Интервју со Александар Крстески: Челичниот столб на одбраната на прилепска Победа стави крај на својата извонредна кариера

Уште една фудбалска легенда од Прилеп ги закачи копачките на ѕид и ја заврши својата извонредна кариера. Александар Крстески, столбот во одбраната на прилепска Победa, на 35-годишна возраст реши да стави крај и да се збогува со фудбалскиот терен. Настапуваше за 10 фудбалски екипи, играше и надвор од земјата и секаде достојно ги бранеше клубските бои. Крстески е можеби рекордер со тоа што со шест различни екипи играше финалиња на фудбалски купови. Титули освои со Слога Југомагнат, Работнички, Металург и Тетекс, а во финале загуби со Победа и Динамо Тбилиси од Грузија. Kрстески сеуште размислува за фудбалот и ветува дека ќе продолжи во тренерските води. Со него разговаравме за целата блескава кариера и за неговите искуства од различните фудбалски средини.

1.Александар, зад себе имаш една блескава фудбалска кариера. Настапуваше за повеќе клубови, а твојата улога беше клучна во средините каде играше. Како се одлучи да ставиш крај на својата кариера и фудбалски речено да се “пензионираш”?

Да се донесе ваква одлука не беше многу лесно, меѓутоа после долго размислување и одолговлекување , сепак се решив на овој чекор. Како причина се и неколкуте повреди кои ги имав низ кариерата, но сметам и дека 35 годишна возраст е доволно да се стави крај. Ми преостануваа уште 6 месеци од договорот со Победа, но ете одлучив да ставам крај и сметам дека тоа е добро за моето тело, а тука се и домашните обврски и семејството.

2.Колку години кариера имаш зад себе и како изгледаа твоите почетоци во прилепска Победа?

Фудбалската кариера ја започнав како пионер најпрво во фудбалската школа на Веле Јакимоски, па следуваа кадети и младинци во Победа. Првиот настап кој го имав за првата екипа на Победа беше далечната 1999-2000 година, а веднаш потоа следуваше и првиот професионален договор со тогашната силна екипа на Слога Југомагнат. Таму поминав прекрасни 4 години, а исто така на 18-годишна возраст ја освоив и првата титула во Купот на Македонија, кога во финалето го победивме Напредок.

3.Настапуваше и за двата скопски ривали Работнички и Вардар. Како се снајде таму и која е разликата да се настапува пред прилепската и скопската публика?

Сите знаеме дека не е лесно секој да се снајде во таа средина, посебно играч од друг град во Скопје. Најпрво направив трансфер во Работнички, каде играв во квалификациите за Лигата на шампионите и бев стандарден првотимец. Истата година го освоиме и фудбалскиот Куп на Македонија. Можам да кажам дека носам позитивни искуства од двете средини и сметам дека достојно ги бранев боите и на двата клуба.

4. Веднаш потоа ја започна својата интернационална кариера, замина во Грузија, а потоа и во Албанија. Што донесе тоа искуство во твојата кариера?

Мојата интернационална кариера ја започнав во Грузија, каде настапував за Динамо Тбилиси. Знаеме дека Динамо од секогаш важел за силна екипа, особено во поранешните простори на Советскиот сојуз. Се работи за клуб гигант во Грузија кој секоја година настапува во квалификациите за Лига Европа или Лигата на шампиони. И таму одиграв финале во фудбалскиот куп, а најголемото искуство и нешто што ми остави впечаток е тоа што уште во тоа време Динамо Тбилиси располагаше со тренинг капм, тренинг база, огромна професионалност и модернизираност, налик на она што денеска во Македонија го поседува Вардар.

5.Кој момент од кариерата би го издвоил како најголем отскок, нешто што те прави горд и секогаш ти предизвикува пријатни спомени?

Како што кажав и претходно, огромно задоволство ми претставува тоа што настапував за клуб како Динамо Тбилиси, а особено среќен сум на сите освоени титули, финалињата за фудбалските купови кои ги имам 6 на број, како и шампионската титула со Победа.

6.Кариерата ја заврши таму каде што почна, во црвено-белиот дрес на Победа, каде се врати по 7-8 години надвор од Прилеп. Како го дочека тој момент и дали ти беше мило што одново заигра во родниот град?

Се разбира дека уште од првиот ден кога заминав од Победа знаев дека тука ќе се вратам и ќе ја завршам мојата кариера. Се вратив во моментот кога Победа беше во Втора лига, па веќе по една година влеговме во Прва лига, а за среќа еве сеуште клубот е во најелитното фудбалско друштво во државата.

7.Состојбата со клубот денеска не е ниту малку добра. Победа за жал се наоѓа на последното место на прволигашката табела. Колку е болно да се види дека омилениот клуб е на самото дно и што според тебе би можело да биде спас за Победа до крајот на сезоната и останување во најелитното друштво?

Моменталната состојба како што сите знаеме во клубот не е најсјајна. Има некои финансиски проблеми, меѓутоа само што започна втората полусезона, па сеуште е рано да се каже дали има или нема спас за Победа. Се надевам дека ќе изнајдат спас и дека Победа ќе остане таму каде што и е местото, односно во Првата лига. Знаеме дека заминаа голем број играчи, а пристигнаа малку засилувања. Можеби за тоа причина е моменталната финансиската конструкција која ја има клубот, но не сум моментално таму и не можам да кажам која е точната ситуација.

8.Има ли Прилеп фудбалски потенцијал како порано? Дали и како може да се изгради стратегија за враќање на фудбалот во Прилеп на самиот врв во државата?

Се разбира Прилеп дека има и ќе има потенцијал. Прилеп е најфудбалскиот град во Македонија, меѓутоа . За да се врати фудбалот на највисоко ниво треба многу вложување и многу работа. Најпрво мора да се направи стадионот во Прилеп, потоа да се направи тренинг камп, па помошни игралишта за деца и од некаде да се тргне од мртва точка. Професионалниот фудбал бара вложувања, во спротивно се’ би било залудно.

9. Дали планираш да продолжиш во водите на фудбалот и да се занимаваш со тренерска професија?

Планирам во следните 6 месеци малку да одморам. Инаку се запишав на тренерската Б лиценца која за скоро ќе ја завршам. Така да за во иднина секако сакам повторно да се занимавам со фудбалот, затоа што сметам дека нас на спортистите местото ни е во спортот. Имам желба тоа да биде повторно во Победа, за каде имав и понуда од раководството да останам, но сметам дека сеуште не е време и дека ми е потребно повеќе искуство.

10. За крај, една порака до сите млади луѓе кои пробуваат да градат кариера во Македонија

Пораката до сите млади таленти во Победа е да тренираат, да живеат спортски и да се надеваат дека ќе успеат. Секогаш патот до успехот, посебно за играчи кои доаѓаат од Прилеп е потрнлив за разлика од другите градови, меѓутоа имаме многу примери, а тука ќе го издвојам примерот со мојот кумашин Илија Несторовски. Така да нека го следат неговиот пример, затоа што единствено во фудбалот преку ноќ може да ти се заврти и животот и кариерата за 360 степени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.