Интервју со Мери Тодорова Младеновска: Личност што на секој момент во денот му дава стил и живот

Мери Тодорова Младеновска е новинар, ликовен уметник, пеач, дизајнер, книжевник, поет и што ли уште не…. Навистина една фасцинантна личност, што го привлече нашето внимание, личност која има што да каже и да понуди, личност која секој миг од денот го троши продуктивно и
создава нешто ново.

Емисијата “Лица и Дела” на ТВ Сонце е заеднички проект на Мери и нејзиниот сопруг Симе Младеновски. Се работи за емисија oд забавен карактер од областа на културата и уметноста, која успешно опстојува веќе 4 години, низ која поминале многу познати личности, актери, музичари …, а истата ја следат повеќе од 275.000 гледачи ширум државата и дијаспората.

Кога се работи за вакво шаренило на таленти, за луѓе кои оставаат скапоцености со секој нивни чекор, секогаш вреди да се напише нешто за нив, да им се посвети барем малку внимание за нивното дело, за наследството кое го оставаат и што вечно ќе живее после нив.

Ликовните и дизајнерските дела, накитот, прозните и поетските творби, се само дел од од она што следува и веруваме дека ќе го привлече и вашето внимание.

14055697_1223757937654799_1848964732_n

Вие сте млада личност која постигнала речиси за два животи. Откријте ни повеќе за себе, каде се вашите професионални почетоци и како се движеше вашата кариера?

Човек може да ги постигне работите што ги сака само доколку работи напорно и со љубов. Секако, посветеноста е многу важна, но и објективноста кога станува збор за работите кои се во врска со изградувањето на една личност. Ништо во животот не е лесно и едноставно, секој мора да се труди за да постигне резултат и да создаде нешто што ќе остави траен белег, да изгради личен печат и нешто по што ќе го препознаваат. Можам да кажам дека се што сум постигнала некако се таложело низ годините, созревало во мене и го чекало моментот без разлика дали сум поминувала низ лоши или добри периоди. Важно е да се каже дека ние самите не го бираме клучниот момент за да се искажеме туку некако како „коцките“ сами да се „редат“. Но без потребното знаење и искуство, секако можеме да го пропуштиме моментот што е „одреден“ за нас и што ќе ни го промени животот. Како водител работам толку време колку што постои и „Лица и дела“ што е заеднички авторски ТВ проект, мој и на мојот сопруг. Претходно себе си никогаш не се гледав како вработена во медиум, а уште помалку како ТВ лице, но ете токму за таков „момент“ веќе говорев. Сето искуство што го имав стекнато самостојно, а подоцна и како студент, сите информации со кои располагав само ги преточив во начин на градење на еден ТВ проект, за кој сметам дека е корисен не само за личностите кои ни гостуваат, туку и за аудиториумот.

Што е ваша најголема поддршка, нешто што ве води во животот и ве инспирира да создавате и творите во секој миг од животот?

Мислата која живее и постои во мене дури и во моментите кога умот ми е окупиран со нешто друго е тоа дека на сите нам овој живот ни е даден како подарок и како таков должни сме да го негуваме и да го надградуваме со искуства. Сите стекнати искуства добри или лоши го збогатуваат животот и во секој случај го прават поубав, избалансиран, побогат… Преку искуствата се остваруваме и се идентификуваме, секој по сопствен избор. Низ животот ме води вродениот инстинкт за живеење како разумско суштество со дарба за создавање и за творење што според мене важи подеднакво за сите луѓе, но повторно, секој човек има право на сопствен избор во што ќе го претвори својот живот и тоа апсолутно нема никаква врска со материјалните вредности, затоа што тоа е минлив призор наспроти душата како енергија.

14087769_1223755784321681_611409475_o

Емисијата „Лица и дела” која успешно опстојува и веќе 4 години здрачи во етерот на ТВ Сонце е нешто што вреди да се погледне. Кажете ни што можат да погледнат гледачите за време на минутите резервирани за вашата емисија и кога се емитува истата?

После извесен период на работа на овој ТВ проект што во почетокот беше посветен само на културата и уметноста, од скоро, ние кои го осмисливме овој проект, но неминовно и нашите соработници, решивме да се отвориме кон сите сфери на животот и на тој начин да си создадеме можност преку содржините на „Лица и дела“ да излеземе во пресрет на секој кој може да придонесе за збогатувањето на квалитетот на живеењето во нашата земја, но исто така секаде каде што се емитува и каде што се гледа оваа емисија. Гледачите имаат можност да следат квалитетни содржини богати со информации, квалитетно да го потрошат своето време пред ТВ екраните во терминот определен за „Лица и дела“, поконкретно, премиерно, секоја сабота во 21ч, се разбира, само на ТВ Сонце. Како што веќе наведов, од сите области кои ги опфаќаме се трудиме да го извлечеме најдоброто и најкорисното, не е изоставена ниту една возрасна група и искрено се надеваме дека намерата да извршиме позитивно влијание дотаму до каде што допира ТВ Сонце, успешно ја остваруваме.

14215157_1229761287054464_1324821880_o

Колку гости поминале низ емисијата и дали имате некое особено драго интервју, некој гостин што ви оставил особено впечаток и некој што бил посебно тежок за добивање на одговори?

Со бројот на гостите на „Лица и дела“ можеме да се гордееме, но тоа не е единствената причина која ни дава мотив да продолжиме понатаму. Сепак креативноста на оние кои во рамките на изданијата на емисијата споделиле важни и ексклузивни информации била огромна, а доказ за тоа секако е големиот рејтинг на „Лица и дела“ и фактот дека се уште го имаме вниманието на аудиториумот. Главната идеја при осмислувањето на овој ТВ проект беше и остана иста – ние овој проект го посветуваме на гледачите, а нивниот интерес, верност и внимание ни даваат мотив да опстанеме и да бидеме доследни на квалитетот кој го нудиме. Генерално, сите кои гостувале во емисијата ми се драги и никако не можам да издвојам некого поконкретно, сите подеднакво придонесле за шаренилото и богатството на „Лица и дела“, секое интервју е уникатно, убаво и исклучително, а јас секогаш се трудам гостувањата да протечат во пријатна, опуштена и природна атмосфера. Како водител се трудам низ секое издание да извлечам што повеќе ексклузивни изјави и да дадам нов пристап кон разговорот со гостин во емисија. После се направено досега, оваа можност ја користам и на ценетите гледачи им препорачувам да ги проследат нашите најнови изданија, кои ќе имаат можност да ги погледаат во скоро време, а се посветени на Прилеп и од кои можат да се информираат за многу нешта. Овие изданија изобиливаат со многу корисни и интересни информации, како и со многу изненадувања, како во самата содржина така и во изборот на гостите.

Како успевате да го споите новинарството со уметноста и книжевноста и кажете ни повеќе за вашето уметничко творештво и дизајнерство. Го правите ли тоа за ваша душа или дозволувате да допре и до туѓи очи, преку изложби?

Спојувањето на овие области кај мене доаѓа некако природно и не постои еден определен начин или некаква шема според која го поврзувам новинарството со уметноста и книжевноста. Едноставно, овие три области во мојот случај многу лесно се надоврзуваат една со друга и меѓусебно се надградуваат. Ако ја издвојам уметноста и ако ја разгледувам поединечно, во мојот случај таа е поле каде сите мои таленти наоѓаат простор поради едноставна причина што токму таков е мојот светоглед – се што се одвива околу мене го гледам низ призмата на уметноста и така успевам најлесно да се изразам. Ми претставува огромно задоволство кога успевам да создадам нешто ново во што ќе успеам да ја вткаам мојата личност и кога имам можност да се претставам во јавноста токму на таков начин. Како личност во постојана потрага по убавото научив дека убавината постои дури и таму каде што најмалку се надеваме дека ќе ја согледаме, па оттука според мене убавината е сублимат на се што не опкружува, во природата, но и во делата кои ја подражаваат (имитираат). Во тој случај имаме природа која имитира природа и се стреми кон исконските корени на причината на постоењето. Најважно од се е тоа никогаш да не дозволиме да не напушти детето во нас затоа што тогаш сами себе си би се елиминирале од вечниот извор на животот и постоењето. Најдобро е кога светот го гледаме низ очите на детето, искрено и чисто, кога веруваме дека се е можно и остварливо. И според се што кажав досега, може јасно да се согледа дека мене никогаш не ми требала особена можност или организација за да ги претставам своите дела, туку можност гледам секаде каде што има услов и интерес, без никакви притисоци, пренагласувања и официјалности. Се надевам дека во скоро време ќе успеам моите дела да ги соберам на едно место и да ги прикажам на начин на кој ќе биде истакната нивната суштина, убавина и порака.

14081431_1223756504321609_507819494_n

14137830_1223756470988279_700136792_n

Што друго го окупира вашето време, што уште е вредно за вашето внимание, кон што уште трошите енергија и трпение?

Моето време го окупира изнаоѓањето начин за постигнување мир, спокој и хармонија во животот. Секојдневно се трудам од сопствениот систем да ги отфрлам непотребните информации кои ги добивам без да посакам или да се трудам. Хармонијата и малата светла точка на крајот од тунелот се уште го држи моето внимание и навистина сметам дека надежта за подобро утре го заслужува најголемото внимание кај сите, а не само во мојот случај и сметам дека тоа е единствениот начин да се избегнат непријатностите и неретко грдите нешта кои пречат, но очигледно се се поприсутни и заземаат се поголемо место во нашите животи. Стремежот кон суштината на постоњето е нешто што треба да е присутно кај секоја индивидуа и кон кое апсолутно не треба да имаме став како кон нешто што бара трпение и одзема енергија.

Тешко е ли да се стигне на секое место, да се проследи секое случување и да им се пренесе слика и звук, за се што е интересно на гледачите пред екраните?

Она што го работам и она во што верувам, секако дека сакам да биде испочитувано и ценето, па оттука се што е убаво, што произлегло од добра намера и позитивна мисла, заслужува да биде испочитувано и забележано. Реално, самиот процес на донесување на готов производ пред јавноста е сложен и бара внимание и концентрација, но доколку се гледа на позитивниот исход од успешно завршената работа, на крајот се забораваат тешкотиите, напорот и вложената енергија во процесот на создавањето на производот кој ќе биде корисен за сите . Не постои никаква препрека за оној кој создава со љубов и посветеност, туку напротив, резултатите секогаш ќе бидат позитивни и значајни.

Имате ли некои посебни желби, нешто што недостига во вашиот мозаик и што сакате да го постигнете во иднина?

Постојат моменти кога посакувам да можам да создавам деноноќно, без потреба за одмор, без прекинување на работата и оставање за наредниот ден, но тоа секако е невозможно. Би сакала бесконечно многу време, неограничено, да се посветам на се и на сите што ги сакам, сакам духовно богатство, а не материјално, издигнување над искушенијата и наметнатите влијанија. Сакам скромност и воздржаност, покорност и самопочит. Сакам сите квалитетни нешта што поскоро да ги согледам во окружувањето, во сите луѓе, во животот кој се одвива до недоглед. Така би требало според мене да изгледа иднината… совршена иднина во која секој ќе се пронајде себе си, ќе се спознае и ќе биде корисен најпрво за себе, а потоа и за другите.

14159938_1224694600894466_623119147_n

Кој е според вас патот до успехот, кон што треба да се стреми човек за да го достигне врвот во својата кариера?

Најважно е да се биде ЧОВЕК. Останатото доаѓа според заслугите и посветеноста. Секој треба да се посвети на сопствените активности и обврски онолку колку што е потребно и колку што дозволува нашата природа. Луѓето се природни суштества и припаѓаат на природата, а секое застранување од природните норми, такви какви што се, а не такви какви што сакаме ние да бидат доведува до заблуда и бесконечна потрага по идеалното, што во суштина претставува утопија. Најстрашно е да се изгуби поимот за човечност, а да се создава за човекот. Никој не е тука случајно затоа што случајноста исто така не постои, но кога секој би работел за средината така како што би работел за себе, достигнувањето на врвот на кариерата би бил наједноставниот процес.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.