Интервју со Ангела Стојкоска, учесник на “Школата за млади лидери” на Претседателот Иванов: “Секое знаење е скапоцено и едукацијата никогаш не престанува”

Ангела Стојкоска од Прилеп е дипломиран инженер технолог на Технолошко-Металуршкиот факултет во Скопје, со просек 8,89, на насоката: Прехранбена технологија и биотехнологија. Моментално работи како Шеф на одделението за развој на производи и амбалажа во македонскиот бренд број еден, прехрамбената индустрија “Витаминка” АД Прилеп. Ангела беше дел од овогодинешната “Школа за млади лидери” која секоја година се одржува под покровителство на Претседателот на државата Ѓорге Иванов. Школата оваа година се одржа од 20-31 во Струга, а со Ангела разговаравме за нејзините впечатоци, можноста за проширување на визијата и знаењето кај младите луѓе од оваа школа, како и за впечатокот од Претседателот на државата како организатор на оваа школа.

Какво искуство е “Школата за млади лидери” на Претседателот Иванов за секој млад човек?

Можам да говорам само од лично свое искуство, а тоа е многу позитивно. Школата за млади лидери навистина нуди можности, но колку кандидатот односно учесникот ќе понесе знаење и ќе се надгради себеси – сепак зависи од личната посветеност. Мојата детерминираност беше јасна, а школата во целост ги исполни дури и ги надмина моите очекувања. Секоја година се избираат теми и секогаш тие се поврзани со актуелни состојби и ситуации, но на глобално ниво коишто исто така се рефлектираат и кај нас. Школата следи трендови но и гео-економски тенденции и движења, што ја прави уште поактуелна. Сето тоа, сите овие карактеристики собрани на едно место и даваат на школата печат на уникатна можноста за секој млад човек со стремеж и потенцијал за себеизградување на повисоко ниво. Јас сум посебно импресионира што сето она што го научив на школата е надградување на знаењето, што веќе го имав стекнато, а сето тоа ќе можам да го применам на мојата работна позиција во компанијата Витаминка, што е навистина корисно и за мене претставува посебна сатисфакција.

Кои предавачи ти оставија најдобар впечаток и дали „Школата за млади лидери” ги прошири твоите знаења, визија и погледи?

Почнувајќи од самата идеја за школата и концептот, евидентно е дека станува збор за стрикно дефинирана едукација насочена кон надградување, поттикнување и стимулирање на лидерските, менаџерските или претприемачки вештини и знаење. Но, реномето на иницијаторот и самата школа, е следено и од изборот не предавачите на истата. Станува збор за личности кои се истакнале не само со знаење, туку и со достигнувања. Од такви личности не се учат само формули и дефиниции, туку се учи како да се изнајде решение, да се поттикне промена или како да се прилагоди на промена. Начинот на којшто се изведуваат предавањата ја поттикнуваат креативноста и инвентивноста во изнаоѓање соодветно решение. Не би можела да издвојам кои предавачи ми оставија најдобар впечаток, бидејќи секој од нив беше посебен на свој начин.

Кој е твојот впечаток за Претседателот на државата Ѓорге Иванов?

Најдобро е кога се учи од реални примери, а Претседателот на државата Ѓорге Иванов е токму еден таков пример. Неговата лична заложба за школата е навистина за поздрав и е редок, ако не и единствен пример за државник толку многу да се посвети на една ваква благородна цел и да поведе неколку генерации млади луѓе, да направат голем и значаен чекор во глобалното лидерство.

Порака од тебе до сите млади луѓе во државата…

Да ја разбудат амбицијата во себеси и да ги следат своите соништа, да не престануваат со едукација затоа што едукацијата е нешто што не облагородува. Секое знаење е скапоцено и едукацијата никогаш не престанува, како што се менува светот одново се дефинира секогаш се појавува нешто ново што треба да се научи.

Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.