Ирец директор во Грција: “Македонци живеат од двете страни на границата, Грција треба да ги признае Mакедонскиот јазик и култура”

Ричард Пајн е директор на Дурел библиотеката на Крф и автор на книгата “Грција низ ирски очи”. Toj за Катимерини дава свое гледиште на грчко-македонските односи и проблеми, преку примерот на осамостојувањето на Република Ирска од Обединетото Кралство.

“Кога ќе слушнам “Македонија е грчка”, се сеќавам на слоганот кој беше употребуван од опонентите за независност на Ирска во далечната 1900 година “Улстер е британски”. Двата извици се огледало на националната агонија.

Македонското прашање има многу заеднички работи со Ирското. Кога Ирска ја освои својата слобода од Британија, островот беше поделен: Северниот регион, наречен “Улстер”, беше поделен – шест од девет региони останаа во Обединетото Кралство и сега се познати како Северна Ирска, додека останатите три региони станаа дел од Републиката. “Поделениот Улстер” стана место за борба на националистите кои и понатаму се залагаа за обединување на островот”, вели на почетокот од своето излагање Пајн.

“Историски, Улстер е седиште на ирскиот идентитет и митологија. Најголемото тело на ирската епска поезија, средновековниот “Улстер циклус”, ги опфаќа некои од најголемите херојски фигури на ирската имагинација: Чучулиан (за кој се верува дека е син на Селтик, бог со слични карактеристики на Хераклес) и Деирдре, трагична хероина која била инспирација за голем број модерни инкарнации. Некои од тие фигури и монументи останаа во Велика Британија”, додава Ричар Пајн.

Понатаму Ирецот прави паралела на овие историски моменти со примерот помеѓу Македонија и Грција.

“Oва веројатно поттикнува атавистички спомени кај многу Грци, кои го сметаат Филип Македонски и неговиот син Александар за Грци. Поделбата на Македонија, помеѓу Бугарија, Грција и Србија, е повторување на Улстер. Вегина остана во Грција, а тоа ги предизвикува некои националисти во Македонија”.

“Aко погледнеме денеска, границата помеѓу Ирска и Сверна Ирска, наликува на онаа со Грција. Уште од “поделбата”, тврдокорните републиканци, кои воено ги претставува ИРА, а политички Шин Фејн, водеа кампања за обединување на Ирска и конечно иселување на Британците.

Сега доаѓа тешкиот час по историја: Ирскиот Устав од 1937 година вклучуваше два члена кои “де јуре” потврдуваа дека републиката ќе се залага да ги врати “шестте окрузи”. Иредентистичката форма на овие членови беше отстранета во 1999 година кога стана очигледно дека нема да има напредок помеѓу британската и ирската влада за иднината на територијата, освен ако тоа барање не беше напуштено.

Oвде ја гледаме паралелата со Уставот на Македонија, каде иако не се инсистира на враќање на териториите, постојат иредентистички амбиции”, вели Пајн.

Ирецот во своето излагање за Катимерини зборува и за искоренувањето на македонскиот идентитет, култура и традиција во Грција после граѓанската војна и протерувањето на илјадници, илјадници Македонци од своите родни огништа во Егејска Македонија.

“И потоа доаѓа прашањето за името и идентитетот. Од 1922 година Северна Ирска била управувана од протестантско мнозинство, кое го контролирало системот на гласање и всушност ги потиснало човековите права на католичкото малцинство. Ирскиот јазик бил потиснат. Ако јазикот е главен маркер на идентитетот, неможноста истиот да се користи во нечие постоење – значи некому да му се негира животот.

Пријател од Торонто, чиј татко емигрирал во Канада пред 100 години, отишол во селото од каде потекнува неговиот татко на грчката страна од границата, за да ги пронајде своите корени. Тој открил дека не само што ги немало темелите на куќата, туку и документите за родени и умрени биле исто така “исчезнати”. Единствениот тажен заклучок што можел да го извлече бил дека грчките власти и во граѓанската и во црковната сфера ги искоренувале трагите на идентитетот кој тие сакаат да го негираат”.

Пајн дава и свој предлог кон Грција:

“Моето мислење е дека, ако Грција сака да го реши прашањето со Македонија, треба да ги разгледа дипломатските маневри помеѓу Даблин, Лондон и Белфаст во врска со евентуалното владеење на Северна Ирска, особено ако северот повеќе нема да биде во ЕУ. Грција треба да го признае постоењето на Македонскиот јазик и култура, кое претставува наследство до ден денешен”.

“Ако го погледнете ирскиот час по историја низ очите на Грците и Македонците, и ги ставите настрана сите чувства, сеуште е возможно да бидете прагматични и аспиративни: Апсурдно е да продолжите да се противите на Македонија да се нарекува “Македонија” – додава Ирецот за Катимерини.

Пејн прави паралела посочувајќи дека и секоја територијална претензија од страна на Македонија ќе биде исто така апсурдна.

“Историјата никогаш не треба да биде арогирана за една или друга страна. Историјата се споделува. А споделувањето зависи од разбирањето, од почитта и од желбата да се продолжи напред. Националистите, ретко се движат напред поради нивната приврзаност кон минатото кое е често бескорисно и неопределено. Историјата е патоказ кон иднината.

Ирска можеби никогаш нема да биде обединета. Ниту ни Македонија. Ирците кои живеат во Северна Ирска, во Обединетото Кралство, се неспорно Ирци, без разлика дали се во ЕУ или не. Македонците исто така ќе живеат од двете страни на границата. Ако Александар навистина бил “ГОЛЕМ”, тогаш може да биде голем и за Грците и за Македонците”, вели на крајот Пајн.

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.