Успешните проекти опстојуваат секогаш. За успехот на некој човек секогаш ќе се говори и во позитивна и во негативна смисла, секогаш ќе постојат и такви кои ќе ја витоперат вистината и нечиите достигнувања ќе ги прикажуваат како зло, ќе настојуваат да наштетат, се со цел да ја нахранат својата гладна суета и својот внатрешен немир. Маркукуле.мк денес ви пренесува за еден навистина успешен проект, за еден изоден трнлив пат, за победата на упорноста над гладот на хиените.
Васко Ефтов и неговата емисија “Во центар” се доказ дека работливоста го краси човекот, дека истрајноста, трпеливоста и абициозноста се човечки внатрешни особини кои во неговиот случај биле клучот кон успех. Без влакна на јазикот, во борба за вистината и во служба на гледачите, секогаш настојува да ги извлече посакуваните одговори од своите соговорници, кои многупати биле и лесен залак послужен на малите екрани.
Добар ден Васко, добредојдовте на страниците на маркукуле.мк.
Добар ден и добро ве најдов .
Koга запловивте за прв пат во проектот наречен “ Во центар” ?
Емисијата Во Центар, под тоа име, почна да се емитува 1999 година на Телевизија Сител, каде се емитуваше до 2001 година. Пред тоа, но под друго име, од 1996 до 1997 година емисијата се емитуваше на Телевизија А1. Најдолго емисијата се емитуваше на Канал 5, од 2005 до 2011 година, каде што и сега се емитува. И да не остане незабележано-Во Центар беше емитувана и на Алфа и Алсат М. Од македонските национални телевизии не е емитувана само на МТВ и Телма. Можеби ќе ви звучи нелогично-но во телевизиското новинарство, како впрочем и во животот, е многу поважно да знаете да слушате отколку да знаете да прашате. Слушајќи го откривате соговорникот, неговите слаби страни и работи кои сака да ги истакне или сокрие, а прашувајќи вие ја дозирате динамиката на емисијата и динамиката на презентација на своето знаење. Ако слушањето ви кажува дека соговорникот е интересен тогаш можете да направите добро интервју од 50 минути само со 15 прашања. Ако соговорниците не се во форма тогаш емисијата ја завршувам со 60 до 75 прашања. Мојот интензитет на водење на емисијата е обратно-пропорционален со квалитетот на одговорите на соговорникот. Како судијата во фудбалот. Ако е фудбалот екстра квалитетен судијата не се ни приметува.
Денот кога започнавте да ја реализирате емисијата, каква цел си поставивте себеси, дали сметавте дека на македонската јавност и треба токму тоа и дали верувавте дека вашиот проект ќе се здобие со толкава големина како што е тоа денес?
Не знам како размислуваат другите, но јас многу ретко, ама баш многу ретко влегувам во такви метафизички процеси и проценки. Тоа е како во животот, едно момче и една девојка се сакаат. И тие ни двајцата не знаат или не се докрај свесни како тоа се случило. Но се случило. Не верувам дека некој тргнал со размисла како да направи најдобра емисија во Македонија или во светот. Тоа се случува или не се случува. Јас верувам во енергијата која се вложува. Знаете, победите и поразите се навика. Во нив се вложува помалку или повеќе енергија. На среден рок се изедначуваат вложената енергија и успешноста на емисијата. Во прво време уживате во успехот, а потоа станувате роб на успехот, бидејќи треба да научите како да го повторувате успехот од недела во недела, затоа што нема ништо постаро од последната емисија. Трагата која ја остава последната емисија се стандардите кои не смеете да ги нарушите со наредната. Затоа се најтешки за правење наредните емисии после секоја емисија која за вас е антологиска. Тогаш би сакале малку да уживате во успехот, но веќе наредното утро после емисијата се соочувате со реалноста-дека времето не ви е сојузник и дека за шест дена гледачите чекаат нова емисија.
Eмисијата “Во центар” прошета многу телевизии, на што се должи тоа менување на национални ТВ канали? Дали секогаш одреден притисок била причината, или вие лично не сте биле задоволни од понудените услови?
Шетана емисија е Во Центар. Со голема километража. Понекогаш со смеење констатирам дека емисијата Во Центар има сменето толку телевизии колку што Ивица Боцевски и Владо Поповски заедно немаат сменето политички партии. Секоја промена е стресна, бидејќи најчество доаѓа како резултат на одредени политички турбуленции. Но има некоја магија во тоа. Се тестирате од каков материјал сте направен. Во еден период во рок од девет месеци два пати ми беше забранета емисијата. Нема многу луѓе во Македонија кои можат повторно да се вратат на главната сцена во такви услови. Кога ви ја забрануваат емисијата прво што треба да се навикнете е тишината-одеднаш никој не ви се јавува. Кога емисијата постигнува одлични успеси треба да се навикнете на осаменоста-имате многу пријатели но сте оставен сам со вашите стравови дали следната емисија ќе биде подобра од предходната. Тој што не може да се избори со тие притисоци ќе остане просечен новинар.
Колку интервјуа сте реализирале до сега и дали Васко Ефтов имал трема пред некое интервју?
Според мојата евиденција сум снимил повеќе од три илјади интервјуа. Немам трема пред ниту едно интервју. Имам трема само кога се емитува мојата емисија. Затоа не ја гледам емисијата кога се емитува во живо. Во моментот кога емисијата се емитува пред јавноста тогаш таа престанува да биде само моја емисија и станува емисија на сите гледечи. Тогаш креативноста се претвора во популарност. А тој процес не е нималку едноставен. Осебено не за мене кој секогаш приватноста ја цени повеќе од јавноста.
После пауза емисијата ВО ЦЕНТАР се прикажува на Канал 5 Телевизија, на што треба да биде спремна македонската јавност, што можеме да очекуваме од вас оваа сезона?
Последната емисија на Канал 5 беше емитувана на 3 јуни 2011 година. Сега сме постари или поискусни за четири години. Тоа е еден олимписки циклус. Знаете не случајно олимписките циклуси се во траење од четири години. Ви овозможуваат да го одморите организмот и да ја темпирате формата. Мене никогаш не ме интересирале пријателски натпревари. Мене ме интересирале само финалиња на Лигата на шампините. Голем играч се станува само на големи натпревари. Малите и пријателски натпревари служат само за статистика, но не и за слава. Сега влегувам во нов олимписки циклус. Треба да бидам во топ форма во финалето, а не на полувремињата.
Постојат ли луѓе во македонската политичка фела кои сакаат да ви наштетат, плашејќи се дека имате што да откриете за нив?
Кога сте долго во овој бизнис тогаш ја научувате лекцијата дека треба да ја правите само вашата математика-како да бидете подобри и да имате одлична емисијата. Голема грешка е да ја правите математиката на противниците. Тогаш станувате дел од нивните сценарија. На врвот нема многу простор, има само разреден воздух и остри провалии. Со време човек научува како да се троши рационално и да балансира за да не падне. И мора да научите да се движите меѓу две крајности, меѓу она што Достоевски го кажува дека скромноста е губитничка особина и она што Италијаните го кажуваат дека ако сте ружа кога тогаш ќе процветате. Во основа се се сведува на правилно дозирање на суетата, амбициозноста и вложената енергија.
Кој според вас од лидерите на партии до сега во Република Македонија целосно ја заслужил власта, целосно се посветил на функцијата и бил наклонет кон народот? Има ли таков ?
Има политичари кои јас сум ги ценел и кои ја заслужуваат довербата на граѓаните. Но јавното фалење на некој од нив веќе би било навивање а не анализа. Таков луксуз јас никогаш не би си дозволил.
Што е тоа што треба да го засега македонскиот народ во денешно време, на што треба да го насочиме нашето внимание во наредниот период?
Народот треба да го засега само една работа-да го преживее оваа време. Ако преживее тогаш ќе има шанси да го промени животот на подобро. Не се сеќавам дека народ кој не преживеал потоа можел да живее подобро. Затоа целата енергија треба да ја канализираат само на една работа-да останат живи и здрави. А потоа да се борат и да чекаат да им падне седмица на лото. Но како велат никој не добил седмица на лото ако заборавил да го уплати ливчето. Затоа опстанете-се друго е секундарно.
Кое е вашето мислење за политичката криза и сега политичкиот диалог, какви се спротивставувања ќе има до крајот и дали ќе се реализираат изборите напролет онака како што доликува на едно демократско општество?
Сите кризи, како во реалниот живот, така и во политиката, се решаваат на три начини-со избори ( правите избор како сакате да живеете или која партија да ве води наредните четири години ), со развод, менување или разделување и со војна. Се надевам дека нашата криза ќе ја решиме со избори. Тоа си го должиме самите себеси и на идните генерации.
Ве прави ли нешто особено горд во животот, имате ли свое мото?
Дали ме прави нешто горд. Ако гордоста ја разбереме како уживање во успехот тогаш јас и не сум многу горделив човек. Но ако гордоста ја разбереме како енергија за подолго траење тогаш сум горд дека сум толку долго во игра и дека за моја среќа, а за несреќа на другите, наоѓам начин како да останам помалку потрошен од конкуренцијата. И да, не сум горд, туку среќен, бидејќи тоа не е работа на гордост туку на среќа со мојата ќерка Елени.
Има ли некој што го сметате за ваш наследник од новинарите кај нас, некој што би ја продолжил вашата мисија за дознавање и презентирање на вистината?
Јас не сметам дека некој треба да ме наследува. Дури по малку ми беа смешни сите оние обиди да бидат слични на мене. Ги гледав како вештачки сакаат да бидат агресивни во интервјуата. Јас не правев кариера со агресија, јас правев кариера со брзи прашања на кои соговорниците немаа одговор. Тоа се две различни работи. И турбо фолкот е поагресивна музичка форма од операта, но ретко кој од турбо фолкерите ќе остави силна историска трага. За жал насленик во медимуте не гледам, но на социјалните мрежи, на пример, сакам да ги читам статусите на Ина многу фина и на Бетмен велит. Не ги познавам но ја почитувам нивната енергија и мисла.
Што би им порачале на фановите и членовите на фан клубот “Васко Ефтов” oд Пелагонискиот регион?
Што да им порачам на фановите од Пелагонија? Да пијат златен даб на Широк сокак, едните имаат поубаво пиво, а другите поубави девојки. А може да биде и обратно. Јас никогаш не верувам само во една вистина, бидејќи за пивото и за девојките секогаш постојат најмалку две вистини.