Историски момент: Интензивни градежни работи на 5 автопатски делници

Со инвестиции во автопатската мрежа како никогаш досега во моментов во државава се градат и реконструираат 165 километри автопатски делници, од кои 3 автопати се во целосна нова градба а две автопатски делници се реконструираат и рехабилитираат.

 

miladinovci-stip5-640x335-1

Автопатската делница Миладиновци – Штип  каде вчера беше извршен увид во градежните работи е со должина од 47 километри, пробиени се  94% од трасата а вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 39%. За овој автопат се инвестираат 206 милиони евра и се очекува да биде завршен за една година.

– Ова е историски важен момент за државата и за развојот на нејзината економија зашто првпат паралелно се работи на вкупно 165 километри делници, дел се во градба, а дел се реконструираат, што е инвестиција вредна 800 милиони евра. Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, подвлече претседателот на Владата Емил Димитриев кој вчера заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски изврши увид во градежните работи на автопатот Миладиновци-Штип.

Автопатот  Демир Капија-Смоквица е во должина од 28,2 со инвестициона вредност од 210 милиони евра, и истиот се очекува да биде готов до крајот на оваа или  почетокот на наредната година.

Автопатот Кичево –Охрид , автопат Мајка Тереза, е во должина од 57 километри. За овој автопат се инвестираат 374 милиони евра, и истиот се очекува да биде готов во 2018 година.

-Работите одат добро, на автопатската делница Демир Капија-Смоквица веќе имаме вкупен прогрес од 77%, додека на автопатската делница Кичево-Охрид имаме пробиено траса од 82%, а вкупниот прогрес изнесува 20 посто. Очекуваме сите овие инвестиции да се реализираат согласно предвидената динамика, се разбира земајќи ги предвид останатите фактори кои имаат влијание на градежната сезона, но она што е најбитно е дека на овој начин, со овие инвестиции, се поттикнува економскиот раст на државата преку поддршка на градежништвото, коешто има сериозно влијание во растот на БДП и особено битно за нас се поттикнува вработеноста, затоа што моментално на сите патни делници на коишто работи државата – автопати, регионални, магистрални, локални, експресни патишта, се ангажирани околу 3500 вработени, а се очекува овој број да расте во идниот период во текот на летото и втората половина на годината со воведување во работа на нови градежни патни правци, информира портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

izjava-portparol-na-vlada-640x371

Паралелно со изградбата на овие три нови автопати се во моментов се реконструираат и автопатска делница Смоквица-Гевгелија со должина 10,15 км во вредност од 4,2 милиони евра со прогрес од 20,00% и се очекува да биде завршена до крајот на оваа година, а започна и рехабилитацијата на автопатска делница Куманово-Миладиновци во должина од 23 километри, која се очекува да биде целосно завршена во период од 15 до 18 месеци.

Ваквиот инвестициски циклус во автопатската инфраструктура од Владата истакнуваат дека следува после изградбата и реконструкцијата над 500 километри регионална патна мрежа, над 700 километри локална патна мрежа, како и изградбата и реконструкцијата на автопатските делници Табановце – Куманово, Катланово – Велес и Велес – Катланово, што практично значи целосно реализирање на ветувањата дадени пред граѓаните за подобрување во патната инфраструктура во државата.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, истакна дека со крупни инвестиции во инфраструктурата Владата ги исполнува ветувањата кои ги дава до граѓаните и дека така ќе продолжи во иднина.

-Максимално вложуваме во инфраструктурата и во патната и во железничката инфраструктура. Како Влада сме посветени во реализација на сите оние проекти кои ги имаме ветено. Не само да ветуваме како минатите Влади особено СДСМ само ветуваше, а ништо не изгради. Ние конкретно, со години по рокови кажуваме што ќе се направи, рече Мисајловски.

misajlovski-vlado-640x383

Сите овие капитални инвестиции во патната инфраструктура се поздравени од градежниот сектор во државава кој се години претставува основен двигател на домашниот економски раст, но и од градоначалниците од сите региони кои како што велат овие инвестиции сериозно влијаат на подобрување на инвестициската клима во општините и драстично подобрување на можностите за локален економски раст и развој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.