Италијански компании заинтересирани за инвестиции во производството на мермер во Прилеп

Неколку италијански компании се заинтересирани за инвестиции во производството на мермер во Македонија, а особено во Прилеп. Вчера во Скопје се одржала првата средба помеѓу македонски и италијански компании кои се занимаваат со производство и изработка на производи од мермер, како и машини за обработка на минералните суровини, а токму по тој повод денеска амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, ја посети Општина Прилеп и оствари средба со градоначалникот Марјан Ристески.

_MG_8261

„Пред се сакам да искажам благодарност до градоначалникот бидејќи ова е моја прва посета на вашиот град. Посетата е пред се запознавање на неколку италијански фирми со условите и можностите кои ги има Македонија и Прилеп во изработка и производство на мермер. Вчера во Скопје се организираше семинар каде што имаше средба помеѓу македонски и италијански компании во врска со изработка на мермер и нивна соработка и се надевам дека од оваа средба дека ќе произлезат поголеми инвестиции помеѓу Италија и Македонија во врска со мермерот и неговото производство“, Карло Ромео, амбасадорот на Италија во Македонија.

_MG_8275

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека освен за производството на мермер на оваа средба било разговарано и за поголема соработка помеѓу Прилеп и Италија на повеќе полиња.

„Чест и задоволство ми е што дененеска Амбасадорот на Италија во Македонија е присутен во Прилеп со една поголема бизнис делегација кои беа во посета на „Мермерниот комбинат“ и да се запознаат општо со потенцијалите и можностите за производство на минерални суровини во Општина Прилеп. Да напоменам дека белиот прилепски мермер тип „Сивец“ е надалеку познат, го има како количини најмногу тука во Прилеп и во Карара, Италија, затоа често пати „Мермерниот комбинат“ и другите мермерни претпријатија учествуваат на саемот во Верона кој што е најголем во светот за минерални суровини. Оваа посета на бизнисмените од Италија кои се занимаваат со производство на машини за обработка на мермер и други минерални суровини е од голема важност со цел за подобрување на ефикасноста на самото производство на „Мермерниот комбинат“ и другите компании кои обработуваат минерални суровини. Но ние разговаравме и за идни други видови на соработка во областа на подобрување на економијата, идни инвестиции од Италија кои би дошле тука во нашиот град, но и поголема соработка на полето на културата и образованието каде би имало поголема застапеност на италијанскиот јазик“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_8282

Беше истакнато и тоа дека за поголема соработка и меѓусебно запознавање било разговарало во блиска иднина во Прилеп да се организира една манифестација на која би се служеле италијански специјалитети, италијанско вино, би имало италијанска музика и би се презентирале италијански филмови, а исто така библиотеката во Прилеп би се збогатила со италијанска литература. Сето тоа би придонело за поголемо зближување на двата народи, и би се остварило поголема соработка на повеќе полиња од општественото живеење.

_MG_8287




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.