Интервју со Денис Најдоски: Млад пијанист и професор од Прилеп со редок талент и посветеност

Долгогодишен пијанист, успешен професор по клавир во музичкото училиште “Ордан Михајлоски-Оцка” во Прилеп, а од поново време пее византиска црковна музика и пишува музичка литература. Тоа е Денис Најдоски од Прилеп за кого сите ученици имаат само пофални зборови, а сите кои го познаваат ќе кажат дека е исклучителна личност со голем талент. Имавме можност да поразговараме со него за неговите моментални ангажмани, но и идните планови. Проследете го интервјуто во продолжение.

Каде се твоите почетоци со музиката, кој те насочи по овој пат?

– Моите почетоци и првиот контакт со музиката започнаа на мои 5 години во музичкото училиште во Прилеп каде што го започнав моето музичко патување кое непрекинато трае и се надоградува до денешен ден. А за тоа кој ме насочи на овој пат, еден дел кој е тесно поврзан со мојата фамилија, кадешто во минатото професионално со музиката се занимавале голем дел од моите предци, или пак таа им била „ споредна “ професија, а другата причина е тоа што имав професори кои несебично ми ја вдахнаа љубовта, не само кон пијаното како инструмент, туку за целата музичка уметност.

Дали од секогаш сакаше да станиш клавирист, имаше ли некои други професии кои ти го одвлекуваа вниманието?

– Па да бидам искрен, од кога знам за себе. Бидејќи постојано бев опкружен со музиката, така да мислам дека немав време, но и посебен интерес да размислам дали постои некоја друга „љубов“ која би ми го одвлекла вниманието, иако пред да продолжам професионално да се занимавам со пијаното неколку пати ми било поставено тоа прашање.

Имаш ли некој Role model кој ти е пример во кариерата? Чии дела сакаш најмногу да ги свириш?

– Се разбира. Опкружувањето со добри музичари, но пред се добри пијано педагози ми даваше постојано добри примери како треба правилно да се развива еден музичар. Но, од сите тие би ја издвоил мојата долгогодишна професорка од Скопје, која несебично ме водеше низ тајните и проблематиките низ пијанизмот, а тоа е проф. Снежана Анастасова – Чадиковска, личност која како мој духовен родител до ден денес ми дава безброј примери со нејзиното огромно искуство. А за дела кои сакам да ги изведувам, предничи било која композиција од легендарниот Лудвиг Ван Бетовен, но исто така неизоставен дел се и делата на нашите македонски композитори, во кои може да се препознае исклучително висок степен на уметност, и за кои сметам дека треба повеќе да се промовираат, пред се на домашната сцена, и искрено се трудам да дадам еден допринос кон таа цел.

Како професор во музичкото училиште подготвуваш и ученици за натпревари. Што е потешко, да се излезе на сцена или да ги гледаш твоите ученици од публика?

– Навистина интересно прашање. Веќе 5 години работам како професор по пијано и корепетиција во ООМУ „ Ордан Михајлоски – Оцка “ – Прилеп, училиште од коешто секоја година со високи награди се здобиваат голем број на ученици. Но, сепак тоа претставува особен предизвик, да се научи едно дете пред се да владее со инструментот до одреден степен, а потоа и како да ги контролира своите емоции. Подготовката до тоа секогаш претставува едно испишување на нова приказна водена од нас како педагози, во која на крајот, односно на сцената, ученикот станува главниот актер во неа, а ние сме само слушатели во која веќе немаме влијание.

Kој момент во твојата досегашна кариера засекогаш ќе ти остане во сеќавање?

– Многу е тешко да се избере, бидејќи на некој начин сите јавни настапи оставиле посебен белег во мојата меморија, но доколку би потенцирал, би го издвоил учеството на „ есенски музички свечености “ со Токата од Властимир Николовски. Моќно дело во кое длабоко е врежан нашиот фолклор, а до тој и многу ретко изведувано.

Освен што е клавирист, професор во музичко училиште, Денис пишува и литература поврзана со музиката. На што точно работиш во моментов и кога ќе бидат завршени твоите проекти?

– Во моментов посебно внимание посветувам на пишување на предавање поврзано со начините за успешната изведба на едно дело, кое веќе е при самиот крај, и се стремам да биде разбирливо за учениците во основното музичко образование. Се надевам доколку дозволи ситуацијата ќе има излагање на следното одржување на фестивалот EPTA ( European Piano Teacher Association ). Паралелно на тоа работам и на книга поврзана со композиции од пијано литературата, за која што треба се уште време до успешен крај.

Твојата втора љубов е византиското пеење. Во моментов соработуваш и со светски познатиот, Никодимос Кабарнос. Како започна оваа соработка и дали се градат планови за некои заеднички концерти?

– Точно така, втора љубов во музиката покрај пијаното, која се појави уште од моите средношколски денови, но поради немањето на стручен кадар помеѓу многуте музички педагози кај нас, остана длабоко врежана во мене до пред неколку години, кога почнав и активно да го изучувам, а како цел на тоа дојде и неочекуваниот контакт со познатиот псалт и Архимандрит Никодимос Кабарнос, од кого бев замолен да направам пијано преработка на една стихира, за да веднаш потоа добијам и покана да настапам заедно со него на концерт кај нашиот јужен сосед во градот Верија, а потоа и во Букурешт – Р. Романија. Во моментов работиме на мое усовршување на византиското пеење, а плановите за заедничките концерти за жал мораат да почекаат поради предизвиканата ситуација со која сите ние се соочуваме.

Тешко ли е да се биде музичар во Македонија?

– Дали е тешко? И тешко да се одговори на ова. Да си музичар во Македонија пред се е голем предизвик, истрајност и борба за остварување на нашата цел но и уметничко растење. Има напредок, но треба уште многу да делуваме.

Кои се твоите идни планови?

– Пред се е планот за мојата магистратура за усовршување на инструментот со кој сум секојдневно изминативе 20 години, но и специјализацијата на византиското пеење во Атина која треба да се оствари наскоро. Моментално работам на остварување на иницијативата за формирање на хор во соседно Крушево, кој исклучиво ќе ја негува византиската музика, а во овој период следуваат и неколку заеднички концерти со мојата колешка и пијанист Тамара Глигоровска (пијано четирирачно), по повод 250 години од раѓањето на Лудвиг Ван Бетовен, и доколку дозволат условите, од срце се надевам дека ќе имаме можност да ги слушниме познатите звуци на Бетовеновата петта симфонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.