Историчарот со факти распали по Владата и Заев за небулозите околу Илинден и предлогот Илинденска

(Фејсбук статус на Никола Србов)

“Прво: Кога Заев и Владата даваат изјави и соопштенија во кои се вели дека Илинденското востание било борба за социјални права и слободи тие го израмнуваат востанието со Мариовската буна од 16 век, 1564 г. Илинден не е Мариовска буна за да биде борба за социјални права, Илинден е најорганизираниот облик на борба на македонскиот народ во Османлиската Империја за создавање на сопствена држава.

Прашањето за социјалните права во Империјата започнало да се решава со Ѓулханскиот Хатишериф од 3 ноември 1839 година во кој била запишана рамноправноста на населението пред државните институции, спроведувањето се одвивало многу тешко но ова се социјални права и еднаквост.

Илинден има државнички карактер. Во 1896 година во Солун се одржал Солунскиот Конгрес на МРО, за кој Христо Татарчев дава оцена дека бил основачки и законодавен. На овој Конгрес Организацијата се здобила со нов Устав изработен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Во Член 1 од Уставот стои:

„ТМОРО има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области“.

Не знам како делот „полна политичка автономија“ Заев го протумачил како социјални права, поточно, знам дека не го тумачел, туку советниците кои му се задолжени за спинови по историски прашања не биле доволно спремни па ја утнале ептен.
Друга работа, кога во документите на Организацијата провејува кованицата „без разлика на народноста“ најпрво се мисли на обединување на народот кој бил поделен според црквата на која припаѓале, на егзархисти и патријаршисти бидејќи тука била најголемата мака, од пропагандите кои преку црквата наметнувале „народност“, но секако, не е изоставен и етничкиот момент за повик на целото население без разлика на народност.

Второ: Објаснувајќи за борбата во Илинденскиот период, Заев изјави, а од Владата истото го пуштија во соопштение, во кое се вели „…борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи“. Ниту во историјата, ниту денеска не постои кованица „мултиетнички народ“, едноставно, такво нешто не постои бидејќи мултиетничноста ја создаваат повеќе народи а тие народи може да се дел од една нација. Во овој дел Заев сакал намерно да го изостави „македонскиот народ“, а можел да каже и „народите“ или „населението“, бидејќи додека не се создаде држава не е можно да постои нација во која би влегле повеќе народи. Нацијата ја создаваат институциите кои се дел од државата. Нејсе, можеби повторно станува збор за неспремност на советниците, не знам.

Трето: Задоволен сум што левицата во Република Македонија конечно призна дека АСНОМ е продолжение на Илинден и на Организацијата.”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.