Ракометарите на РК Прилеп останаа непоразени и на тешкото гостување во Куманово, откако во драматична завршница Христи Бикоски донесе голем бод за избраниците на Боби Мојсов.
Иако прилепчани имаа водство во речиси сите 30 минути од првото полувреме, а на пауза се замина со 12:14, домаќините со мини серија во вториот дел дојдоа до изедначување (17:17), а неколку минути подоцна и до водство.
И кога сите мислеа дека Прилеп ќе го доживее првиот пораз, а Куманово водеше со 25:23, прилепчани повторно се вратија и израмнија на 25:25.
Драмата се случуваше во последните секунди, кога Костов реализираше пенал за Куманово за 26:25, но брзо организираниот напад на гостите му даде чиста позиција на Бикоски, кој погоди од левата крилна позиција и донесе голема радост.
Најдобри во составот на РК Прилеп беа Денис Шабановиќ, кој дури 10 пати ја пронајде мрежата на кумановчани, а го следеа Пеце Рајатовски со 6 погодоци и Владан Кастратович со 4.
Капитенот Филип Велески не се запиша во листата на стралците на овој натпревар, но неговото искуство и мотивацијата која им ја пренесува на останатите играчи, со сигурност играат огромна улога во овој нов непобедлив Прилеп кој го гледаме.
Во наредното коло Прилеп го дочекува Вардар Неготино.