ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ПРИЛЕП, МАРЈАН РИСТЕСКИ

Градоначалникот Ристески говореше за реализираното во изминатата година, за плановите и приоритетите во наредната 2016 година. Ви пренесуваме една огромна анализа за тоа што ќе работи и што ќе се залага Општина Прилеп во новата година. Има што да прочитате, а ние забележавме дека речиси нема населено место, маалска средина, регион, од општината кој нема да се развива. Ни следува активна година, со многу инвестиции, многу градежни зафати, креирање на нови работни места, инфраструктура и уште поголем подем на секое поле на нашиот град.

Што направи локалната власт во 2015 година за подобрување на економската и социјалната положба на прилепчани, за намалување на невработеноста и подобрување на условите за стопанисување? Се случи влез на неколку странски инвестиции, вредни неколку милиони евра, ,како Американската Гентерм, Германска групација Акомпласт, италијанската Буци eнд Буци за производство на рефлектори…

Главното залагање на локалната самоуправа и на Владата на Р.М оваа година беше комплетно уредување на индустриските зони и привлекување на домашни и странски инвестиции. Во контекст на тоа ТИРЗ, во близина на Алинци доби комплетно уредена инфраструктура, водоводна мрежа, електрична инсталација, оптички кабли, асфалтирани улици, и ефектот веднаш беше видлив. Веќе во ТИРЗ се гради еден голем комплекс, на мултинационалната компанија Гентерм, инвестиција вредна повеќе од 20 милиони евра, во која ќе се вработат повеќе од 2000 невработени лица од Прилеп и околината. Гентерм првично започна да работи во 2000м. квадратни, а планирано е да се распространува на 25 илјади метри квадратни, каде ќе бидат сместени најсовремени машини, и каде ќе се произведуваат грејачи за потребите на автомобилската индустрија. Индиректно со неа ќе се активираат и голем број локални фирми, како превозни компании, компании за обезбедување, кетеринг служби итн. Токму оваа инвестиција ќе го размрда прилепското стопанство и услуги, и ќе го подобри локалниот економски развој, затоа јас очекувам уште 300 до 400 нови вработувања со отворањето на Гентерм.
Меѓутоа интересот за оваа индустриска развојна зона не престанува тука. Како и што најави Премиерот, при посетата на Прилеп, во тек се преговорите за уште една мултинационална компанија од автомобилската индустрија, која е заинтересирана да вложува во ТИРЗ Алинци. Се работи за реномираната Акупмласт, која можеби е помала од Гентерм, но ќе овозможи 300 до 400 нови работни меса, што би значело 300 до 400 фамилии ќе најдат егзистенција во оваа компанија. Нејзината изградба е предвидена од идната година, со план да се прошируваат и да ги зголемуваат капацитетите во иднина.
Исто така покрај претходните и други компании се интересираат за ТИРЗ Алинци, кои зоната ја гледаат, како сериозна можност за инвестирање, затоа што има многу плацови кои може да ги понуди Дирекцијата за слободни економски зони. Јас сум сигурен дека оваа без царинска економска зона, за 5 до 10 години, ќе биде целосно исполнета со мултинационални компании кои ќе отворат илјадници работни места, за целиот пелагониски регион.

Локалната власт понуди неколку економски зони за развој и проширување на домашните компании. Има ли интерес кај нив за проширување на производствените погони? И , што направи локалната власт во 2015год. да го поттикне нивниот развој?

Локалната власт прави големи напори за изградба на индустриските зони, кои ги предвидовме во генералниот и деталниот урбанистички план, така да имаме комплетно уредување на индустриската зона Прилеп 1, каде се продадоа многу плацови и се појави потребата за изградба на инфраструктура. Изградбата ја презеде локалната самоуправа, изгради водоводна мрежа, електрична инсталација, асфалтира патишта, направи се што е потребно за функционирање на индустриските капацитетите. Досега локалната власт има вложено близу милион евра за оспособување на оваа економската зона, која има 20 парцели.
Некој од домашните компании, купија и по две парцели на јавното надавање и оваа економска зона веќе е распродадена. На неа веќе градат фирмите: Дониа, Депилиор Голдан, Тритекс, Марфил, но и други инвеститори кои купиле плацови во оваа зона, веќе имаат изготвено проекти и се подготвени да градат. Во економската зона Прилеп 1 се очекува да има од 10 до 12 компании кои би ангажирале 1500 до 2000 невработени лица. Поради успешно завршниот проект, влезот во градот на потегот од бензиската на Лукоил до Солидност, добивме и нов грант од Светска Банка во висина од 130 илјади евра, кои решивме наменски да ги искористиме за финансиска поддршка, за изградба на инфраструктурата во индустриската зона Прилеп 1. Веќе е избран изведувач и со тоа активностите за инфраструктурано уредување на оваа зона продолжуваат. Значи даваме приоритет на економијата и отворање на нови работни места, така ги поттикнуваме и домашните инвеститори да вложуваат и да отвораат нови работни места
Моментално се работи и на зоната Прилеп 2, каде имаме 15-тина локации. Анализите ни покажаа дека има голем број на мали и средни претпријатија, од не загадувачката индустрија, кои имаат интерес да ги прошират своите капацитети. Значи за брзо време и ова економска зона, Прилеп 2, ќе биде распродадена, и ние ќе започнеме со комплетно инфраструктурано уредување и на оваа зона, со што и тука очекуваме работно да бидат ангажирани 1000 нови лица. Воедно работиме и на економската зона Прилеп 3, но таа ќе биде отворена откако ќе завршиме комплетно со двете индустриски зони, Прилеп 1 и Прилеп 2. Сето ова говори дека постои убава перспектива, многу компании да инвестираат во градот Прилеп и да отворат нови работни места.

Тутунот и Прилеп се взаемно поврзани, како преку тутнопроизводството и големиот број тутунопоизводители-кооперанти, така и преку постоењето на еден од најголемите комбинати за тутун, Тутунскиот комбинат-Прилеп. Формирањето на заедничкото друштво на Тутунски комбинат Прилеп и Филип Морис, годинава, создадоа поволност да се активира и “разбуди“ стопанскиот “загубар“ и да му се даде можност да се крени на нозе. Што значи влезот на големата тутунска компанија Филип Морис за градот на тутнот?

Филип Морис е најголема светска тутунска компанија и влегувањето во Тутунскиот комбинат значи една голема стабилност, не само за вработените, туку и за целиот град и околината, за кооперантите и тутнопроизводителите. Се направи еден одличен социјален пакет, каде 400 до 500 луѓе доброволно замина, а со воведувањето на нови машини, нова технологија започнува производство на светските реномирани цигари ,„Марлборо“, со што значително се подобрува економската состојба на комбинатот, што влева надеж од загубар да премине во доходовна компанија. Тоа за Прилеп и компанијата значи стабилност. Несомнено со Тутунскиот комбинат поврзани се и кооперантите, тутнопроизводителите, кои оваа година ги зедоа субвенциите, и како што почна откупот на тутун се задоволни и од откупната просечна цена, а сето тоа е од голем интерес за градот, за регионот, па и за Р.М, бидејќи голем одлив на финансиски средства, милиони евра, би рекол, се слеваат во нашиот крај, токму преку тутнопроизводството, откупот на тутунот и добивањето на субвенциите.

Но, кога говориме за привлекувањето на инвеститори и инвестиции, многу важен сегмент е инфраструктурата која ја нуди градот. Како го отсликувате инфраструктурното уредување на Прилеп, кога станува збор за патната инфраструктура, изградбата на канализациона и водоводна мрежа, парковски површини и.т.н.?

Плетвар е рак рана не само на Прилепчани, туку и на целиот регион. Тендерите се завршени и експресно ќе започне изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско и доградба на третата лента, со што во многу ќе се зголеми сигурноста и безбедноста во сообраќајот на овој патен правец. Но, не само што ќе се зголеми безбедноста, туку ќе се зголеми и конкурентноста на овој регион во привлекување на домашни и странски инвестиции. Од досегашното искуство, сите инвеститори кои доаѓаат во Прилеп прашуваат за патниот правец Плетвар, односно прашуваат кога ќе се догради?!.
Со ветување на Владата на Р.М, за година и пол ние ќе имаме нов патен правец кој ќе ја зголеми и безбедноста и инвестиционата конкурентност на Прилеп и регионот. Меѓутоа не е битен само Плетвар, важна е целокупната патна инфраструктура во градот, во населените места, локалните, регионалните патишта. Затоа постојано во нив инвестираме, градиме, доградуваме, и со тоа Прилеп е рекордер во изградбата на патната инфраструктура, односно има изградено преку 200 км патна инфраструктура во целата општина. Се изгради патот, со помош на Владата до манастирот св.Петка во Лениште, пат до Маркова чешма во т.н викенда населба, започната е изградбата на патниот правец до с.Волково, ќе се гради пат до манастирот Прилепец, но имаме доста проекти и за другите населени места: Полчиште, Бешиште, Крстец, поврзување на Бонче со Подмол, и како што има достапни програми, дали од Влада или од министерствата, или од ЕУ, ние кога веќе ги имаме проектите, аплицираме, се со цел да реализираме што повеќе патни правци. Порано и скоро и да не постоеше асфалтиран пат до село, а сега скоро и да не постои „живо“ село во Општина Прилеп, а да нема до него асфалтиран пат. Во иднина, интенција, како локална самоуправа ни е да целата територија на Општина Прилеп ја покриеме со асфалт, односно да има асфалтиран пат до секое населено место.
Се разбира се обидуваме во население места да донесеме и чиста вода за пиење, како и да изградиме канализациона мрежа. Канализации се изградени во населените места кои имаат над 1000 жители: Канатларци, Мало и Големо Коњари и веќе се прават проектите и за населените места со помал број на жители. Ќе бидам презадоволен доколку во овој мој трет мандат како градоначалник, барем пет населени места добијат канализациони мрежи, бидејќи изградбата на една канализациона мрежа со пречистителна станица изнесува некаде над пола милион евра, значи е скапа инвестиција, но корисна за подобрување на условите за живеење во населените места, кои се дел од општината. Водоводните мрежи веќе се поставени речиси во секое населено, а се прават напори и с. Лопатица да добие водовода мрежа. Кадино село во нареднава година треба да добие квалитетна вода за пиење, итн.
Никако не го изостануваме инвестирањето во патната инфраструктура и во градот. Годинава имавме многу инвестиции на тој план според програмата на локалната самоуправа. Се асфалтираа многу градски улици на периферијата, се направија канализациони мрежи, на многу места поставивме ново улично осветлување, и слободно можам да кажам дека Прилеп е еден од најосветлените и најекономични градови во тој поглед. Продолжуваме со изградба на тротоари. Пример, наредната година тротоари ќе се градат на ул. “Трајко Николоски“, “Александар Македонски“, на потегот од “ДимоНаредникот” до Сточниот пазар, на ул. “Борка Талески“, „Ленин“ и на други пофреквентни улици, кадe движат повеќе пешаци.
Продолжуваме и со изградба на кружи текови на раскрсниците, кои се покажаа како подобра опција за регулирање на сообраќајот од семафорите. Годинава се заврши кружниот тек кај раскрсницата кај Солидност, а после изградбата на оној прекрасен влез кај Лукоил, сега веќе почнува изградба на авенија на потегот од кружниот тек до кај училиштето „Г.Делчев“, па се до мостот Табана, каде се планира в година, исто така, да се изгради кружен тек. Ќе се градат и неколку пешачки мостови за поврзување на двете страни на Градска Река.
Парковските површини се украсот на градот. Во 2015 година изградивме и урбано го уредивме паркот во нас.Точила 2, за до крајот на наредната година да ја уредиме парковски и нас.Точила 3. Нови парковски површини, в година ќе никнат и во нас.Бончејца, нас. Ѓоѓдерe, ново детско игралиште планирано е во нас.Рид 1, и секако изградба на музичкиот парк во нас. Врбејско мало, чии тендер е завршен и наскоро ќе започне реализацијата. Што значи Прилеп ќе добие нови катчиња, нови зелени површини за одмор и рекреација.
Тука би го надополнил и градскиот превоз, како проект со кој денес се гордееме. Започнавме со пет автобуси, а денес сообраќаат 10. Веќе имаме и тендер за набавка на нови автобуси за потребите на градскиот превоз, со што ќе бидат докомплетирани линиите, онаму каде што недостигаа, а во палан е и поврзување на населените места, кои се поблиску до градот, но и линија за тополчанскиот регион и мариовскиот крај.

Реконструкцијата на водоводната мрежа и проектот „Изградба на Пречистителна станица“ создаде раскопани улици и мало незадоволство на граѓаните. До каде е тој проект? Кога ќе се санираат улиците во градот? Што со овој проект би добил градот и Пелагонискиот регион?

Првата фаза, поставување на примарната канализација во должина од 23 км. заврши успешно. Проектот се работеше година дена и даде услов за започнување на втората фаза. Пред две недели, Владата потпиша договор со ЕУ за продолжување на втората фаза од овој проект, што значи во наредниов период ќе се градат нови 47 км. канализација во различни делови од градот, што би значело вклучување на секундарната во примарната канализација. Напоредно со овие две фази имаме и изградба на пречистителната станица која ќе се наоѓа на потегот Кадино село, Жабино маало, М.Коњари и Сточен Пазар, што би овозможило целата отпадна вода да се слева во колекторски систем, а потоа да се прочистува. Тоа поточно значи дека за година ипол, Прилеп ќе има комплетна внатрешна и надворешна инфраструктура, но морам да напоменaм дека во наредниот период ќе има многу копање и прекопување. Поради тоа ќе ги замолам граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи сите улици кои ќе се копаат за таа канализација, а канализацијата е основа за хигиенско функционирање на градот, ќе бидат реконструирани. Затоа и некои улици се уште не се асфалтирани. Со оваа втора фаза на реконструкцијата, на канализационата мрежа ќе бидат опфатени улици во нас.Тризла, во нас.Чачорица, “Под кули“, дел од улиците во Варош, во нас наспроти црквата Св Петка, улици во нас. Ножот, Штавичко маало, Тапани…
Откако овој проект ќе заврши Прилеп ќе биде единствениот град во Македонија со квалитетна канализациона мрежа кои ќе го подобрат квалитетот на живеењето на Прилепчани и ќе има најчиста река во Македонија.

Каква е понудата на станбен и деловен простор во Прилеп? Има ли Прилеп доволно побарување и простор за градба на домови? Што на ова поле е постигнато во изминатава 2015 година? Што не е довршено или треба уште да се доврши?

Ги искористивме можностите од Законот за градежно неизградено земјиште. Се продадоа повеќе локации, со цел наредната година да започне изградба на повеќе колективни станбени објекти и деловен простор. Со зголемувањето на понудата очекуваме да паѓа и цената за квадратен метар за станбен и деловен простор во Прилеп. Но, пред се, како локална власт наша интенција беше да се раздвижи градежниот сектор кој ќе ангажира многу луѓе.
На ова поле е и проектот наречен „Градина“, за индивидуални семејни куќи, за млади брачни парови, каде се продадени преку 40 локации. Цената на еден квадратен метар достигнува едно евро или евро ипол , и е поволна, затоа интересот за овие локации е голем. Локации за продажба во населба “Градина” има сеуше, за оние кои се заинтересирани за изградба на индивидуални куќи. Во меѓувреме, заврши и тендерот за изградба на инфраструктурата, и веќе оваа населба комплетно инфрасруктурно ќе биде уредена и ќе претставува една од најмодерните населби во Прилеп. Воедно младите брачни парови кои сакат да купат куќа или стан можат да ги искористат и владините мерки, „Купи куќа-киупи стан“, или оние најновите мерки за решавање на станбеното прашање за млади брачни парови, а Прилеп излегува во пресрет во изградба и нудење на услови за исполнување на желбата на младите да имаат свој дом.
Ова би го надоврзал и со процесот на легализацијата, каде предводиме како град. Досега имаме легализирано преку 8.000 објекти, а тој процес со забрзано темпо ќе се одвива и во наредниот период, и ја поздравувам одлуката на Владата за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите.
Во контекст на домувањето се направи и голем проект за социјално ранливите категории. Со помош на Владата и Акционерското друштво за станбени и деловен простор се изгради, по сите европски стандарди, т.н. социјална зграда, втора во Прилеп, каде ќе можат да домуваат 72 социјално загрозени семејства.

Младите се нашата иднина. Добрите услови за работа овозможуваат поквалитетна грижа за децата, поквалитетна настава, можност за постигнување на повисоки резултати. Градоначалник што до сега е вложено во образованието и кои се идните планови?

Најбитни проекти за мене се проектите за вложувањето во образованието. Досега имаме инвестирано преку 12 милиони евра во сите образовни институции во општината, вклучувајќи ги основните, средните училишта во градот и населените места и основното музичко училиште. Изградивме нови спортски сали, спортски терени за подобрување на физичкиот развој на учениците, се промени дограмата во многу училишта, фасадите, купивме нов инвентар, се уредуваа училниците, тоалетите… Нема образовна установа кој нема добиено нов изглед. Секоја година вложуваме преку милион евра во образованието .
Оваа година од капиталните објекти кои се реализираа, е поставување на парно греење во ООУ „К. Гаврилоски-Јане“, промена на дограмата во ООУ Б.Конески, ООУ „Кочо Рацин“, изградбата на спортска сала во СОУ К.Јосифоски -Питу , во тек е изградба на спортска сала во ООУ Д.Јованоски итн. Ние ги знаеме приоритетите и потребите на секое училиште, секое училиште има задача да направи проекти, а наше е да ги реализираме.
Но, она што е интересно оваа година, е изградбата и на нови училишта во с.Беровци, с.Галичани и с. Чепигово. Се реконструираа старите училишта во населените места, но факт е дека најпотребно е училиште во нас. Сточен пазар, за кое ветивме дека ќе го изградиме. Тука морам да им се извинам на жителите од оваа населба што не успеавме тоа да го реализираме порано, бидејќи имавме проблеми со земјиштето каде ќе градевме, па се појавија и приватни сопственици на дел од тој простор, и мораше да бараме алтернатива. Проектот сега, се изработува, се спрема она што го имаме како државно земјиште, на овој простор, за да не одлеваме буџетски општински средства за експропријација на земјиштето, односно купување земја од приватните сопственици, туку да ги искористиме парите за градба на самото училиште. Сметам дека в година ќе бидеме сведоци на изградба на едно современо училиште за петолетка, за децата од населба Сточен Пазар и Жабино маало.
Размислуваме во тој дел на градот да направиме и градинка.Но, градинки недостасуваат и во градот, иако велиме наталитетот се намалува. Веројатно, поради ниската цена за дневен престој, во државните градинки, интересот кај родителите е голем, а капацитетите недоволни. Анализите покажуваат дека недостигаат 200 до 300 места. За таа цел веќе се уредуваат простори во Работничкиот Универзитет, кој во иднина делумно ќе прерасне во градинка со капацитет за 60 до 70 деца, а дел со средства од локалната самоуправа, дел од Владата ќе се реконструира и ќе биде отворена и старата градинка од тутунскиот комбинат. Но, би ги повикал граѓаните да размислат и за изградба на приватни градинки или старски домови, со одредено субвенционирање кои ги нуди Владата, па да ја искористат ова идеја за свој бизнис, а ние како локална самоуправа ќе помогнеме во информирањето. Планираме да отвориме градинки и во населените места: Беровци, Канатларци и Коњари. Јас сум убеден дека до крајот на 2016 година Прилеп ќе го зголеми капацитетот за 300 нови места за грижа на деца од пред школска возраст.

Што направи Прилеп во 2015 година за развој на алтернативен туризам, за подобрување на забавно – културниот живот во Прилеп, за спортувањето на младите? Беа ли потребни дополнителни спомен обележја да го красат градот?

Еден од приоритетите на локалната самоуправа е развојот на спортот, пред сe психофизичкиот развој на младите. Направено е многу во инфраструктурата на спортот. Пример, годинава комплетно се заврши салата во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, се доградува салата во ОУ „Добре Јованоски“, направен е стадион вреден околу 700 илјади евра со вештачка трева во типските куќи. Заедно со помош на ФКМ УЕФА и општинскиот фудбалски сојуз се најави уште еден крупен капитален проект за нашиот град, а тоа е комплетна реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Милион евра ќе бидат вложени, а поголем дел од средствата се донација од УЕФА, меѓутоа остатокот се од локалната самоуправа. Ќе бидат поставени нови рефлектори на стадионот, нови седишта, покривање на одредени делови и реконструкција на трибините, реконструкција на самата тревна површина и секако на соблекувалните. Односно ќе се прават напори да се доведе стадионот да биде во можност за одигрување на меѓународни натпревари. Се реконструираат и неколку други игралишта во градов. Се работи на фудбалско игралиште во Алинци. Наредната година очекуваме да ги реконструираме и фудбалските игралишта во селата Канатларци и Големо Коњари. Исто така, онаа трева која ќе се вади од градскиот стадион ќе биде поставена на еден од постојаните стадиони во градот, за да може да се овозможи да има повеќе места за тренинг и одигрување на натпревари. Наредната година очекуваме изградба на тениско игралиште во дворот на Гимназијата „Мирче Ацев“, што е проект на Агенцијата за млади и спорт. Како и мултинаменско игралиште во населеното место Канатларци. Меѓутоа, наредната година секако ќе бидат изградени и реконструирани и други игралишта кои се наоѓаат дел во дворните места, дел надвор од дворните места на училиштата по населбите, и тоа за мал фудбал, за кошарка, за одбојка. Годинава се изгради еден прекрасен скејт парк. Мотокрос патеката веќе ја надополнуваме секоја година. В година планираме токму на таа мотокрос патека да се одвива европско или да аплицираме и за светско прственство што ќе претставува дополнителна туристичка и спортска атракција. Болдерингот веќе е влезен на голема врата. Маунтибајкот е во градот, велосипедизмот зема се поголем замаф, и го поддржуваме. Исто така, и параглајдингот, со изградбата на платформата под Трескавец, што овозможува одвивање на европски и светски купови.
Благодарение на јавно приватно партнерство се изгради балон сала во ОУ „Блаже Конески“. Моментално се гради и ќе биде готова балон салата и во дворното место на ОУ „Гоце Делчев“, што е донација од Лозана, Швајцарија. Секако дека Прилеп е колевка на голем број таленти во индивидуални спортови, како во карате, во џудо. Голем број успешни спортисти имаме и во бокс, во борење и т.н. Меѓутоа секогаш Прилеп бил познат по два спортови. Тоа се фудбалот и ракометот. И ние како локална самоуправа сме должни заедно со бизнис секторот да инвестираме токму во овие спортови. Директно ги поддржуваме овие два клуба, а тоа е фудбалскиот клуб Победа, кој е бренд на градот и ракометниот клуб Прилеп. Ракометниот клуб Прилеп увидовме дека имаше успешна сезона, заврши на второто место. Вице шампион е во македонската суперлига и го врати ракометниот сјај на нашиот град. Благодарност до клубот, до оние кои го водат клубот, до тренерот, до играчите. Направија голем успех за градот Прилеп и лично за себе, бидејќи веќе станаа навистина сериозни ракометни играчи и дел од нив сигурно во иднина би биле и наши репрезентативци. Исто така се стабилизира и состојбата со Победа. Тимот имаше и добри и лоши настапи во текот на оваа сезона, меѓутоа, во бодовното салдо не е многу големо, некаде околу 4-5 бода разлика од првиот. Се надевам наредната сезона со промената на менаџментот на Победа и со купување на уште неколку клучни играчи би биле едни од главните претенденти за освојување на првите три места кои водат во првата македонска лига, каде што е и местото на Победа. Од бизнис секторот би ги повикал повеќе да има интересенти кои би вложиле во Победа со што би се направила една добра финансиска основа за Победа, да ја вратиме онаму каде што и е местото, а тоа е на врвот од македонскиот фудбал.
Имаме многу културни манифестации на кои имаме што да покажеме. Навистина, Прилеп, овој период се воздигна во еден од центрите на Балканот за развој на тој т.н. фестивалски културен туризам, кој зема најголем замав во светот. Значи, ако видите кои градови во светот се најпосетени, тоа не се градови кои излегуваат на море или со некои плажи и сл., како што се Париз, Будимпешта, меѓутоа имаат што да понудат. Имаат многу културни содржини, имаат споменици, имаат манифестации, имаат со што да се пофалат. Прилеп во овој период развиваше навистина една гранка која беше и непозната во Република Македонија, да се развива тој културен туризам. И успеавме до некаде во тоа, затоа што Прилеп освен Скопје и Охрид, има најмногу туристи кои во текот на годината го посетуваат. Би го истакнал тука Пивофестот, џез фестивалот, карневалот Прочка, Мариовско-мегленските средби, Театарските игри, богатото и долго културно лето… Исто така 11 Октомври, Свети Никола, ете, и како патрон на градот, меѓутоа и како своевидна туристичка актракција. Исто така и Новата година која секогаш спектакуларно се дочекува во центарот на градот под марковите кули. И самото уредување на Старата чаршија, новите плоштади, фонтаните, парковите, новите споменици, културно-историските знаменитости кои се реконструираа во минатиот период. Се реконструираа и Могилата на непобедените, Участакот, Градскиот часовник… Се направија навистина интересни содржини кои што ги привлекуваат луѓето одстрана да доаѓаат и кога ќе заминат од Прилеп, заминуваат со прекрасни впечатоци, а сето тоа е надополнето и со одличната хигиена и чистота на градот и уредените паркови. Тука би ги напоменал и услугите во Старата чаршија. Посетителите се презадоволни од амбиентот, од луѓето кои работата, од угостителските услови. Имаме навистина прекрасни ресторани. Прилепската кујна е секогаш една од најдобрите во Македонија, особено скарата. И сето тоа придонесува за развој на тој туризам. Меѓутоа, ние развиваме уште еден вид на туризам. Тоа е манастирскиот туризам. Еве, слушнав деновиве заврши тендерот за изградба на конаците на манастирот Трескавец. Со изградбата на патот и конаците, во иднина Владата ќе вложи околу милион ипол евра и ќе биде дефинитивно најпосетениот манастир во Македонија. Тоа го тврдам. Тоа е и сега така, меѓутоа откако ќе се изгради и ќе се реконструира, тоа навистина ќе биде така. Да напоменам дека се изгради и источниот конак во манастирот Св. Архангел Михаил, со што ја зголеми својата актрактивност и удобност за посета. Се изгради пат и комплетна реконструкција на еден од најубавите манастири во Македонија, а тоа е манастирот Зрзе, кој што ете кога и да појдите, особено кога се убави деновите, стотици и стотици луѓе го посетуваат. И Владата исто така во програмата на Министерството за култура има одредено средства за реконструкција на самата црква и манастирот св. Никола во селото Манастир во Мариово, кој исто така е доста стар и атрактивен, нидејќи потекнува од 13 век. Ние направивме патна инфраструктура и до таму, меѓутоа и до другите манастири кои се битни во околината на градот. А од религиозен аспект, изградивме и многу цркви за потребите на граѓаните Прилеп. Така, после 100 години, оваа година се освети црквата Св. Петка. Исто така, се надевам до првата половина во 2016г., ќе бидат осветени уште две битни цркви. А тоа се Св. Пантелејмон во кругот на Болницата и Св. Наум Охридски на почетокот од Могилата до салата Македонија, околу кои цркви ќе се изгради и по еден преубав плоштад. Наредната година ќе се изгради и плоштадот околу црквата Св. Петка во населбата Точила и ќе се изврши доградување на камбанаријата, со што граѓаните од оваа населба, не само црква, ќе добијат и прекрасен плоштад како збирно место, како центар на Точила. Се освети и црквата св. Елена и Константин, а наредниот период предвидени се во генералниот и деталниот план уште три маалски цркви и тоа во населбите Жабино маало и Сточен пазар, бидејќи имаат потреба луѓето таму, а ние секогаш сме во дослух со луѓето и нивните потреби. Другите две цркви се во населбите Тризла и во Марино маало. Ако даде Бог, заедно со бизнис секторот и граѓаните, како што ги изградивме овие цркви, во наредниот период, за неколку години ќе бидат доградени и овие верски објекти. Да напоменам, иако ова нема врска со туризмот, меѓутоа е потреба и барање на граѓаните, затоа што Прилеп немаше капела, но ланската година се изгради и капела во Новите гробишта. Благодарение на Здружението кое ги одржуваше гробиштата, со нивни финансиски средства и од локалната самоуправа, веќе и во Старите гробишта се гради уште една капела. А кога сме кај религиските објекти, за потребите на ромските муслимани кои живеат во Тризла, забрзано се гради и ромската џамија, која е исто така на општо задоволство на нашите браќа Роми, муслимани кои живеат во населбата Тризла. Прилеп отсекогаш бил пример за соживот. Така бил во минатото, така е и сега, а така ќе биде и во иднина. Ни завидуваат многу градови, како ние заедно живееме со ромското население, со кои сме од различна вероисповед, меѓутоа толку многу се сложуваме, така да е прекрасно да се живее во овој град.
Поставивме и многу споменици, и јас сум горд на тоа. Секако, иако има многу луѓе кои викаат „зошто ви се споменици“, што мислам дека тие луѓе многу не ја ценат и почитуваат историјата и минатото на Прилеп. Спомениците се одраз на она што бил градот во минатото и сега. А, Прилеп отсекогаш бил културен, политички, економски, билокаков друг центар, и затоа ние секогаш се гордееме како Прилепчани со делото на одредени луѓе, како што е случајот со Марко Цепенков и со должна почит бевме обврзани досега да имало барем еден споменик со обележје, во она што го имаат тие направено за нас, за Прилеп, за Македонија и пошироко. Оваа локална самоуправа, во минатиот период изгради повеќе спомен обележја, тргнувајќи од Карпалак, Прилепски бранители, Блаже Конески, Круме Кепески, тука е Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Пеце Атанасоски. Исто така се направи и споменик на легендата на овој крај, а тоа е Итар Пејо, којшто го познаваат посебно во мариовскиот крај. Да напоменам дека оваа година после не знам колку децении чекање се изгради споменик на последниот македонски крал кој живеел во Прилеп, на врвот од Марковите кули, по што Прилеп го знаат и како Марков град, а тоа е споменикот на Кралот Марко. Се направи импозантен споменик, што ќе биде сегашен и иден симбол на градот Прилеп. Меѓутоа, ние нема да престанеме тука со изградбата на споменици. Ќе продолжиме и понатаму и тоа исклучиво на личности кои потекнуваат од Прилеп и од овој крај, и кои нe имаат задолжено нас како сегашни и идни генерации да изградиме, и најмалку што можеме да направиме за тие луѓе е спомен обележје, да се потсетиме на нивното големо дело. Така да, во иднина предвидена е изградба на споменици на Методија Шаторов Шарло, на битката на Наужот, која е една од најголемите битки после илинденската епопеја, која се случила во прилепскиот крај. Ќе биде изградено и спомен обележје на Мирче Ацев, а ќе бидат поставени и многу ѕвезди на патеката на славните, на заслужни прилепчани, од областа на културата, литературата, она со што го воздигнале Прилеп да е она што е денес. Ние сме денес горди Прилепчани токму со делата на сите овие луѓе, за кои се поставени спомен обележја во различни делови во центарот на градот.

И,за крај како ќе ги дочекате празниците, новогодишни и божикни, и кои се вашите желби?

Како градоначалник посакувам многу нови проекти за поубав Прилеп, во интерес на моите сограѓани, да го подобриме квалитетот на живеење, да донесеме нови инвестиции, да отвориме нови работи места, да внесеме повеќе спортски дух, да имаме поуспешни спортски клубови.
На моето семејство и на сите семејства во Општина Прилеп, сепак, пред се, во новата 2016 година им посакувам многу здравје, среќа, мир, благосостојба, да постои меѓусебно почитување и заедно да напрвиме уште многу поуспешни проекти во наредната 2016 година.
Воедно ги поканувам нашите сограѓани задно на плоштад да ја испратиме старата и да ја дочекаме Новата 2016 годија! Среќни празници!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.