Започнаја како млад локален бенд, со желба и планови да направат многу. Денес после 6 години тие се нашите локални рок херои. Златко Карчески, Илија Мирчески, Јане Петкоски и Крсте Карчески или ТHE HOUNDS, се одличниот спој кој ја крева публиката на нозе, каде и да настапуваат. Препознатилива енергија и неуморност се главните карактеристики на нивниот бенд, широка листа на композиции што ги изведуваат, како и свои дела кои не заостануваат. Чекавме на нивното интервју, не затоа што не сакаат соработки, туку затоа што не можат да се добијат. Дечките се презафатени, настапуваат низ целата држава и секаде оставаат голем жар на сцената.
Здраво дечки и добредојдовте на страниците на маркукуле.мк !
Се сеќавам на вашите први настапи пред 6 години, беше тоа во ноќниот клуб The End. Коментарите уште во тоа време беа позитивни од сите кои ве следеа. Уште тогаш се знаеше дека ќе прерасните во врвен бенд и ќе имате богата агенда во иднина. За почеток кажете им на нашите читатели како дојде до ова име на бендот и што значи, kако се формира бендот, чија беше иницијативата и кои беа првичните планови на бендот?
Пред 6 ипол години сите членувавме во 3 различни бендови кои функционираа на локално ниво. Музиката ни е професионална определба на сите. Почувствувавме дека е време за бенд со поинаква идеологија од тогашниот мејнстрим. Се погоди муабетот, се собра екипата, ја нарековме ‘TheHounds’.
Настапите на The Hounds се навистина бучни, полни со публика и многу скокање. Како успевате да предизвикате таква атмосвера и на што се должи тоа?
Чиста среќа. Обично ние дома лежиме по цел ден, си ги средуваме мислите, и доаѓа четврток, заминуваме на свирење и спонтано се случува магијата, народ скока, ние бучиме, знаете, има љубов.. Хаха.. Не, зафрканција на страна, успехот се случува само со работа, а и нормално мора да го сакаш тоа што го работиш. Мило ни е што имаме публика која не разбира и која ја сака нашата музика. Преблагодарни сме, ќе продолжиме да сме искрени со нив, никогаш нема да се штедиме, безрезервно ќе ја даваме целата енергија и љубов што ја поседуваме!
Имате настапувано во скоро сите прилепски локали, кога почнавте да настапувате надвор од градот и на кои се места можеме да уживаме во вашата музика низ Македонија?
Иако сме од Прилеп, тоа не е местото каде што свириме најчесто. Свириме секогаш и секаде. Имаме база на фанови и пријатели низ цела Македонија, горди сме на тоа.
Што до сега имаат The Hounds како свој производ и на што работат моментално?
До сега имаме издадено 8 синглови и 5 спота. Моментално се работи на последните 2 песни од албумот.
Дали можеме да очекуваме интернационална кариера oд Тhe Hounds, дали имате такви контакти за во блиска иднина?
Можете 😀
Соработката со Леа навистина претставува еден одличен спој, секоја чест. Како дојде до овој контакт и дали би се случиле и нови заеднички хитови во нареден период?
Благодариме. Имаме кажано и во претходна прилика, ‘Насмевка’ со Леа ни се случи исто како и ‘Да дишеме слободно’ – сосема спонтано и природно. Ги сакаме соработките со неа, дифинитивно ќе има уште многу заедничка музика.
Што би му порачале на читателите на маркукуле и на вашите секогаш присутни фанови, поддржувачи и хејтери?
На вашите читатели им порачуваме, а вам ви посакуваме да продолжат да ве читаат. На фановите поддржувачите и хејтерите им се заблагодаруваме, им посакуваме да размислуваат со своја глава и цврсто да стојат на својот став. Продолжуваме да ги слушаме сите, и позитивни и негативни коментари, подеднакво се важни и стимулативно делуваат на нас.
Редакцијата на маркукуле.мк ви е благодарна за одвоеното време и ви посакува преполни настапи, многу издадени песни и соработки во иднина и да остарите заедно на сцената.
Ви благодариме на вниманието, ви посакуваме успешна работа во иднина.
Подготви: Александар Георгиоски