Интервју разговор со Марија Димкова, еден од ретките чувари на македонското народно творештво

LIK_3608

Марија Димкова, само на неупатените во македонскиот фоклор не им е познато ова име. Марија Димкова е продолжувач на традицијата од Цепенков, Браќата Миладиновци, за собирање, афирмирање и надоградување на македонското народно творештво. Се сеќава македонската јавност на нејзината изведба и секако воскреснувањето на “Песна за Мирка Гинова“, или пак на “Кирјана вино продава“, која по нејзиното прво пеење доживеа многу верзии. Марија Димкова го воздига македонското народно творештво, македонската народна песна од Егејска Македонија, ги спасува од незаборав. Пред некој ден во Штип беше направен величенствен промотивен концерт на најновиот аудио материјал од Марија Димкова и Оркестарот “Фамилија Димкови“. Гости беа оркестарот “Македонски мерак“ и играорците “Македонци“ од Егејска Македонија

Госпоѓо Димкова, се слегна “правта“ од концертот, како го доживеавте концертот?

Бев во еуфорија. Се случуваше се бргу. Откако го добивме материјалот на МРТВ се одеше како подмачкано. Додека трепнеш-се најдов на сцена пеејќи ги песните што ги снимив пред дваесетина и повеќе години.

 Ова е ваш втор носач на звук?

Досега имав едно цеде со 12 песни, издадено пред 16 години. На новото се наоѓаат 18 песни кои пред дваесетина години ги снимив во студијата на МРТВ.

dimkova1

Како се случи да поченете да пеете и да снимате?

Пеам уште од мала и во моето и во семејството каде што се омажив имаше музичари, па неможеш да бегаш од песната, особено од народната, која душата ти ја полни. За снимањето пак, тоа дојде како договор што јас и тогашниот главен уредник на музичката продукција Илчо Јованов, го направивме на штипскиот пазар. Јас продавав пиперки и домати, а тој дојде да купи. Го прашав кога можам да дојдам на аудиција, а тој предложи да запеам на пазарот. Отпеав што отпеав и тој само рече следната недела да бидам во студијото на МРТВ. Така и беше.

Колку песни снимивте на музичката продукција?

Снимив околу педесетина песни исклучително од мојот роден крај, Егејска Македонија. Песни кои ги пеев како што ги запаметив додека пеев со родителите, но и при секоја посета во родниот крај, учејќи ги од постарите жители.

За што се пее‘ во песните?

Па се пее за животот. Има љубовни песни, има патриотски, има шегобијни. Тоа се народни песни кои пленат со својата едноставност, со својата приказна. Тешко дека денеска ќе “налетате“ на такви песни, песни кои времето не ги прегазило, и доволно е само едно слушање да ги запаметите.

dimkova3

На концертот имавме тројца промотори.

Да беа тоа Владимир Јаневски, професор на Факултетот за музичка уметност – кореологија на Универзитетот во Штип, Д-р Илчо Јованов, професор на Факултетот за музичка уметност, и Зоран Џорлев, директор на ансамблот “Танец“.Им благодарам што дојдоа на промоцијата и што ја повика публиката да ги пее македонските изворно-народни песни, но и да ги чува и негува.

Гости на концертот ви беа музичари и играорци од Егејска Македонија.

Тоа ни се драги пријатели од Егејска Македонија.Тие му дадоја посебна арома на концертот. Нашите пријатели, музичари и играорци, треба да добијат одличја за негувањето на македонскиот фолклор, за зачувување на македонската традиција, во условите кои што ги имале и имаат во Грција. Често сум во мојот роден крај. Ниту еден од нив нема да ви запее или да зиагра нешто што не е македонско.

dimkova 2

По овој концерт во Штип, дали во планирате и други концерти низ државата?

Би сакала, но целта не беше концертна активност, туку вадење од заборав на македонските песни и ора. Посакувам ваков концерт да одржиме во Егејска Македонија. Уште повеќе да ги осоколиме младите генерации кои живеат таму да не ги забораваат своите корени, да пеат македонски песни, да играат македонски ора. Да говорат македонски јазик. Да се горди со тоа што се Македонци.

Првиот настап на Марија Димкова во едно гласило било токму во Прилеп на Радио Прилеп во 1959 год., кога во еден период од животот престојувала во Прилеп. Се пеело во живо, на повик на радиото, Марија Димкова се пријавила и испеала две песни, Кирјана вино продава и Јас си појдов град Битола (втората песна е леринска).

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.