Историска фотографија од Прилеп: Како прилепчани се превезувале во минатото (ФОТО)

На фотографијава е фрагмент од сообраќајната историја. Стар камион, со отворена приколка, приспособен колку што се можело со клупи, наместо седишта, служел како превозно средство за меѓуградски патнички транспорт.

Овековечен е моментот кога машината, а и патниците се одморале на патот Велес – Прилеп. Клупите наредени во шест – седум реда, се полни со народ кој кинисал некаде.

Работата сигурно била неодложна и битна, зашто траскањето со предвоеното Фијатче, без дилеми, “вадело камења од бубрезите”, по стариот прашлив друм меѓу двата града. Колкава била брзината, како се фаќале кривините, колку време се патувало, знаат само “мачениците” – патниците и шоферот.

Судејќи по фотографијата, на камиончето не може да се постави цирада, па веројатно превозот во врнежливите периоди бил на “принуден одмор”. Покрај сите маани, било забавен и авантуристички превозот со камион-автобусот.

Само за половина век, меѓуградскиот превоз направи “светлосен чекор” напред. Модерни автобуси, со комфорни седишта, клима уред и вграден музички систем, го прават патувањето релаксација..

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.