Екс-премиерот во техничката влада на Р.Македонија и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев го соопшти својот став на социјалните мрежи по однос на референдумот и уставните измени со кои треба да се промени името на државата
„За многу години да ни е празникот Раѓањето на Мајката Божја – Пресвета Богородица ! На овој голем празник сакам да го соопштам мојот став за тие што помалку ме познаваат, зошто останатите или го знаат или точно го предвидуваат, во врска со претстојниот референдум и гласањето на уставните амандмани, кои никако да им се претстават на јавноста со што би имала уште појасна слика што не очекува.
Кратко ќе започнам од моето влегување во политиката како млад човек во 1995 година. Еден од повеќето мотиви тогаш беше да го продолжам делото на моите предци посебно од илинденскиот период за што подоцна комунистичкиот режим ги “наградил” со тригодишен затвор од идеолошки причини. Бев основач и прв претседател на ОК на УМС на ВМРО ДПМНЕ во Пробиштип, убеден дека мојата партија е партија на млади сили неоптоварени од претходниот систем, со јасна визија за просперитетна иднина.
Со истиот мотив подоцна станав и претседател на локалната сениорска структура, а моето работење на ова позиција го крунисав со еден од најдобрите три изборни резултати на државно ниво на ВМРО ДПМНЕ. Веројатно дотогашниот мој ангажман и начин на работа допринесе да ми се довери уште поодговорна задача, да бидам потсекретар за најголемата изборна единица бр 3 т.е мојот верен исток. Дваесет и два града ги посетив по неколку пати, а речиси и сите села неуморно работејки за Македонија и ВМРО ДПМНЕ.
Изборните резултати на мојата изборна единица и ден денес се гордост на нашето членство и подржувачи. Следуваше нова должност ( употребувам термини својствени за АРМ чиј питомец бев,а шест години и Заменик министер за одбрана ), Генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ. Позиција од која беа реализирани над 300 состаноци по градови и над 600 по помалите места, контакти со коалициони партнери, дијаспора, поединци и тн.
Во 2016 година со едногласна одлука на ЦК на ВМРО ДПМНЕ бев предложен за Технички премиер на владата за спроведување на изборите и бев едногласно избран во Собранието на РМ. Ниту мојата партија, од политичките конкуренти беше очекувано, немаше интерес таа влада политички да го валолизира она што го сработи. Во услови на никаква реална моќ, да функционира во период на најголема политичка и безбедносна криза до тогаш,заедно со кризата од 2001 година.
Прва влада со таква структура и задачи, во услови на огромна светска бегалска криза, во ситуација половина од периодот без функционален парламент, интензивна меѓународна комуникација итн. Дојдов до најновиот предизвик како пратеник. Пред нас е за мене убедливо најлошата верзија на договор со Грција што сме го имале од нашето осамостојување.
Најголема вина за тоа секако имаат преговарачите, но во исто време ова не претставува амнестија за секое пропуштено подобро решение во минатото. Ова допринесе за огромна и длабока поделеност во нашето општество каква не била ни за време на балканските војни кај што двајца браќа војувале помеѓу себе во туѓи униформи за туѓи интереси. Затоа е неопходен максимален фокус во иднина за надминување на поделбите. Денес во исто време сме исправени и пред реализација на нашиот приоритет за интеграција и пред предизвикот овој пат сами да се прекрстиме, со што дополнително се комплицираат одлуките.
Сепак суштината на нашиот проблем кој ја запре нашата интеграција е билатерален спор. Многу малку проблем на земјите од светот, бидејки големо мнозинство земји не признаа под уставното име, а воопшто не претставуваше наш домашен проблем. Новото решение од договорот ги дерогира сите три сегменти, од кои внатрешната употреба очекувано предизвика најмногу реакции.
Ова за мене беше моментот кој пресуди да не ги подржам уставните измени. Македонија, јас во иднина ја гледам како членка на НАТО и ЕУ тоа ние реално го заслужуваме, но неможам да поддржам себепрекрстување и прекрстување на моите деца и идните генерации на нашата земја. До сега максимално внимавав да не погрешам и да направам штета на мојата земја извршувајки, како ретко кој поединец должности хиерархиски подредени од најниска до највисока. Така ќе постапам и сега. Вечна да е Македонија !“ – напиша Димитриев на својот ФБ профил.
Досега речиси 30 пратеници објавија дека нема да гласаат за уставните измени, а дел од нив објавија дека веќе донеле одлука и да го бојкотираат референдумот на 30. септември, квалификувајќи го како референдум за промена на името, а не референдум за влез во ЕУ и НАТО.