Интервју со Проф. д-р Валентин Мирчески, еден од најголемите амбасадори на Прилеп и нов Академик на МАНУ

Валентин Мирчески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје, е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите. Низ неговата богата академска кариера има работено и за повеќе универзитети ширум Европа. Професорот Мирчески е вистински амбасадор на Прилеп и Република Македонија, а неговото знаење и искуство е богатство со кое се стекнал секој негов студент. Во продолжение кратко интервју со Професорот и Академик Валентин Мирчески за неговата кариера и академски достигнувања.

Професоре Мирчески, кажете ни накратко како стигнавте до ова особено признание да станете дел од нашата највисока академска институција МАНУ.

– Приемот во МАНУ е резултат на мојата научна и академска работа во изминативе три децении, како и на мојата љубов кон природните науки и знаењето воопшто. Корените на таа страст се протегаат уште од моето основно образование во училиштето „Климент Охридски“ во Прилеп, а особено во извонредната гимназија „Мирче Ацев“, која и денес е една од најпрестижните школи во Македонија. Впрочем, Прилеп не е само слободарски град, тој е град на македонската интелектуална елита, која себе се вградила во интелектуалниот и духовниот темел на нашата Македонска држава.

Кажете ни нешто за вашата досегашна академска кариера.

– Академската кариера ја започнав во 1992 година, како асистент на Институот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, одма после моето дипломирање на истиот факултет како најдобар студент во својата генерација. Докторирав на Природословно-математичкиот факултет во Загреб – Хрватска, во областа на електрохемија – интердисциплинарна наука меѓу физиката и хемијата, под менторство на д-р Миливој Ловриќ, еден од водечките научници на Хрватска. После докторирањето, бев избран од престижната научна фондација “Александер фон Хумболт” и заминав на постдокторски истражувачки престој во Германија. Во изминативе децении, покрај мојот редовен ангажман на Природно-математичкиот факултет во Скопје, работев на повеќе универзитети ширум Европа, главно во Германија и Франција, а моментално сум визитинг професор на Универзитетот во Лоѓ – Полска.

Оваа и минатата година медиумите информираа дека сте на светската листата на 2% највлијателни научници, според анализата на водечкиот Стенфорд Универзитет од САД, заедно со Претcедателот на МАНУ, академикот Коцарев, и уште неколку други истражувачи од Македонија, меѓу кои е и уште еден прилепчанец – професорот Рубин Гулабоски.

– Ова престижно рангирање е направено врз основа на бројот на објавени научни трудови, квалитетот и фактор на влијание (импaкт фактор) на меѓународните списанија каде се објавени трудовите, како и бројот на цитати на моите публикации. Јас сум досега автор на 141 научен труд, од кои 127 се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание на престижните издавачки куќи Elsevier, Springer, American Chemical Society, Nature итн. Според анализата на “Стенфорд” универзитетот, моите трудови вкупно се цитирани околу 3000 пати. Овие целокупни резултати статистички ме рангираат во 2% највлијателни истражувачи на глобално ниво.

Добитник сте на повеќе награди за научните постигања. Издвоете некои од нив.

– Особено ми е драга наградата што ја добив уште во 2006 година од Француското хемиско друштво и Европската асоцијација за електроаналитичка хемија, за најдобар истражувач на возраст до 40 години во областа на електроаналитичката хемија. Наградата ја добив на меѓународниот конгрес што се одржуваше во Бордо, Франција. Сепак, најдрага ми е државната награда „Гоце Делчев“ од 2008 година, за особен придонес во развојот на науката на Република Македонија. Покрај тоа, минатата годнина бев избран за најуспешен истражувач од подрачјето на природно-математичките науки за 2020 год. на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Кои се предизвиците што стојат пред вас?

– Научната работа и потрагата по знаење е бескраен процес. Мојата желба е научната дејност во Македонија да се развива според моделот на развиените земји и да расте сознанието во нашата академска заедница дека високото образование е неразделно од научноистражувачката дејност. Само преку научна работа во која се интегрирани професорите и студентите се создава интелектуалната елита, која треба да го гаранира целокупниот развој на нашата Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.