На 87-годишна возраст по кратко боледување почина Јован Брмбески, своевремено еден од најпознатите интерпретатори на народна музика од градот под Марковите Кули.
Македонската народна песна му беше дел од душата. Ја запеал првата песна на 13 години во живо, а во својата музичка кариера има снимено над 70 македонски бисери кои никогаш нема да исчезнат.
Брмбески работниот век го помина во Тутунскиот Комбинат, каде 40 години работеше како кафеготвач. Со КУД “Мирче Ацев” настапуваше низ Англија, Белгија, Шпанија, Австрија, Холандија, Чехословачка, Полска, Москва… и голем број други европски земји.
Покрај снимки за Радио Скопје, на грамофонски плочи се ставени десетици незаборавни песни за РТБ и за Југотон. Пеел со Нина Спирова, Захарица Вртаноска, Блага Петреска, Васка Илиева, Тале Огненоски, Пеце Атанасоски…
Има добиено стотици благодарници, признанија…
Погребот ќе се одржи на 29.06 на новите градски гробишта во Прилеп во 11:00 часот, а телото ќе биде изложено во капелата на гробиштата од 10 до 11 часот.
Нека почива во мир!