Танцување по асфалтот, така Ленин Јовановски го нарекува возењето мотор. Препознатливи по нивната харизма, љубезност и отвореност за разговор и соработка, Ленин и Ноќните Волци се култ на овие простори, за кои со гордост можеме да кажеме дека се наши момци. – „Колективното е над личното, иднината е поважна од сегашноста и правдата е посилна од Законот“, доволно впечатлива порака за да уживате во разговорот.
Здраво Ленин, чест и огромно задоволство ни е што ја прифативте поканата за овој интервју разговор. За почеток секако она што не интересира и верувам дека многумина кои прв пат ќе прочитаат нешто повеќе за вас е тоа кога Ленин се вљуби во моторите, кога за прв пат се разгори таа страст во вас?
Јас ја развивам тезата дека вистинската љубов кон моторите и моторџискиот начин на живот мора да постои внатре во човекот (во гените) и да го има тоа со самото раѓање, друг е моментот кога тоа ќе може да го реализира односно да си го дозволи. За да бидеш вистински моторџија не е доволно да имаш само желба и амбиција, туку треба да имаш и можности, од друга страна пак, не значи дека ако ги имаш можностите можеш и да бидеш моторџија во вистинска смисла на зборот.
Вие и Ноќните Волци сте култни личности во нашата држава и секогаш сте и во улога на амбасадори на ширење на Македонската култура. Деновиве видовме по медиумите дека моторите се вратија во гаражите и ќе го чекаат почетокот на идната моторџиска сезона. Кога официјално започнува сезоната на возење, и дали и почетокот како и крајот на една сезона го одбележувате на посебен начин?
Формално завршувањето или почетокот на моторџиската сезона можеби и ние самите понекогаш ја врзуваме со некој датум, но исклучиво како причина за да си направиме забава и дружење, инаку фактички нашето поднебје и клима овозможува да се вози мотор преку целата година, особено сега кога опремата која што постои дозволува моторџијата да може да вози мотор и во услови кои и баш не се совршени за возење мотор. Како пример ќе го наведам нашето собирање со моторите на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје во првиот ден од новата година (01.01.). Традиција која започна од нас, а е широко прифатена од поголем број на мото клубови во Македонија. Овој настан сам по себе говори, па и како одговор на вашето прашање.
Ленин многу патувања, многу дружење, тоа е првото што го гледа секој оној што го посетил вашиот фејсбук профил. Заљубени ли сте во патувањата, или секое едно патување има и некоја мисија, во смисла на проширување на видиците и градење на пријателства со други сродни моторџиски групи?
Да, тоа е накако вградено во мојот начин на живеење, патувам за да се вратам и се враќам за повторно да отпатувам. Иако мојте патување не се секогаш со моторите, но токму тие се највпечатливите, најинтересните и оние кои ме прават најсреќен. Доживувањата на патувањата со мотор се специфични доживувања и приказни сами по себе, тешко дека може да го доловите моментот преку раскажување. За да вистински знаете за што се работи мора лично да го искусите. Патувањето со вашиот миленик (моторот) јас го нарекувам танцување по асфалтот. Специфичноста на дружењето со ветрот и кога тој е добар, но и кога ви прави проблем, а вие сепак го сакате (исто како и другарите). Сето тоа е индивидуално доживување кое јас често го компарирам со доживувањето како кога водите љубов (тешко за опишување). Дружењето на тие патувања со групата, одморите, точењето на гориво, заедничката исхрана, заемното помагање, движењето на групата како една целина, техниките, гестикулациите и невербалната комуникацијата се врвот на поентата на моторџиството во која дефинитивно ќе се препознаете себе си во посебното.
Колку членови бројат Ноќните волци, и дали секој вљубеник во моторџиската култура може да стане дел од нив?
Кога станува збор за клуб како нашиот секогаш треба да се има во предвид дека ние го форсираме квалитетот, а не квантитетот. Ние сме интернационален клуб во кој членуваат многу голем број на моторџии, со оглед на големите територии кои ги покрива нашето присуство, но никогаш не се пребројуваме туку се запознаваме, си помагаме и сме добредојдени еден кај друг како вистински браќа.
Во Ноќни Волци може да пристапи секој кој за тоа САМИОТ ќе побара, најпрво е како наш поддржувач и тој мора да поседува мотор. Исто така мора да исполнува неколку општи услови меѓу кои и да не е зависник од негативни пороци, да е маж и во одреден период на дружење да биде прифатен од останатите членови на клубот, но и тој да го запознае клубот и луѓето во него, за да согледа дали самиот ќе се пронајде себе си во еден ваков клуб. Сето останато го осознава и стекнува постепено, во зависност од неговото присуство, начин на дружење, комуникација и придонес во клубот како колектив.
Дали можете да ни доловите еден краток историјат на моторџиството, каде за прв пат се појавува оваа култура на групно возење и заеднично делење на должината на патиштата?
Култот за моторџиството и ваквиот начин на организирање започнува од запад, од Америка, помалку или повеќе начинот на функционирање на „МС“ (ЕМ СИ) клубовите, во организациска и хиерархиска смисла се применува и до ден денес. За жал моќта на моторџиските клубови која произлегува пред се од бројноста, дисциплината, човечкиот потенцијал, лојалноста, силата и карактерот на членството доведува да одредени клубови сето тоа го искористат за создавање на големи финансиски профити, а сето тоа преку извршување на законски недозволени активности, како што се нелегална трговија на дрога и оружје, убиства, насилство (рекет), уцени, проституција и сл. Тоа е сложена проблематика и не може да се опише кратко и едноставно. За таа проблематика како своевиден феномен, зборувам и во мојот магистерски труд под наслов „Мафијашки Тип на Организиран Криминал“, врз основа на кој планирам да издадам книга од која што и студентите на факултетите за безбедност и криминологија, но и обичниот човек ќе може од поблиску да се запознае со таа проблематика која е многу сериозна закана и проблем со кој се соочуваат безбедносните структури на многу земји, од кои некои дури имаат и посебни полициски служби кој го третираат овој вид на криминал.
Наспроти ваквата состојба и мислењето за моторџиите, кое пред се доаѓа како информација до обичните граѓани преку медиите, филмовите и сл. постојат, но и се повеќе се формираат моторџиските групи, братства и обични клубови, кои преку своето делување се препознаваат како општествено корисни и хумани.
Кога човек еднаш ќе се вљуби во оваа опсесија може ли некогаш слободно без грижа на совест да речи, “Доста ми е мене од ова, го оставам моторот” ?
Секој кој што ќе го каже тоа никогаш не ни бил моторџија во вистинска смисла на зборот, тој можеби само имал и знаел да вози мотор што не е доволно, исто како што не можете да бидите фудбалер ако купите и облечете дрес и копачки. Јас не зборувам за таквите, туку за оние кој ги опишав во одговорите на вашите претходни прашања.
Јас зборам за моторџии , оние кои сум ги познавал, запознавал и оние кои ги познавам и денес како такви, моторџии кои не се тоа заради мода, имиџ, престиж и сл. Моторџиите за кои јас зборувам се раѓаат како такви, сакаат да возат мотори и уживаат во тоа, понекогаш се повредуваат, гинат или животот од било која друга причина им завршил возејќи мотор и возеле се додека биле во физичка кондиција да го прават тоа, а има такви и по 70-тата година.
Имате добивано многу награди, признанија, благодарници, вие сте една култна појава секаде каде ќе се појавите. Ве прават ли горд сите тие достигнувања?
Би излажал ако кажам дека не е така, иако не станува збор за некаква финансиска корист туку морална сатисфакција, тоа парче хартија или предмет преку кое некој позитивно ве квалификувал или ви се заблагодарил за стореното е од огромна важност и поттик да се вложиш повеќе во тоа за што си вреднуван, секогаш да се трудиш да бидеш подобар и сето тоа да ви е потврдено дека она што го правите е правилно и добро, за мене е голема работа. Затоа сето тоа многу ми значи и со гордост и ја полнам мојата работна канцеларија и просториите на нашиот клуб со такви нешта, и секогаш секој поглед во нив ме прави не само горд туку и многу среќен.
Имате ли свое омилено мото, нешто што ве води во животот, нешто што ви дава енергија?
„Лојалност, чест и почитување“.
„Не ги следи туѓите патишта, направи свој пат и дозволи им на другите да го следат“.
„Колективното е над личното,
Иднината е поважна од сегашноста и
Правдата е посилна од Законот“
Многупати по медиумите се зборуваше за вашите контакти со Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, но еве ајде и за читателите на маркукуле.мк, каков човек според вас е Рускиот Претседател, како би го опишале, и дали ќе ја посети нашата држава некогаш?
Точно така, благодарение на мојот клубски претседател и брат Хирург имав можност да возам мотор, да разговарам и бидам најблиску, до најмоќниот човек во светот Путин. Првата моја средба и запознавање со него се случи во Севастопол, за да потоа продолжи во Белград, а потоа и во Новорусиск. Нашите средби не биле (и не можат да бидат) од политички карактер уште помалку причина да се развиваат некакви други претпоставки. Тоа се средби помеѓу луѓе кои заемно се почитуваат врз основа на тоа што го правиме во рамките на нашето делување ние како клуб, а тој како водач на една моќна и голема нација со големо влијание на светските процеси. Задничкиот интерес за достоинствен живот и ценење на историјата и патриотизмот на словенскиот народ е нешто што не природно не поврза. Сепак она што воодушевува кај тој голем човек е непосредноста и едноставноста, способноста да својот однос и разговор го сведе на нивото на соговорникот и да го направи извонредно пријатен. Ако би можел да го опишам би рекол дека е човек и маж достоен да му се довери улогата на светски лидер. Извонреден соговорник, брилијантен ум, полн со харизма и човек кој што точно знае каде му е местото, кој знае што сака и што треба да направи.
Путин од мене лично е поканет да дојде и да ја посети Македонија и тој ја прифати поканата кажувајќи дека има желба и дека сака, но дека тоа ќе го направи кога за тоа ќе ја има првата можност. (а тоа нели зависи од многу други фактори).
Освен моторите што друго е ваша опсесија, на што уште вложувате сила и енергија во животот?
Да не бидам скромен, да се биде Ленин таков како што очекува од мене моето семејство, моите блиски пријатели, соработници и оние кои ме почитуваат, искрено, не е воопшто ни лесно ни едноставно. За да може да се одржи кондицијата, да го задржите нивото што сте го постигнале, а и обврската да го надоградувате сето тоа, бара големи влогови, напор, откажувања… Сепак ова не значи дека треба да се жалам, се што работам го правам со задоволство и иако сум на повеќе фронтови, сатисфакцијата од постигнатите резултатите, почитувањето и добриот збор од луѓето ме бутка напред. Она што најмногу ми недостасува е времето, да беше денот барем некој саат подолг…
Какви активности подоготвуваат Ноќните Волци за идната сезона, што е она што можеме да го очекуваме од вас?
Ноќните Волци генерално имаат редовни (традиционални) и познати годишни активности како што се собирањето на плоштад Македонија на први јануари, годишнината на клубот, тату конвенцијата и мото фестивалот. Исто така присуствуваме на настани организирани од братските клубови во земјите каде што сме присутни и на други мото собири. Поддржуваме и настани на кои не покануваат и други организации, институци, за кои ние ќе оцениме дека се со добра порака и активност.
Порака до читателите на маркукуле.мк и вашите секогаш верни поддржувачи од Прилеп?
На вашите читатели од мое име и од цел клуб им посакувам да живеат и мислат слободно, да го прават она што ги прави среќни и задоволни и пред се да ја имаат таа можност.
Ви благодариме уште еднаш, ви посакуваме успешна работа, многу дужења, организирани настани, и продолжете да ја ширите оваа неверојатна моторџиска магија.
Подготви: Александар Георгиоски