Интервју со Др. Дарко Божиноски од Прилеп за неговите впечатоци од “Школата за млади лидери”: “Претседателот Иванов е мудар човек кој се грижи за младите луѓе”

Дарко Божиноски од Прилеп е доктор по компјутерски науки и оваа година беше дел од “Школата за млади лидери” која секоја година се одржува под покровителство на Претседателот на државата Ѓорге Иванов. Оваа година младите лидери се едуцираа од 20 до 31 август во Струга. Дарко моментално работи како постдокторант во лабараторијата за Вештачка интелигенција на “Université libre du bruxelles” и се фокусира на развивање на јазик за спецификација на мисии за swarm robots. Во иднина се гледа како професор по компјутерски науки и роботика.

Фото/www.facebook.com/macedonianpresident

Разговаравме со него за неговите искуства од “Школата за млади лидери” и колку истата придонела за усовршување на неговите познавања, гледишта и визија.

Какво искуство е “Школата за млади лидери” на Претседателот Иванов за секој млад човек?

Школата за млади лидери е одлична можност за млади луѓе кои сакаат да научат од искуството на лидери од различни области кои се соочиле со различни предизвици во својата кариера. Секоја година тематиката на школата е различна, а програмата на овогодишната школа беше фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап и мали и средни претпријатија. Младите лидери имаа можност да научат за принципите на лидерство од директори на мултимилионерски компании кои успешно ги скалирале своите компании. Верувам дека иницијативата за школата е поздравена од сите млади луѓе во Македонија. Доказ за успешноста на школата е и признанието на школата како најдобар социјален проект во 2017 година добиено од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Кои предавачи ти оставија најдобар впечаток и дали “Школата за млади лидери” ги прошири твоите знаења, визија и погледи?

На школата имаше предавачи од различни области кои на доста мотивирачки начин успее да го пренесат своето животно искуство, особено многубројните предизвици со кои се соочиле, нивните успеси како и нивните неуспеси. Најмногу ми се допаднаа предавањата нa др. Рашела Мизрахи која го сподели со нас нејзиниот животен пат до реномиран научник и професорот по претприемништво и иновации на Универзитетот на Сан Франциско, Дејвид Батстон којшто е основач на неколку социјални стартапи. Професорот Дејвид Батстон успеал да креира социјални бизниси кои се фокусирани на разрешавање на проблеми како трговија со луѓе, социјална нееднаквост и сиромаштија. Особено интересен беше неговиот одржлив бизнис модел со којшто успева да ги инволвира афектираните таргет групи и да ги вклучи повторно во опшеството преку различни процеси од користење на материјали и средства од заедниците кои живеат во прашумите на Перу до инволвирање на секс-работничките во Амстердам во неговите ресторани со што им се отвора нова можност за ресоцијализација.

ФОТО/www.facebook.com/macedonianpresident

Кој е твојот впечаток за Претседателот на државата Ѓорге Иванов?

Првиот впечаток што го добив за претседателот на државата д-р. Ѓорѓе Иванов е дека е мудар човек што особено се грижи за младите луѓе. Претседателот беше присутен на голем број активности на школата и достапен на учесниците, така што на неколку наврати сите учесници имавме можност да разговараме со него. Беше особена чест да се разговара со него затоа што е доста пријатен и мудар човек за разговор.

Порака од тебе до сите млади луѓе во државата…

Во животот има работи врз кои имаме контрола и работи врз кои немаме.
Да се фокусираме на првите и да дадеме се од себе.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.