Интервју со Панче Патоски, претседател на Младинската организација при Гимназијата “Мирче Ацев”

Младинската организација при Гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп е една од најактивните и секогаш била примамлива за младите да се активираат во неа и да придонесат во подобрување на интерактивноста во образованието, но и дружењето и спортувањето кај младите. Панче Патоски моментално е претседател на оваа организација, се труди и се вложува целосно себе си’ оваа младинска организација и понатаму да оди напред и да остани на врвот. За Маркукуле тој открива како функционира Младинската организација при СОУ “Мирче Ацев”, кои се нивните активности и планови, како и за тоа каква е соработката со останатите младински организации и други фактори во градот.

14956549_10206730465771868_830312465650594743_n

-Колку членови брои Mладинската организација и која е нејзината примарна цел ?

Младинската Oрганизација од кога јас бев избран за претседател брои 32 членови, кои што своеволно се пријавуваат преку конкурс распишан од Младинската Организација. Потоа тие се вклучуваат во еден од секторите на Младинската Организација по свој избор. Младинската Организација се состои од пет сектори и тоа: сектор за хуманитарни активности, сектор за спорт и спортски активности, сектор за литература, сектор за уметност и сектор за волонтерство (странски волонтери). Секој сектор си ја извршува својата работа и не се меша во активностите на другите сектори. Секој од секторите си има свој координатор/и  кој ја координира работата на секторот и тој придонесува исто толку колку што придонесуваат и другите членови на тој сектор. Основната цел на Младинската Организација е врска помеѓу учениците со службата. Сите желби, потреби и проблеми кои што ги имаат соучениците, Младинската Организација се труди што е можно повеќе да ги исполни и реши.

-Како се избира претседател на Младинската Организација ?

Претседателот на Младинската Организација се избира преку демократски систем, така што гласаат по три членови на класната заедница од секој клас во Гимназијата. Гласањето се одвива анонимно, после тоа се прикажуваат резултатите и се прогласуваат  новиот претседател, потпретседател и записничар на Младинската Организација. Секој ученик од трета година може да се пријави за претседател на Младинската Организација.

15673511_10207075632720826_434746298_n

-Каква функција имаш ти како претседател на Младинската Организација во гимназијата “Мирче Ацев” ? Кои се твоите обврски ?

Претседателот на Младинската Организација е должен да ги постави координаторите на секторите и со нив да се консултира за сите активности кои ги организира Младинската Организација, исто така претседателот е вклучен во сите тие активности и има голем придонес во нивното остварување. Тој ја носи конечната одлука заедно со менторот на Младинската Организација, дали некој од активностите на Младинската ќе се одржуваат или не, без разлика колку инсистираат координаторите.

– Какви способности треба да поседува претседателот на Младинската организација ?

Претседател на Младинска Организација, најпрво и најважно, треба да поседува одговорност. Да се биде претседател на Младинска Организација е доста сериозна работа затоа што тој ги претставува сите ученици и тој со своите постапки не смее да направи нешто што не би им се допаднало на соучениците. Исто така претседателот треба да поседува ораторски способности, да биде креативен, трпелив, амбициозен, координиран, снаодлив и  транспарентен.

15645352_10207075649441244_944783043_n

-Со кои успеси или организирани настани може да се пофали Младинската организација на Гимназијата ?

На почетокот на годината организиравме Хуманитарна забава во Кафе Арт Апореа која беше организирана од страна на секторот за хуманитарни активности, потоа имавме турнир во одбојка организиран од страна на секторот за спорт и спортски активности во училишната сала, следуваше поетска седенка во вила „Димкар“ организирана од секторот за литература, исто така помогнавме во реализацијата на познатиот гимназиски фестивал „Гимфест“. Во септември беше организиран  турнир во фудбал на фудбалското игралиште во гимназискиот двор од страна на секоторот за спорт и спортски активности, потоа следуваше уште една хуманитарна забава во Кафе Вирус. Во месец ноември беше организирана ораторска вечер на која настапија десет кандидати од СОУ„Мирче Ацев“-Прилеп која беше одржана во Градската Библиотека „Борка Талески“-Прилеп. Во месец декември беше одржан Стрип-натпревар „Низ окото на фотографијата“ каде што учество зедоа сите средни училишта од градот Прилеп. До крајот на годината имаме план да се реализира уште една средношколска забава во ноќниот клуб „Синдикат“ и за време на новогодишните празници да ги посетиме Домот за стари лица во Прилеп и Домот за деца без родители во Битола, на кои им подготвивме мали подароци и претстава со цел да ги развеселиме.

– Дали имате соработка со други вакви организации?

Да. Ние сме во постојана соработка со Младинските Организации на другите средни училишта и со нив сме во постојан контакт. Средношколската забава која што ја планираме ќе биде во соработка со сите останати средни училишта.

– Гимназијата “Мирче Ацев” особено е позната по музичкиот фестивал “Гим-фест”. Колку Младинската организација помага во организирањето на овој уникатен музички настан ?

Младинската Организација придонесува многу во реализација на музичкиот фестивал „Гимфест“, бидејќи сепак гимназијата е позната по тој фестивал, ние помагаме во организацијата на овој фестивал заедно со директорот, професорите, учесниците и се трудиме фестивалот да биде се подобар и подобар секоја година.

15644214_10207075649161237_1525975747_n

– Освен обврските во училиштето и во Младинската Организација, Панче е спортист, дел од младинскиот  тим на прилепска “Победа”. Успеваш ли да посветиш доволно време на сите обврски ? Можно ли е да се биде успешен на секое поле ?

Доколку се сака, сé се може. Секогаш го кажувам тоа кога ќе ми го постават ова прашање. Откако бев избран за претседател на Младинската Организација моето слободно време се намали и поради тоа морав подобро да се организирам со цел да можам да се посветам на сите активности на кои бев потребен и на кои сум се решил да учествувам. На секој тренинг сум присутен, на училиште сум со одличен успех и тоа сé со малку труд и волја.

– Кој ти ја дава најголемата поддршка и мотивација за да продолжиш во исто темпо, како во спортот така и во учењето ?

Најголемата подршка ја добивам од моите родители и од мојот помал брат, потоа тука е и мојот класен раководител, професорот кој ми беше ментор во Младинската Организација, сите координатори на Младинската Организација кои напорно работеа цела година со мене за да ги постигниме сите активности кои ни беа цел, моите соиграчи во младинскиот тим на ФК„Победа“ и исто така мојот тренер.

– Кој е патот до успехот според Панче ?

Доколку се даде доволен труд и доколку се има доволна желба патот до успехот сам ќе ни се отвори.

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.