Интервју разговор со Александар Митрик (основач на Room313, организатор на настани, промотер и ДЈ)

image001

Техно колективот Room313, кои својата приказна ја започнаа од организирање журки во студентска соба, дебитираа со настап во клубот Вортекс, Зиген (Германија), со кој ја започнаа соработката со германскиот техно состав “Phonophil”.  Настанот се одржа на 05.02.2016, во кој со техно сет се претстави еден од основачите на Room313, Александар Митрик.

Ајде накратко за оние кои незнаат, од каде љубовта за електронската музика, поточното техното, кажетени нешто околу почетоците на оваа организација?

Митрик: Од како знам за мене сум пораснат со добра музика за која е виновна сестрами, таа ме научи да слушам и да уживам во музиката. Сум поминал низ многу стилови на музика, но техното ми остави поинаков впечаток. Љубовта највероватно се роди од енергјата со која зрачат овие техно настани, нивната слика како изгледаат и колку е полн со позитивна енергија подиумот на кој неможе да има некој кој не танцува. Поради љубовта кон техното, баскултурата и неможност да присуствуваме на сите настани од студентски причини, започнавме сами да организираме настани во Соба 313, студентски дом Кузман.

image002

По неколку настани од приватен карактер, интересот за овој настан се прошири и немањето на доволно простор не натера да побараме локал каде што ќе можеме слободно да се изразиме. Го добивме Капан Ан, и се започна од тука. Атмосферата и посетеноста која постепено се наголемуваше, не тераше да стануваме се попрофесионални во нашите настапи, и досега сме задоволни до каде стигна сето ова.

Кои се останатите членови од оваа организација и дали соработувате со некој од македонските артисти кои дејствуваат на ова поле?

Митрик: Room313 колективот се состои 4 членови, тоа сме Јас – Александар Митрикески (Mitrik), Љупчо Тодороски (LTX), Александар Самарџиски (Samardziski) и Дарко Илиески(Mamlyoo).

Се составивме највероватно поради тоа што сите имаме иста пасија – техното, ја следиме таа сцена и сакаме таа музика да ја пренесиме кон публиката. Секако дека имаме соработка со македонски артисти, бидејќи голем дел од нашите настани се пополнети со гостувања. Сме имале гостување на доста македонски артисти кои пуштаат техно, ние ги промовираме нив, а тие нас. Сета оваа организација се шири задоволително брзо, позитивните коментари се секогаш добредојдени и ни даваат енергија и мотив да продолжиме во нашата мисија.

image003

Дали за да се оформи ваква организација е потребна скапа опрема и дали опремата игра важна улога во успехот на еден ДЈ?

Митрик: Не е многу битно каква опрема имаш, битно е што можеш да направиш преку неа, а најбитно од се е да се има идеја!!! Некои мислат дека најдобар ДЈ е тој што пушта на грамофони и ја презентира својата музика преку плочи. Моето мислење за тоа е дека нема најдобар ДЈ, секој си има свој најдобар ДЈ што го слуша со затворени очи, верува во неговиот избор на музика и не му е битно како го прави тој звук, кој преку добар саунд систем звучи совршено. Пуштањето на музика на плочи е хоби, скапо хоби! Што да прават тие кои не можат да ја презентираат музиката на тој начин, а сакаат да презентираат квалитетна музика?! Значи не е се до опремата за да се изведи ваков настан, таа зависи од ДЈот. Многу битна улога има саунд системот во собата на настанот, тука играат улога парите – колку повеќе, толку подобар!

Како дојде до соработката со германски техно колектив, дали може да ни кажете нешто повеќе за нив?

Митрик: Минатото лето, со уште тројца пријатели го посетив градот Зиген, во кој случајно налетавме на забава организирана од “Phonophil”. Уште во првиот контакт со внатрешната атмосфера во клубот осетив дека се работи за слична организација како Room313. Се запознав со основачите од таа екипа и добивме до знаење дека имаме иста мисија и шириме иста култура и музика. Дојдовме до идеа да правиме соработка, ние да ги претставиме на македонската публика, а тие нас на германската. По 6 месеци таа идеа се реализира. Како гостин со техно сет се претставив пред нивната публика, а ДЈ пултот го делев со домаќините Big White, Craxx и Clavus, кои се добро познати на технољубителите во тој град.

image004

Дали има разлика помеѓу атмосферата на настаните кај нас и настаните во Германија?

Митрик: Иако техното кое го презентираме ние е инспирирано од Берлинската андерграунд сцена и музиката што најчесто ја пуштаме е од германски артисти, не би можел да кажам дека публиката во Македонија помалку се забавува од таа таму, зборувам за нашите забави. Но чувството што сум одлетал далеку од дома специјално за да ја споделам мојата музичка библиотека на гласен саунд систем, е бесценето! Немам коментар за тоа како бев примен и претставен од нивна страна.

Кои се следните планови на Room313, дали да очекуваме поголеми настани во иднина?

Митрик: Room 313 продолжува со своите резиденцијални настани во клубот Капан Ан, како и настаните кои повремено ги имаме во другите градови. Од особена важност ни е да ја развиеме оваа сцена во Прилеп, бидејќи поголемиот дел во составот сме од Прилеп. Имаме се повеќе и повеќе подршка од Прилепчани и се надеваме во скоро време ќе се најде целосно соодветен локал од кој гласноста нема да пречи на никој и во кој ќе можеме слободно да се забавуваме до раните утрински часови. Ќе ги напоменам пак Phonophil, бидејќи зборуваме за планови во иднина, овој пат ќе имаме гостување од нивна страна. Ќе се обидеме да им организираме турнеа во повеќе градови низ Македонија. Нивната сериозност кон музиката и начинот на кој можат да се изјаснат преку неа, мора да ја осетат сите фанови на Room313 настаните. Оваа прилика ќе ја искористам и да дадам отворена соработка, доколку има некој заинтересиран и има идеа и место во било кој град, слободно нека не контактира  да реализираме настан заедно со германската екипа.

https://www.youtube.com/channel/UCuyJO5eTBHCLWjlmzlr9UFw

https://www.facebook.com/room313sk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.