прилеп, се кооптираат следните лица:
1. г. Марјан Ристески,
2. г. Сашо Наумоски,
3. г. Сашо Самарџиоски,
4. г. Бранко Нешкоски,
5. г-ѓа Наде Караџоска,
6. г. Винко Тодороски,
7. г. Владимир Сапунџиоски.
Стари велат: “Црква се гради тешко, камен по камен, денар по денар, а сето тоа за да трае, да биде тука и после 100, 200, 300… години”. Осум години беа потребни за градот да добие совршена градба, која денеска грее со својата убавина и раскош, со прекрасно уредено плато, полно со цвеќе…
Осветувањето во 2015 го изврши Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение со Митрополитите Тетовско-Гостиварскиот г. Јосиф, и Кумановско-Осоговскиот г. Јосиф. На Литургијата пееја двата градски прилепски хора, едниот од црквата „Свето Благовештение“ и другиот при новоосветената црква „Света Петка“, под диригентската палка на протопсалт Георгиј Секулоски. Беше тоа една прекрасна глетка која донесе голема радост кај верниците.
Со тоа Прилеп после еден век доби нов – четврт црковен храм во градот, во населбата каде живеат речиси една третина од прилепчани. Низ годините храмот се разубавуваше, се доградуваше, се одржуваа донаторски ручеци, помош пристигнуваше од сите страни. Така е и денеска, кога се работи на целосно фрескоживописување, храмот е речиси целосно ограден, а посветеноста на свештенството придонесе да се организираат голем број хуманитарни концерти и настани, се со цел храмот целосно да биде доизграден.
Нека е за многу години престојниот празник и нека е за век и векови црковниот храм Св. Петка во Прилеп!