ИН МЕМОРИАМ: Во САД почина македонскиот активист Љубе Дуртаноски – Луи, нашинец родум од Кривогаштани

По кусо боледување, на 73 години, на 1 септември годинава, почина Љубе Дуртаноски – Луи, македонски патриот, хуманист, родител, почитуван во Македонската заедница во Њу Џерси и Соединетите Американски Држави.

Љубе Дуртаноски, син на Крсте и Спасија Дуртаноски, е роден на 1 август 1952 година во Кривогаштани, прилепско, во Македонија. Порасна со неговата сестра Роза омажена за сопругот Благоја Крстески, и братот Гоце Дуртаноски (отпорано починат) оженет за сопругата Лена. Во Кривогаштани завршил основно, а во Прилеп средно образование.

Во 1977 година, на 25 години, заминал во Соединетите Американски Држави, во Леџвуд, Њу Џерси. Речиси 40 години беше сопственик и управител на компанијата “Луис Констракшн“ во Леџвуд.

Беше член на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј“ во Сидар Гроув, Њу Џерси и активен член во Македонската заедница во Њу Џерси.

Бил член и активен поддржувач на македонските иселенички организации во зачувување на македонскиот национален идентитет. Имаше тесна соработка со Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и Драган Богдановски, а дописничка канцеларија (редакција) на „Македонска нација„ за САД извесен период се наоѓаше во неговиот дом.

Како најатрактивно претставување на Македонија во Америка беше автомобилот од Љупчо Дуртаноски со регистарски таблички VMRO N°1 со кое тој ја посетуваше македонската заедница во САД и Канада и со истото возило беше дистрибуиран и весникот „Македонска нација„. Регистерските таблички VMRO N°1 денес се наоѓаат во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на масата пред Драган Богдановски, основачот на весникот „Македонска нација.

Погребното опело на Дуртаноски се одржало во понеделник, 8 септември 2025 година, во Македонската православна црква “Свети Кирил и Методиј“ – информираат од Светскиот Македонски Конгрес.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.