По спроведената истрага, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против едно лицеза кривично дело- Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 43-годишник, на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Јавниот обвинител, со поднесеното обвинение, побара продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
























