“Каде е Стојанче и Општина Прилеп да се грижат за нашите трошоци како што ветуваа?? Прашаа бранителите на Совет”

На 22-та седница на Советот на општина Прилеп, која се одржа на 26.12.2018, беше разговарано по опсежен Дневен ред кој го сочинуваа 34 точки. Пред почетокот на седницата, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Стефаноски, побарал во дневниот ред да се стави и точка за ослободување од сметки за вода и комунални услуги, данок на имот и заостанати сметки и камати по истите, како и други погодности, за бранителите од Прилеп кои во 2001 година застанаа во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

“Вчера доставивме предлог до Претседателот на Советот за ставање точка на дневен ред што минатиот пат разговаравме, сега ви ја доставивме малце поопширно за донесување на повеќе одлуки. Односно станува збор за припадниците на безбедносните сили што учествувале во воениот конфлит 2001/2002 година во одбраната на македонскиот територијален интегритет и суверенитет. Поточно се однесува за ослободување од сметки за вода и комунални услуги, ослободување од данок на имот за објектите во кои што живеат, ослободување од заостанати сметки и камати по истите, ослободување од погребалните услуги за нив и за членовите на нивните семејства, преднос при носење во старски домови, одлука за ослободување на училишни екскурзии и сместување на нивните деца во основните и средните училишта и доделување на стипендии на најдобрите ученици од припадниците на безбедносните сили. Ова писмено ви го доставивме во вчерашниот ден, а мислиме дека може да се разговара, немаме директни импликации по Буџетот на Општина Прилеп, тие се јавуваат индиректно. Но, верувам дека може од овие некои предлози да бидат прифатливи и остварливи. Во наредната буџетска година да се планира и да се разговара. Кога можело во некои општини да бидат ослободени, па и овде стручните служби во општината, нека ги разгледаат малце подетално, нека направат една подобра анализа кои ќе бидат импликациите и колку ЛС и јавните претпријатија можат да го издржат сето ова. Затоа предлагам денеска да ја ставиме на дневен ред и да разговараме по точката”, истакнал Стефаноски.

Според стенографот од седницата на Советот, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на вака поставеното прашање од претседателот на Советот, меѓудругото добил одговор дека поднесеното барање е “штуро” и дека требало да се направи поопсежна анализа.

Македонската јавност неодамна беше сведок дека општина Сарај, донесе одлука сите поранешни војници на Ослободителната народна армија, кои се жители на општината, да бидат ослободени од комуналните давачки кон ЈКП “Сарај”.

Иако прилепските бранители го заштитуваа територијалниот интегритет и суверенитет во 2001 година, а многумина и го положија животот, засега вакви права за нив нема да има.

Останува да видеме, дали ќе биде доведена во прашање поддршката која актуелниот градоначалник, Илија Јованоски, ја добиваше од едно прилепско здружение на бранители пред локалните избори.

Покрај игнорирањето од локалните власти, нема ракција ниту од Националниот координатор за прашања поврзани со здружението на бранители, Стојанче Ангелов.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.