Кога ќе затаните пред човек кој има толку големо интелектуално искуство зад себе и вложено толку многу труд во развојот на својата персона, едноставно не може, а да не направите одлично интервју, кое би било водич за успех на многумина. Д-р Панче Дамески е прв доктор по ветеринарна медицина од Прилеп и втор доктор по ветеринарна хирургија од Македонија, кој своето звање го стекна на реномираниот универзитет во Загреб. Исто така своето професионално искуство и интелектуален бекраунд го има ставено во корист на граѓаните и исполнување на нивните барања и потреби, преку политички ангажман во владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Др Панче Дамески вие сте втор доктор на науки по ветеринарна медицина во Република Македонија. Откријте ни на која тема беше докторскиот труд, каде се одвиваше одбраната на истиот и што ве поттикна да го достигнете ова високо општествено одликување и да станете доктор на науки?
Најнапред да се заблагодарам за честа која ми ја укажавте да дадам интервју за најпопуларниот портал во градот маркукуле. Тука би напоменал дека јас сум прв доктор на науки по ветеринарна медицина од Прилеп, или втор доктор од областа ветеринарна медицина – хирургија во Македонија. Мојот докторат го почнав и го завршив на реномираниот универзитет во Загреб и на уште подобриот ветеринарен факултет во хрватската престолнина, кој е еден од најдобрите ветеринарни факултети во централна Европа. Дел од испитувањата за трудот ги работевме овде во Прилеп, но најголемиот дел се одвиваше на ветеринарниот факултет во Загреб и во хрватскиот ветеринарен институт, а временскиот интервал во кој го завршив докторскиот труд беше 4 години. Она што особено ме поттикна да го достигнам докторското звање е тоа што јас долго време работев како ветеринарен доктор во нашиот град, при што во 2000-та година магистрирав исто така на ветеринарниот факултет во Загреб, додека пак од 2012 година работам како асистент на ветеринарниот факултет во Битола, по предметот хирургија-ортопедија и офтомологија. Па согласно законот за високо образование, потребен е докторски труд за да се стане професор на факултет.
Истата година ги запишав докторските студии и во еден рекорден рок би рекол, го завршив. Таа година во Загреб се запишавме околу 50 докторанти, и би рекол дека сум помеѓу први 5 кои ги завршиле докторските студии.
Што е ваша најголема поддршка, нешто што секогаш ве турка да чекорите напред?
Целиот успех кој го имам на полето на ветеринарната медицина, меѓутоа и на политички план, каде што остварив и добра политичка кариера, можам да кажам дека пред се е заслуга на поддршката на моето семејство, на мојата сопруга, децата, но и на мојата амбиција, бидејќи верував во тоа што го работам, го сакам тоа што го работам, па кога сте посветени на својата работа, дали е тоа на професионален или политички план, успехот е секогаш гарантиран.
Освен на професионален план, на полето на ветеринарната медицина, вие сте и политички активен, бевте пратеник во Собранието на Република Македонија и сеуште сте достојни и ги браните политиките на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Прилеп и тогаш и денес има репрезентативни пратеници во Парламентот, и затоа го доби овој нов европски лик. Тешко ли беше да се изборите за градот од каде доаѓате, како одеше комуникацијата со ресорните министерствата и воопшто со централната власт?
Јас бев пратеник во три мандати и тоа: од 2006 до 2008, потоа од 2008 до 2011 и бев повторно на листата во 2011 година, каде што влегов во Парламентот во периодот од 2013 до 2014 година. Кога ќе се вратам наназат пред 10 години, кога прв пат станав пратеник, навистина беше тешко, бидејќи го затекнавме градот во една многу незавидна положба од секаков аспект. Дали да зборуваме за инфраструктурниот дел, за поставеност на образованието, поставеност на здравството …., се беше запоставено и заборавено. Мојот мотив особено произлегуваше од тоа што јас ја познавав состојбата во земјоделито, поради секојдневните контакти со земјоделците од општина Прилеп, при што особено ми беше криво тоа што со нивната макотрпна работа, земјоделците не можеа да обезбедат егзистенција за своите семејства. Поради тоа мораше да се направи нешто за целосни, системски да се сменат работите. Соработката беше одлична, како со ресорните министерства, така и со локалната самоуправа, па со таква добра поставена вертикала се направи доста за градот. Секогаш може повеќе, но факт е дека прилепските пратеници, ние кои бевме, и оние кои сега се во Парламентот, работат посветено и обезбедивме доста средства за развој на градот.
Република Македонија поминува низ најтешкиот период од осамостојувањето на политички план. Наметнатата криза која предолго трае, со последниот договор по кој знае кој пат се ветува дека ќе се разреши. Кое е вашето мислење за однесувањето на опозицијата предводена од СДСМ и дали сметате дека конечно ќе се придржуваат кон она што скоро беше договорено?
За жал морам да кажам дека на овие простори во Европа, нема ниту еден сличен пример на вакво однесување на опозиција. Улогата на опозицијата е да биде коректор на власта, меѓутоа со вакво девијантно и деструктивно однесување, со ваква негативна политика, без минимално чувство на одговорност кон граѓаните, не може да се дојде на власт. Тоа мора да го знаат опозиционерите. Сепак, за жал структурата и составот на овие луѓе е далеку од она што беше во периодот 2006-2008, кога постоеа многу поконструктивни луѓе во истата партија, која и тогаш беше во опозиција. Имавме заеднички залагања за градот, дискусии, нивни предлози кои беа прифатени од наша страна, меѓутоа ова што се прави сега, ова уништување, е неприфатливо за најголем дел од граѓаните. Се надевам дека ќе сфатат дека ова што го работат е на штета на државата, на штета на граѓаните, и тоа ќе се докажи на следните избори. Цената што ја плативме е преголема, очекувам што поскоро да се распишат изборите и што поскоро да продолжиме да работиме кон главните цели за државата, а тоа е зачленување на државата во евроатланските структури. Искрено не верувам дека СДСМ ќе се придржува кон она што е договорено, што беше и очигледно дека во изминатиот период СДСМ бега од избори. Факт е дека се свесни дека не ја уживаат поддршката кај граѓаните и очекуваат по некои други патишта, со некоја друга помош, преку некои несвојствени сили да ја добијат власта.
Вие сте секојдневно со граѓаните, во постојан контакт за нивните проблеми и секојдневни соочувања. Што е она што граѓаните го бараат од вас и дали ваквите игри на ставање на партиските интереси на прво место на СДСМ се во главен интерес на граѓаните?
Најголем дел од граѓаните, притоа зборувам за оние граѓани кои не ги интересира политика, неопределените граѓани, бараат да заврши ова, да се стави крај на ова лудило наметнато од страна на опозицијата. Затоа е добро што побрзо да ги имаме тие избори и се надевам дека со најновите законски измени кои ги изгласа Собранието, ќе се отвори патот кон избори и за брзо време ќе се вратиме во некоја нормала на делување на сите државни институции.
Бевте претседател на Кинолошкото друштво Прилеп и организиравте прекрасни изложби за кучиња од многу раси. Како сте задоволни од ваквите изложби и заинтересираноста за истите и дали постојат во Прилеп вистински љубители и одгледувачи на различни раси на кучиња?
Кинологија е мое хоби кое е нераскинливо поврзано со мојата професија. Целиот живот ми е поврзан со кучињата, со нивното лекување, меѓутоа и како кинолошки стручњак, како кинолошки судија со оценување на квалитетот на кучињата. Прилеп е еден од најголемите кинолошки центри, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Традицијата на организирање на изложби потекнува многу одамна, при што првите кинолошки манифестации во Прилеп се одржани уште во 60-тите години, па тој континуитет на работа на кинолошкото друштво е задржан со децении. Долго време бев претседател на Кинолошкото друштво Прилеп, каде што организиравме доста квалитетни меѓународни манифестации, кои беа посетени од излагачи од голем број на земји од Европа, па дури и излагачи од други континенти. Прилепчани се одлични љубители на кучиња, имаме одлични одгледувачи на кучиња, доста одговорни кон здравјето на кучињата, но имаме и доста добри излагачи кои победувале на многу меѓународни изложби. Тука со задоволство можам да кажам веќе имаме европски шампион од расата Шарпланинец кој потекнува од Прилеп.
Дали добар одгледувач на кучиња може да развие и добар бизнис од тоа?
Во поразвиените земји, одреден процент на одгледувачи можат да егзистираат од одгледувањето и продавањето на кучиња. Сепак Македонија е доста ограничена од кинолошки аспект. Од една страна ја имаме Албанија која е кинолошки неразвиена, таа единствена земја каде не постои кинолошка организација, Грција долго време немаше развиено кинологија, Бугарија влегува во истата група, па единствено нашите одгледувачи можат да комуницираат со своите истомисленици од Србија. Но, пазарот е премал, за разлика од една Словенија која е опкружена со кинолошки веле сили: Италија, Австрија, Германија …., па така кинолозите од Словенија можат многу полесно да комуницираат и да ги продадат своите кучиња. Како резултат на тоа во Македонија постојат само исклучоци кои одгледувањето на кучиња можат да го искористат за бизнис.
Колку често се одржуваат изложби во нашиот град?
Во Прилеп имаме една меѓународна изложба, која претходно традиционално ја одржувавме околу 11-ти Октомври, а последниве години се одржува пред Велигден. Веќе од следната година ќе имаме две изложби и верувам дека тоа е придонесе кон поголема афирмација и посетеност на изложбите во Прилеп. Значи според календарот Прилеп ги има тие две изложби, а во Македонија на годишно се одржуваат некаде околу 20-25 изложби, и дополнително се одржуваат изложби за одредени раси.
Кон што се насочени вашите понатамошни животни стремежи како на професионален, така и на политички план?
Најпрво и најискрено би сакал оваа агонија да заврши и се надевам дека Македонија во најскоро време ќе ја надмине оваа криза и ќе почнеме со тој долгоочекуван економски раст и добробит на сите граѓани на државата. Се надевам дека барем приближно ќе го имаме животот и стандардот на европските земји. Историските разлики постоеле од секогаш, не можеме да кажеме дека пред 100 години сне биле најбогата земја во Европа, па сега за 100 години сне станале сиромашни. Меѓутоа, треба да направиме се, таа разлика да се намали. Колгу брзо ќе го сториме тоа, зависи од нас Македонците, а зависи и од опозиционерските политичари, кои треба да сфатат дека и тие треба да работат за доброто на граѓаните и државата. Инаку на свој план очекувам и понатаму да се занимавам со ветеринарната медицина, спроведувајќи многу научни испитувања, а со тоа и придонес во развојот на ветеринарната медицина. Секако би посакал добро здравје за сите прилепчани и на сите граѓани на Република Македонија и се надевам дека наредното интервју ќе ни биде за попријатни теми од областа на политиката, при што се надевам дека до тогаш и ние Македонците ќе покажеме дека можеме да имаме едно национално единство.
Нам ни беше мило и ви посакуваме многу успех, како на професионален, така и на политички план, и се надеваме дека наредно ќе разговараме за нови научни трудови напишани од ваша страна.
Подготви: Александар Георгиоски