Интензивно се работи на изградба на капелата на старите гробишта во Прилеп. Инвестицијата е 120.000 евра и ова ќе биде втора капела која се гради во Прилеп во период од само 2 години. Претходно,во 2015 година, капела беше изградена и на новите гробишта.
„Изградбата на капелата е барање на жителите од Прилеп кои имаат гробни места на овие гробишта. Со оваа капела спрема законот ќе се докомплетира и целиот простор на старите гробишта. Што значи дека Прилеп, покрај капелата која се изгради на новите гробишта, ќе добие уште една капела. Средствата за овој проект се обезбедени од Здружението кое управува со овие гробишта, но исто така дел од средствата ќе бидат обезбедени и од локалната самоуправа. Инвестицијата изнесува околу 120.000 евра“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Оваа капела ќе биде од помал обем за разлика од онаа на новите градски гробишта каде може да се изведуваат и по 4 погребални церемонии истовреме.
„Ова капела е со помал обем за разлика од онаа што е изградена на новите градски гробишта. Тука ќе може да се одвива само една погребална церемонија, а ќе има и други простории кои се потребни за објект од ваков карактер. Се надеваме дека со овие две капели ќе се задоволат потребите од ваков тип на градот Прилеп“, истакна Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП.
Се очекува изградата на капелата да биде завршена кон крајот на месец мај или почеток на јуни кога би била и пуштена во употреба.