Прилеп изобилува со спортски квалитет, особено во боречките спортови. Најголемите спортски успеси на Македонија се постигнати токму во овие спортови.
За голем спортски успех потребни се напорна работа, пожртвуваност и мотивација за победа. Марио Тошески ги поседува сите овие квалитети. Тој е млад спортист, кој напорно и трпеливо гради спортско име. Во своја позадина има многу државни и меѓународни медали и со сигурност можеме да потврдиме дека му претстои блескава и трофејна кариера.
– Како се роди љубовта кон џудото, што те поттикна да се одлучиш за овој спорт?
Љубовта кон џудото кај мене се појави уште на мала возраст.Уште како мал ги сакав боречките спортови и им се восхитував на тогашните мајстори кои ги владееа боречките вештини. Џудото за мене е нешто во што се пронајдов и вљубив, па се одлучив да го правам тоа што го сакам, а тоа е да тренирам џудо.
– Во Прилеп има повеќе успешни џудо клубови. За кој клуб настапуваш и кои се твоите први настапи?
Да точно е во Прилеп има многу успешни и квалитетни клубови кои го претставуваат нашиот град на многу високо ниво. Еден од нив е и мојот клуб каде јас тренирам и за кој настапувам тоа е џудо клубот Сеишин за кој имам забележано бројни настапи. Мојот прв настап беше на државниот натвревар за кадети и сениори во Кавадарци каде јас настапив за кадетите.
– Најголемите спортски успеси во Македонија се постигнати во боречките спортови. Кои се условите за да се стане член на џудо репрезентацијата на Македонија?
Боречките спортови ги донесоа и најголемите спортски успеси на Македонија. Да се биде член на џудо репрезентацијата на Македонија не е мала работа, а за тоа да се заслужи треба да се изборат успеси на државните натпревари и потоа со селекција да се изберат најдобрите.
– Со кои успеси може да се пофали Марио?
Јас можам да кажам дека неколку пати сум бил трет на државните првенства, го освоив второто место на државното првенство за сениори иако бев кадет кој се одржа минатата година, сум добивал први и трети места од меѓународните турнири во разни држави, минатата година го освоивме првото место на екипното државно првенство кое е голем успех.
– Дали во Македонија се нудат доволно услови за напредување во овој спорт и дали има квалитетни тренери кои знаат да ги подготват и мотивираат младите такмичари?
Што се однесува на условите, нашата држава нуди добри услови за напредување во овој спорт и се надевам дека условите се повеќе ќе се подобруваат. Тренерите се исклучиво квалитетни и знаат да работат со децата и младите такмичари кои ги подготвуваат за тие да се покажат во најдобро можно светло.
– За големите натпреварувања потребни се напорни подготовки. Како ти успеваш да ја одржуваш формата и да се подготвиш пред важните натпревари?
Моите подготовки откако започнав со џудото воопшто не се престанати. Мојата форма јас ја оддржувам со секојдневни напорни тренинзи, иако за тоа има се помалку време поради училишните обврски но и покрај тоа се трудам и давам се од себе.
– Кои се твоите идни планови?
Моите планови за во иднина се да продолжам со секојдневните тренинзи уште понапорно и да дадам се од себе и се надевам дека еден ден ќе се оствари мојот сон.
– Освен џудото, што уште е твоја сфера на интерес? За што го користиш слободното време?
Најпрво сакам да кажам дека моето слободно време е сведено на минимум т.е имам многу малку слободно време кое го користам да му се посветам на училиштето.
– Кој е патот до успехот според Марио?
Според мене постои само еден пат до успехот а тој е со многу упорност и труд, исполнет со напорни тренинзи давање се од себе, патот до успехот се сведува само на едно а тоа е напорна работа.
Ф.Г.