И Ромите се побунија: Не ги признаваат резултатите од пописот на населението

Граѓанската иницијатива Аваја преку реакција до јавноста вели дека не ги признава резултатите од пописот. Ви ја пренесуваме во целост:

Штотуку објавените резултати од пописот кажуваат дека од вкупниот број на попишани граѓани, резидентно население, 58, 44% се Македонци, 24,3% се Албанци, 3,86% се Турци, 2,53% се Роми, 1,3% се Срби, 0,47% се Власи и 0,87 % се Бошњаци. Покрај резидентното население, на овој попис се попишуваше и дијаспората и според резултатите нерезидентното попишано население е со следните проценти, 24,45% Македонци, 66, 36% Албанци, 4,79% Турци, 1,02% Роми, 0,19% Власи, 0,35% Срби и 0,81% Бошњаци.

Според нашите проценки базирани на официјалните државни податоци, од 2002 година до 2020 година вкупниот број на родени Роми изнесува 32.000 Роми, додека бројката на умрени изнесува 8,500. Според овие податоци, природниот прираст изнесува околу 24.000 Роми. Споредбено со другите заедници, без етничките Албанци, Ромите имаат најголем експоненционален природен прираст. Покрај податоците на родени Роми, податоците за Роми во образовниот систем укажуваат на во просек 15.000 Роми ученици во текот на една училишна година. Земајќи го во предвид и податокот дека околу 5.000 Роми не се дел од образовниот процес поради различни причини, произлегува дека во државата имаме околу 20.000 деца на училишна возраст Роми. Доколку се земе во предвид дека едно ромско семејство брои во просек 5 члена, бројката укажува на 100.000 Роми во државата. За бројката на Роми во државата говорат и податоците од АВРСМ, каде што во текот на 2020 година имаме 14.401 активен барател на работа и 3.410 пасивни баратели на работа. Воедно, според нашите податоци постојат околу 10.000 Роми кои не се регистрирани во системот на баратели на работа. Проекцијата и на овој збир укажува дека во државата треба да имаме околу 100.000 Роми.

Процентот од 2,53% Роми или 46.367 Роми резидентно население не е ниту 50% од бројката на Роми која живее во државата. Потсетуваме дека во текот на пописот се затекнаа манипулации на терен со ромското население, се репортираа попишувачи кои попишуваа Роми под друга етничка припадност и се истакнуваа неправилностите во време на траењето на пописот. Во Велес попишувач велел дека нема Ром/Ромка во пописниот прашалник – попишувачот бил отстрането, но по неколку дена попишувачот бил повторно вратен на терен. Во Дебар, Кичево, Радовиш, Струмица, Виница ромските семејства не беа прашувани за етничка припадност. Во овие градови, особено во Струмица и во Радовиш, статистичката операција беше претворена во операција на манипулација на ромското население. Покрај тоа, постојат и населени места кои поради краткиот временски период не беа попишани.

По забележувањето на манипулациите и неправилностите на терен реакциите на Ромите беа дека податоците од овој спроведен попис нема да бидат признаени од страна на ромското население. Тоа се докажа и со објавувањето на денешните резултати, процентот на Роми во државата не е 2,53%. Гледајќи ја бројката и нотираните неправилности и манипулации, овој попис го сметаме за невалиден. Целта на спроведувањето на пописот е генерирање на статистички податоци за креирање на политики, меѓутоа со оглед на тоа што овој попис не ја прикажува вистинската слика за процентот на Роми сметаме дека спроведениот попис нема да помогне во креирањето на политиките во државата. Во овој период дополнително сме во процес на тестирање на податоци од базите на податоци од државата кои го имаат податокот на етничка припадност. Пописот како статистичка и политичка операција не завршува со објавување на податоците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.