На 54-годишна возраст почина легендата на прилепска Победа и миленик на фудбалските вљубеници од Прилеп, Николче Здравески.
Цела плеада на спортски работници, негови соиграчи во најблескавите години на Победа, роднини и пријатели се простуваат од голгетерот на црвено-белите чиј темперамент, спортски дух и борбеност за секогаш ќе се паметат.
Здравески беше дел од легендарниот состав на Победа кој играше против Перуџа во 1999, а година подоцна и против ѕвездената екипа на Парма.
Со Победа го освои Купот на Македонија во сезоната 2001/02, а беше прогласен најдобар играч и за најдобар спортист на Прилеп за 2004 година, сезона во која црвено-белите ја освоија првата шампионска титула во Македонската Прва лига.
Во сезоната 2006/2007 ја предводеше Победа до втората шампионска титула во лигата и до трето финале во Купот, овојпат како тренер, за што беше прогласен за најдобар тренер во Македонија за таа година.
Здравески живееше за фудбалот и до последниот момент се бореше за фудбалот. Низ неговите раце поминаа голем број талентирани деца, кои преку пренесеното знаење и искуство, со сигурност ќе прераснат во врвни спортисти.
Беше сопруг и татко на две деца.
Нека почива во мир!