Поранешниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, пред неколку дена најави дека поднесол кандидатура за прв човек на општина Прилеп и дека ќе се повлече од функцијата прв човек на царината.
Денеска Сугарески и официјално напиша дека се повлекува од директорската функција во царината.
„Ми беше чест и задоволство да бидам директор на една ваква институција како што е Царинската управа“, напиша Горан Сугарески од СДСМ на својот Фејсбук профил.
Денес беше неговиот последен работен ден како директор на Царинската управа, откако во меѓувреме беше донесена одлука тој да се кандидира за градоначалник на Прилеп на локалните избори.
-Почитувани колеги, Искрено Ви посакувам успешна работа во периодот кој следи. Знам дека сите заедно како тим ќе успеете во унапредувањето на институцијата и Царинската управа ќе остане да важи за водечка царина во регионот, целосно усогласена со стандардите на Европската Унија. Ви благодарам на сите за коректната меѓусебна соработка која ја имавме изминатиов период, напиша Сугарески.