Maлкумина знаат дека Прилеп имал фудбалски клуб во далечната 1941 година.
На јутјуб деновиве се појави еден интересен документарен филм кој датира од мај месец 1981 година, а во него се раскажува за 40-годишната фудбалска историја на Прилеп и спортското друштво “Гоце Делчев”, како претходник на денешната ФК Победа.
Спортското друштво “Гоце Делчев” e формирано од помладокот на тогашното политичко друштво “Скоевци”, а со согласност на тогашната Комунистичка партија, како легална форма на дејствување на партијата против германскиот и бугарскиот фашистички окупатор.
Друштвото освен како фудбалски клуб, водело пропаганда против окупаторот од втората полувина на 1941 година до неговото постоење октомври 1942 година. Сите негови членови биле учесници во Народноослободителната борба.
Фудбалскиот клуб “Гоце Делчев” имал огромна улога во подигнувањето на националната свест на прилепчани. На пример на секоја утакмица доаѓале по повеќе од 10.000 гледачи. Низ улиците се носеле слики со Гоце Делчев, се извикувале пароли, а сето тоа му помагало на народот да се охрабри во тие тешки услови кои ги имал поставено бугарскиот окупатор.
Во видеото во продолжение има интересни сведоштва, како и каде се одиграла првата утакмица, како се снаоѓале за спортска опрема, но и кои биле активностите на друштвото кои умешно се криеле зад превезот на фудбалскиот клуб.
30-тина минути историја и сеќавање кои мора да ги проследите: