СЈО е неуставна категорија во македонскиот правен систем. Тоа е ноторен факт. Овој парадржавен орган полека, но сигурно прерасна во заштитен знак, во симбол на противуставноста во земјата па кога сакаме да кажеме дека нешто е спротивно на Уставот велиме е тоа е состојба исто како што е СЈО во системот.
СЈО стана „бренд“ не само поради сопствената уставно-правна дефектност и канцерогеност во системот, туку и поради начинот на кој јавните обвинители и извршители во него го читаат и го применуваат Уставот и законите. Во СЈО владее чувство како јавните обвинители да се натпреваруваат меѓу себе кој пополтронски и посупозиториски ќе го примени Законот за кривичната постапка во полза на својот налогодавец, шефот Заев. Во СЈО како да стана пракса законските одредби наместо да се применуваат така како што се напишани, да се применуваат така како што им се по волја на Заев и неговата тајфа. Тоа е така затоа што овој орган гледаме дека и се создаде за да игра по нотите на СДСМ. Како поминува времето, и како овој орган постапува по предметите, односно како се отвораат нови предмети, станува јасно дека целта на неговата работа не е да се дојде до правдата, ниту строго да се држи до правото, туку сосема обратно. Крајната цел е да му се помогне на Заев да го сотре најнапред актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и сите членови, симпатизери и поддржувачи на оваа партија со цел Заев и СДСМ смирено и на раат да си ја тераат агендата за раскрчмување на државата.
Заев и странскиот сценарист знаат дека без силно ВМРО-ДПМНЕ тие ќе имаат одврзани раце да прават со и во државата што сакаат, и дека таквите постапки без оваа партија можат да поминат без некои посилни бранувања и критики. Видовме како СЈО се изживуваше врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид затоа што замислете донирале пари за својата партија. Видовме бројни изјави од членови на ВМРО-ДПМНЕ кои сведочеја како специјалните јавни обвинители им изнудувале изјави насочени против одредени членови од раководната структура на партијата. Целта на овие противзаконски дејствија на обвинителите и извршителите е да се оцрни што е можно повеќе раководната партиска структура во јавноста, како и да се нанесе што е можно поголема штета кон нивната личност и достоинство.
Масовното повикување на членството на ВМРО-ДПМНЕ да се појават во улога на сведоци во постапката по одредени предмети на СЈО не е ништо друго, туку водење психолошка војна против партијата и против раководните луѓе во партијата.
Сите до сега отворени предмети од страна на СЈО се правно рушливи предмети. Сите предмети се темелат на незаконски прибавени информации кои не се, ниту можат да бидат докази во кривичната постапка. СЈО и сите јавни обвинители во овој туморен орган во системот го знаат ова, но нивната задача не е обвиненијата да ги засновуваат врз овие „докази“, туку истите да ги употребат како мамка во постапката, како тизер врз кои ќе можат да повикуваат сведоци. Стравот дека некој е повикан за сведок во предистражна постапка е втората мамка во работата на СЈО. Обвинителите и истражителите сакаат да играат на картата психолошко влијание дека некој е повикан за сведок. Најголем дел од луѓето веројатно прв пат ќе бидат соочени со поведена постапка пред државен орган во која тие ќе треба да бидат во улога на сведоци. Токму тука и лежат најголем дел од манипулациите на надлежните во постапката. Се употребуваат недозволиви и законски недопуштени дејствија, се вршат изнуди, измами, присилба, вербална или друг вид закана врз лицата повикани за сведоци со цел специјалните јавни обвинители и истражители да добијат што е можно повеќе наводни признанија и изјави од членовите на партијата дека раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ била инкриминирана или дека ги вовлекувала членовите во некакви незаконски дејствувања. Целата игра на СЈО е токму таа. Да приберат што е можно повеќе изјави од членовите на ВМРО-ДПМНЕ против раководството на партијата. Класичен кодошки принцип и тактика познат и признат во партиската база на СЈО-СДСМ. Со оглед дека целта е таа, се поставува прашањето како се помасовно таргетираните членови на партијата да се одбранат од оваа тактика на психолошка војна која е во игра и која смислено и плански ја применува СЈО и како овие лица да си ги заштитат своите слободи и права? Во продолжение неколку упатства како да се одбраните од психолошкиот притисок што планирано го прави СЈО врз вас.
Прво и основно што треба да знаете е дека вашите слободи и права се загарантирани со Уставот на Република Македонија, со законите, и со меѓународните и европските конвенции за заштита на човековите права и слободи. Никој не смее да си поигрува, и да манипулира со вашите слободи и права. Никој не смее да ги злоупотребува вашите слободи и права од какви било причини, или поради какви било цели и интереси. Во секој момент нека ви е во глава дека вашите лични права и слободи се неприкосновени, дека имате право да барате судска заштита против секој оној што постапува спротивно на Уставот и на законите. Во секој момент имате право да поднесете кривична пријава против секој јавен обвинител, или против секој извршител од СЈО кој ве принудува, ве изнудува да дадете лажен исказ или изјава за настан или дејствие кое не се случило, или ве принудува да кажете нешто невистинито.
Со најновиот случај кој го отвори СЈО, а кој се однесува на изборното финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ се прави класична политичка манипулација и класичен политички спин со кој намерно се повикуваат голем број на граѓани, главно членови на ВМРО-ДПМНЕ на распит во СЈО со цел кај членството да се влее страв дека сториле нешто незаконско, а во јавноста, и посебно во местата каде живејат, членовите да бидат прикажани како нечесни луѓе, како злосторници и криминалци. Колку помасовно се повикуваат членови на ВМРО-ДПМНЕ толку СЈО и нивниот сценарист сметаат дека крајната цел на опаѓање на рејтингот на партијата ќе биде постигната. Психолошкиот момент дека СЈО повикува членови на една партија треба да ја создаде општата перцепција во јавноста дека оваа партија и нејзините членови мора да бидат казнети по секоја цена, без разлика дали има или не докази за некаква нивна вина.
Токму поради овие причини, кои се се само не правни и засновани врз закон, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и сите засегнати граѓани од предметите на СЈО мора да имаат на ум дека:
Прво, секое ваше повикување од страна на СЈО во својство на сведок дали и колку пари сте донирале за партијата е апсолутно непотребно дејствие, кое што како што е споменато погоре, служи единствено за една цел, да се внесе страв, паника и чувство дека некој сторил нешто спротивно на законот кога донирал пари за партијата, што е чиста небулоза. Согласно Изборниот законик, како и согласно Законот за финансирање на политичките партии, секое физичко и правно лице има право да донира парични средства во законски утврдениот износ. Станува збор за сосема легална и нормална работа која е позната во целиот свет. Оттука, секоја ваша изјава дека сте донирале пари за партиски потреби е ирелевантна за докажување на казнивото дело за кое се води постапката. Воспоставениот банкарски систем во државата, како и транспарентноста на системот за движење на парите овозможува непречен увид на СЈО да види кој и колку пари донирал за партијата. Посебно докажување дали некое лице дало или не дало донација не е потребно. Преку увидот во трансакциските сметки, како и преку финансиските извештаи кои ги доставува политичката партија до надлежните државни органи, СЈО може да има комплетен увид во процесот на донирање, како и во одвивањето на самата транскација со што сведоците за овој вид на дејствија стануваат непотребни. Оттука, треба да знаете дека кога ве испитуваат како сведок во СЈО на обвинителите и на истражителите не им е дозволено да се служат со измама, ниту да ви поставуваат такви прашања во кои е веќе содржано како треба да одговорите. Не е дозволено да ви се поставуваат сугестивни прашања во кои веќе има посакувани одговори. Таквите прашања и дејствија на наведување одговори од страна на друг е кривично дело.
Второ, без уредно да ја примите поканата за сведочење, што подразбира ваш потпис на писмениот дел од поканата, не сте должни да одговорите на поканата, односно не сте должни да се појавите на закажаниот термин, а уште помалку ако некој телефонски ве побара да се јавите на распит во СЈО.
Доколку и по втор пат не се јавите на распит по доставена покана која ја немате уредно примено, голема е веројатноста да бидете цел на притисок, заплашување и манипулирање од страна на истражителите дека ќе бидете приведени, и ќе бидете донесени во обвинителството спротивно на вашата волја.
Приведувањето не е притвор како што најчесто ги заплашуваат странките. Приведувањето е можно да се случи само со налог од суд кој евентуално може да се издаде ако јавниот обвинител докаже пред судот дека вашето сведочење е релеватно за постапката што е невозможно, бидејќи вашето сведочење за факти кои можат да бидат познати на СЈО со обичен увид во трансакциските сметки е непотребно и судот ќе го цени како непотребно .
Доколку и покрај се, го прекршат законот и се случи приведување, не смеат да ви стават лисици. Доколку се соочите со таква ситуација, бидејќи не сте обвинети и осомничени лица, а аргументите се на ваша страна соработувајте, а ако полицијата се однесува насилно или презема одредени насилни дејствија имате право да поднесете приватна тужба.
Во случај на малтретирање, заканување, или друг вид плашење од истражителите на СЈО имате право да поднесете кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластувања на ист начин како што повеќе од 15 граѓани до сега го направија тоа. Во кривичната пријава имате право да ги изнесете сите факти и докази дека овластените лица од СЈО се однесувале спротивно на законот, а откако по судски пат ќе се докаже дека не сте виновни имате право да поднесете и тужба поради ваше малтретирање, како и нарушување на вашиот углед и достоинство.
Вашето право да не бидете сведок спротивно на вашата волја е загарантирано со закон. Од друга страна, праксата и интерните правилници на МВР регулираат дека од 22 до 05 часот никој нема право да пристапи во вашиот дом и да доставува покани.
Вие имате апсолутно право да одлучите дали ќе бидете сведок или не, што значи имате право и да одбиете да сведочите. Тие секако може да се закануваат дека ќе поднесат пријава за спречување на докажување, но тоа не треба да ве плаши тргнувајќи од фактот дека вашиот исказ за тоа дали сте донирале пари за партијата и во кој износ е работа која може да се провери по службен пат од други државни органи. Оттаму, вашето сведочење е непотребно за какво било докажување во постапката што значи дека пријавата нема правна основа.
И на крај, најважното од се е да останете спокојни и мирни. Целта е психолошки да се влијае врз вас и вашата околина. Целта е преку втерување страв и психолошко влијание да ве натераат да се дистанцирате од партијата и од политиката. Целта е да ве направат криминалци само затоа што имате определена политичка определба. А самата политичка определба може да биде основ и за докажување дека некој ве гони од причини кои се дискриминаторски по својата суштина.
Вие знаете дека правдата и правото се секогаш на ваша страна, исто како што сте свесни дека никој не може да ви го извалка образот само затоа што сте член на партија и затоа што сте донирале пари за потребите на партијата. Мирно, со ладна глава и достоинствено да ја освоиме правдата и да го почитуваме владеењето на правото во нашата држава.
Извор: Курир