ИН МЕМОРИАМ: Почина проф. д-р Виолета Пановска Бошкоска од Прилеп – личност која остави длабок белег на Економскиот факултет и Битолскиот Универзитет

На 9 април 2026 година, Прилеп, почина проф. д-р Виолета Пановска Бошкоска, една од најистакнатите фигури во македонското високото образование, која остави неизбришлив белег врз развојот на универзитетската наука и образование во земјата.

Родена во 1953 година во Прилеп, проф. Пановска Бошкоска својата академска кариера ја започна по завршувањето на Економскиот факултет во Прилеп, каде што во 1977 година се вработува како помлад асистент. На истиот факултет работеше како редовен професор до 2007 година, воспитувајќи генерации студенти и обликувајќи академски професионалци.

Носеше значајни менаџерски функции – од 1997 до 1999 и од 1999 до 2003 година беше проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а во 2003 година Сенатот на Универзитетот ја избра за ректор со четиригодишен мандат. Потоа, од 2007 до 2015 година беше редовен професор на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи (ФАМИС) во Битола, а во 2010 година беше избрана за декан на ФАМИС со четиригодишен мандат.

Нејзината посветеност за унапредување на високото образование ја поттикна да се заложи за усогласување на македонските универзитети со европските стандарди. Паралелно со професорската работа и менаџерските функции, активно учествуваше во национални и меѓународни комисии, одбори и тела, иницирајќи и реализирајќи бројни проекти финансирани од Tempus Phare програмата на Европската Унија.

Проф. Пановска Бошкоска беше редовен учесник на меѓународни конференции, студиски престои во САД и Европа, како и во проекти за проценка на општествениот капитал и трансформација на општествени претпријатија во Македонија.

Нејзиното знаење, упорност и посветеност кон развојот на академската заедница оставија траен белег, а нејзиното дело ќе продолжи да инспирира идни генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.