Интервју со Јане Јанески, фуриозното крило на РК Прилеп

12767287_1265570193459013_808809258_n

Прилеп изобилува со спортски квалитет. Градот едноставо живее за спорт и е гладен за натпревари, спортска борба и жар. Она што недостасуваше изминатите години, денес е реалност, имајќи ракометен клуб кој изобилува со квалитет, младост и кој пред себе има убава иднина. Говорејќи за младоста и квалитетот, ракометниот клуб Прилеп, не би бил тоа што е, а да го нема Јане Јанески, разорното и брзо крило на клубот, кој плени со визијата на теренот и со фуриозноста во нозете, што го прави огромен проблем, како за противничката одбрана, така и за противничките голмани. Јане е млад ракометар и веруваме дека му претстои блескава кариера. Денес го имаме за гостин на маркукуле.мк и разговараме за неговите почетоци, раст и напредок во ракометната кариера.

Здраво Јане и добредојде на маркукуле !

Јане ти си млад ракометар со многу иднина пред тебе. Кога се роди љубовта за ракометот, кој ти ја дава главната поддршка и како започна да тренираш на професионално ниво?

Љубовта за ракометот ја имам од кога знам за себе. Уште од најрана возраст заедно со мојот татко, бев присутен на секој натпревар во Универзалната сала на тогашен Тутунски Kомбинат. Сум присуствувал и на други спортски натпревари, но само ракометот го исполнуваше моето срце, па така на 10 годишна возраст започнав со тренинзи во ракометната школа „Филип“. Таму се стекнав со основите на ракометната игра, а со формирањето на „РК Прилеп“ започнав со професионално да се занимавам со ракометот.

Како ја откри својата позиција на теренот, односно како откри дека најдобро се снаоѓаш на крилната позиција?

Кога започнав да тренирам во помалите категории, играв на позиција центар, а со оглед на тоа што немам висина, од страна на тренерот бев преместен на крилната позиција и со текот на времето ги усовршував, и сеуште тоа го правам, специфичните техники за таа позиција.

12782479_1265570150125684_1546890447_n

Моментално настапуваш за РК Прилеп, клубот одлично котира на првенствената табела и добро напредува. Ги имате ли потребните услови во клубот, услови кои овозможуваат напредок на играчите и подем во формата и квалитетот?

Можам слободно да кажам дека имаме добри услови, имаме сала за тренирање, тренираме секој работен ден, имаме одличен тренер и стручен тим, добри соиграчи, соработуваме одлично, настапуваме тимски. Сето тоа придонесува за напредување и во нашата лична кариера, а и за тимот воопшто.

Твојот квалитет е врвен, имаш одлична брзина и добро снаоѓање на теренот. Што е тоа што те мотивира да дадеш се од себе, да истрчаш најсилно што можеш пред противничката одбрана и да постигнеш гол?

Она што ме мотивира пред се, е мојата љубов кон ракометот, желбата да се победи противникот и да се остави добар впечаток. Во овој спорт се пронајдов себе си. Едноставно живеам со ракометот. Во таа смисла ќе го цитирам амбасадорот на македонскиот ракомет Кирил Лазаров: „Кога нешто се сака со сето свое срце и кога се сака нешто со чиста искрена и неприкосновена, безусловна љубов, не постојат препреки да се живеете сонот“

12782301_1265570243459008_899386013_n

Дали постои интерес од други клубови за тебе?

Сега за сега не.

Кои се твоите планови, визија за во иднина? На каков начин гледаш на твојата иднина во ракометот?

Со оглед на тоа што сум релативно млад, ќе продолжам упорно и посветено да работам на мојата надоградба, да учам од повозрасните и поискусните. Мојата цел е да бидам успешен во тимот во кој ќе играм и да придонесувам за неговиот успех. А моја најголема желба е еден ден да го носам националниот дрес и да придонесувам за развој на македонскиот ракомет.

12788120_1265570360125663_670409433_n

Кои се твоите ракометни идоли, во однос на позицијата на која играш?

Да бидам искрен мој идол, иако не е моја позиција е македонскиот ракометен виртуоз Кирил Лазаров. Тој е човекот кој ми дава мотив да бидам се подобар и поуспешен. Тој е прототип како треба да се живее, работи, напредува и како се надградува еден спортист, се со цел да се биде успешен и врвен во својата област. Отсекогаш му се восхитував и тој ми беше пример дека треба да се верува во себе за да се успее, и дека секогаш можам да бидам уште подобар отколку што сум. И токму затоа, го носам дресот со број 77. Инаку ракометен идол во однос на позицијата на која играм е: Uwe Gensheimer, кој отсекогаш ме восхитувал со неговата техника.

Што е она што е потребно за развивање на повеќе таленти во нашиот град, на што треба да работат спортските работници во ракометот, за да го добиеме стариот сјај на бившиот ракометен клуб Тутунски Комбинат?

Мислам дека ракометните работници треба да посветат поголемо внимание и на помладите категории за нивен развој, но и желбата кај секое дете да вложува во себе.

Минатото лето беше во летниот камп на нашата ракометна икона Кире Лазаров. Какви искуства понесе од таму, што значеше сето тоа за тебе и дали научи нови работи?

Кампот „Кирил Лазаров 7“ за мене ќе биде незаборавно доживување. На кампот гостуваа еминентни имиња од домашната и меѓународната ракометна сцена, меѓу кои Тимур Дибиров, Дејан Манасков, кои ми пренесоја лично искуство и најразлични техники за најдобро да се снајдам на крилната позиција. Исто така, и Кирил Лазаров на секој тренинг го пренесуваше своето животно и ракометно искуство,  заедно со своите гости и најдобриот стручен, тренерски кадар за млади категории, работеше на запознавање со ракометната игра, но и на усовршување преку индивидуален пристап со секој учесник. Со реализацијата на овој проект, јас и останатите учесници добивме надоградба, квалитетно школување, спортска култура, начин на исхрана, спортска психологија, квалитетен тренинг. Целта на овој проект беше да бидиме врвни ракометари, кои во иднина со гордост ќе го носат дресот со националните обележја.

12781947_1265570410125658_907961989_n

Освен ракометот што друго е твоја опсесија, на што друго го трошиш твоето слободно време?

Со оглед на фактот што уште сум средношколец, ми останува малку слободно време. Но како и секој млад човек, секогаш наоѓам време за дружење со моите другари, слушам музика, и секако одделувам време и за моето семејство, кое, како што кажав, секогаш ме подржува.

Она што сите би ги интересирало, дали сегашниот клуб каде што настапуваш има иднина, дали се работи за долгорочен план, кој стои добро финансиски и кој дополнително ќе напредува од сезона во сезона?

РК Прилеп каде што сега настапувам, би рекол не само дека има иднина, туку блескава иднина од аспект на стручниот тим, од аспект на тоа што имаме многу добри играчи, кои даваат се од себе, како на тренинзите, така и на утакмиците. Но, познато е дека денес тешко се обезбедуваат финансии, а тоа е услов број еден за еден тим да напредува на долгорочен план.

Кој е патот до успехот според тебе?

Според мене, патот до успехот е долг. Патот до успехот води чекор по чекор, скалило по скалило Само со огромна посветеност, работа и дисциплина може да се стане врвен ракометар.

Порака до твоите фанови на трибините и читателите на маркукуле.мк

Да бидат дел од трибините на ракометните натпревари на „РК Прилеп“, нивното присуство да биде што помасовно, да го подржуваат ракометот и на тој начин да се врати ракометниот сјај на поранешниот Тутунски Комбинат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.