Како во хорор-филм: Прилепчанец го мумифицирал телото на мртвата сестра

Обдукцијата треба да покаже кога точно и како починала 49-годишната прилепчанка Милка Наумоска чие тело вчера попладнето беше пронајдено во нејзиниот семеен дом на улицата „Браќа Ламески“ бр. 1, соопштуваат од прилепското Основно јавно обвинителство.

prilep-kuka-zrtva-640x356

Според обвинителот Маријана Илиеска, полицијата вчера попладнето околу 17 часот го нашла мумифицираното тело на жената, откако соседите пријавиле дека се шири непријатна миризба. Телото го чувал братот, 50-годишниот Јане Наумоски. И братот и сестрата имале психичка попреченост.

Според Гоце Јонзоски, раководител на службата за итна медицинска помош, жената била мртва повеќе од една година.

– Според првичната проценка, таа била веќе почината повеќе од една година. Била чувана во посебна просторија, била прскана со средства против мушички, покривана со неколку ќебиња. Буквално, телото било мумифицирано и личело на мумија, како што гледаме во египетските филмови, вели Јонзоски.

Јане и Милка Наумоски живееле сами, откако пред три години починал нивниот татко.

Основниот јавен обвинител побара обдукција со која треба да се утврди како и кога настанала смртта на 49-годишната прилепчанка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.